Доброто, лошото и грдото во тоа што Џо Роган се „сели“ на Spotify

Во неколку наврати имаме пишувано за нашиот омилен подкаст Џо Роган Експириенс и неговата популарност која се должи на светски достапниот медиум на YouTube. Најновата вест е дека од следната година подкастот ќе биде достапен исклучиво на Spotify.

Што знаеме за Spotify и кои се битните прашања кои нѐ засегаат?

1. Spotify не е достапен во Македонија!

*+

Пред да почнете да фрлате дрва и камења по оваа платформа, да се потсетиме дека таа не е достапна во ниту една земја од поранешна Југославија, како ни во Русија, а ни во поголемиот дел од Азија и Африка.

Нам лично мапава ни се чини по малку расистичка и наликува на некое елитно друштво, но се работи за приватна компанија и интерни правила и политики.

2. Spotify е аудио платформа за музика и подкасти на која не е достапно видео.

Луѓето претежно слушаат подкасти и честопати тоа го прават додека возат, еве некои од статистиките. Но, сепак Џо Роган е популарен токму заради видео опцијата и Spotify планира да ја воведе и таа опција, ексклузивно заради Џо.


3. Што е со коментарите?

Ако ги пролистате коментарите на видеата на Џо Роган, ќе воочите многу жестоки расправии. Токму самите слушатели на овој подкаст велат дека секцијата за коментари им е омилениот дел од овој подкаст. Слушателите на Џо имаат мислење за сѐ, тие се експерти за исхрана и помеѓу нив има такви кои практикуваат интермитент постење, палео диета, месојадачка диета, пескатеријанство и што сѐ не… теми на кои е дискутирано многу пати за време на подкастот. Тука ќе сретнете фитнес бронаучни експерти, DMT, LSD, MMA, THC, UFC, CBD… експериментатори, љубители на боречките вештини или методот на Вим Хоф и слично. Овие слушатели се колнат во нивните практики и не им даваат на другите недоволно информирани да се извлечат толку лесно. Коментарите честопати го дополнуваат тоа што не било кажано во подкастите. Опцијата за коментари не постои на Spotify.


4. Монополот не е добар за слободната мисла

Критикувајте го YouTube колку сакате, но се работи за моќен, сеприсутен и бесплатен медиум. Заради него и граѓаните на „утепаните“ земји (кхм-кхм…) се запознаени со светските популарни феномени, помеѓу кои и Џо Роган. Spotify е достапен само на нивната апликација која е елитистичка, како што напомнавме. Иако коментаторите на преселбата на Џо велат дека се работи за бунт против цензорските политики на YouTube, сепак се работи за калкулиран потег на еден успешен бизнисмен кој искористил поволна прилика.


5. Заклучок

Џо Роган можеби нема да биде достапен во нашата земја (ако не се случи чудо… како на пример PayPal да ни се смилува па да ни помогне да се отвориме кон светот во време на изолација), но сепак ќе ни останат клипчиња и извадоци на YouTube или, не толку легалните варијанти (шшш… не сте слушнале за нив тука!) како користење на VPN со кој ги лажете сајтовите кои ги посетувате за вашето потекло или симнување торенти. Но, ако искористите VPN тогаш треба да платите со картичка на земја за која се претставувате, а македонските граѓани не смеат да имаат странска картичка, како на пример Paypal!? Така се вртиме во еден бесмислен круг во една парадоксална приказна за правата да заработиш и да ги користиш тие пари на слободен начин во модерниот свет.

Лично, после 10 години следење Џо Роган ќе се откажам од него, не затоа што сум лут, туку едноставно изморен од тоа да исправам криви дрини само за да имам слобода да слушам еден подкаст.

Чао Џо, здраво Шведска!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *