За Џо Роган, американската политика и промените во светот, а во Македонија – ништо ново!

Иако не се согласувам со сите гледишта на Џо Роган, го слушам и го следам речиси 10 години. Не толку заради Џо, колку заради гостите. Веќе пишувавме за лошите страни на „преселбата“ на Џо Роган на Spotify, а последните случувања кои се закануваат да го замолчат може да се додадат на нашата листа.

Во најновиот развој на настани, Rumble (канадска онлајн видео платформа) му понуди на Џо да се пресели на нивната платформа за 100 милиони долари. Претседател на Rumble е Крис Павловски, технолошки претприемач од Канада со потекло од Македонија (неговата компанија Cosmic Development оперира и во Македонија). Rumble е една од водечките компании во борбата за демократизација во дигиталниот свет и го има тужено и Google за алгоритми кои го фаворизираат YouTube. Но, да се навратиме на Џо.

Rumble offers Joe Rogan $100 million to bring his podcast to the platform

Пишувавме и за интересните гости и за сосема новиот свет на интелектуалната темна мрежа (dark web) за кои дознавме од неговиот подкаст, а би ги наброиле само Graham Hancock, Randall Carlson, Sam Harris, Alex Jones, Jordan Peterson… навистина има премногу за намената на овој текст.

Кај него гостуваа и споделија интересни и неформални приказни Чак Паланик (авторот на Fight Club), Naval Ravikant, Квентин Тарантино, па дури и Илон Маск – но веќе и птиците знаат за тоа!

Џо е можеби заслужен за овој формат на неформален разговор со прочуени интелектуалци и за намерата да се споделат интересни неформални приказни од нивниот живот. Токму заради тоа обидот да се замолчи е опасен за слободата на говорот!

Кај него гостувале многу луѓе од американските „малцинства“, и тоа не обични, туку такви кои го градат јавното мислење и меѓу нив има луѓе со поинаква сексуална ориентација, конзервативни еврејски интелектуалци како Бен Шапиро или борци за црнечки права како Дерил Дејвис, кои длабоко ги разбираат расните проблеми и преобратуваат членови на Кју Клукс Клан!

Вистината е дека светот и луѓето од Македонија и другите заборавени делчиња од светот немаше да знаат за луѓето како Џордан Питерсон, Дерил Дејвис, Аби Мартин, Дејвид Чо и многу, многу други интелигентни луѓе кои имаат интересен и уникатен светоглед, да не беше Џо Роган.

Светот нема време да се задлабочува во проблемите и многу е полесно да се обележи некој, да се отстрани и да му се одземе платформата за право на говор – и тоа многу повеќе личи на расизам и шовинизам, отколку во некој неврзан разговор да се изговори некој збор, кој подоцна може да биде изваден од контекст.

Мејстрим медиумите рипнаа на приказната, додека во одбрана на Џо веќе излегоа интелектуалци како Стивен Краудер, Џордан Питерсон, Tим Пул, Расел Бренд, Дејв Рубин, Гад Саад, Бен Шапиро, кој разбира како функционира американската политика и објаснува кои се вистинските причини во обидот да се отстрани Џо Роган.

За крај, кај нас и во светот, кружат гласини дека зад движењето „Cancel Joe Rogan“ стои некоја агенда или завера. Видеата кои го дискредитираат Роган постојат веќе подолго време на интернет, а едно од нив е објавено и од другиот непријател на мејнстрим медиумите, пријателот на Џо, Алекс Џонс (на кој исто така му беа одземени платформите). Дури и самиот Алекс Џонс ја обвинува левицата за нападите врз Роган.

Вистината е дека светот се менува во насока која не е добра за правото на слободниот говор. Нешто што не и треба на оваа земја се уште теории на заговор. Наместо тоа, читајте повеќе вести од науката, колку и да се сиромашни тие содржини во нашата земја.

„Online mobs“ се опасна форма на „борци“ за правдина во светот, и тие не се поразлични од толпите кои со запалени факели бркаат некој „виновник“ (според нив) за да го запалат јавно, нешто на што уште пред повеќе од 100 години предупредуваше францускиот социолог Гистав Ле Бон во неговата култна книга „Психологија на толпата“.

Можеби не се согласувам со ставот на Џо Роган за вакцините, но ако немате доволно критичка мисла да ги истражите сите нешта самостојно без да ви каже некој што е вистината, тогаш секој медиум е опасен за вас и не треба воопшто ништо да гледате или да слушате.

За наша среќа, или несреќа, на дивиот запад наречен Македонија, каде не можеме да се избориме ни за право на чист воздух или за помалку ѓубре, тоа дали Џо Роган ќе има платформа или не, нема никакво значење. За малкуте кои се заинтересирани, купете си пуканки и подгответе се за патување низ зајачката дупка!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.