Мапа на електронско Скопје: отворен архив на градот

По трите онлајн изложби на флаери, проектот „Електронско Скопје“ доби и интерактивна мапа на клубовите, журките и привремените простори. Со неа се обидуваме зачуваните најави да ги поврземе со градот во кој се случувале – со местата, луѓето и приказните зад имињата.

Каде се собираше сцената?

МКЦ, Метропол, Аквадро, Сачмо, Planet Max, Менада, Пони, The Club… Некои имиња и денес веднаш повикуваат слика. За други ни треба потсетување, нечие сеќавање или мало упатство од флаер: „позади градежен“, „стара скопска чаршија“, „под хале до клизалиште“.

Мапата ги спојува податоците од флаерите со личните сведоштва и информациите собрани преку разговорите за алтернативно Скопје. Почетната верзија содржи 31 градско место и 64 архивски записи, со програми, имиња, фотографии и врски до изворните материјали. Опфатен е периодот од деведесеттите до 2008 година, според досега собраните траги.

Може да се пребарува по место, диџеј или настан, да се разгледуваат флаерите и да се следат врските меѓу просторите и програмите. Местата за кои сè уште немаме координати остануваат во списокот – можеби токму некој од посетителите ќе помогне да ги поставиме на мапата.

Градот се дополнува од сеќавање

Ова е работна мапа, отворена за корекции. Дел од локациите се познати, други се означени приближно, а за трети сè уште бараме просторна трага. И самите места се менувале: ново име, друга програма, поинаква публика во истиот простор.

Затоа ни требаат луѓето што оделе таму. Ако препознавате клуб, паметите влез, адреса, година или журка, споделете го тоа преку „Дополни ја приказната“ на мапата или пишете на contact.arno.mk@gmail.com. Добредојдени се и фотографии, флаери, влезници и корекции на имиња и датуми.

Уште еден слој на скопската меморија

„Електронско Скопје“ е сестрински проект на „Алтернативно Скопје во 1990-тите“, мапата што тргна од книжевните траги во „3 минути и 53 секунди“ на Берт Стајн и се прошири кон клубовите, свирките и собиралиштата на една деценија.

На Арно.мк веќе ги поврзуваме градските места и приказни преку мапите на скопските графити, видеотеки и книжарници. Заедно, тие собираат различни делови од секојдневната култура на градот – каде сме се среќавале, што сме гледале и читале, каде сме цртале и танцувале.

Благодарност до сите што споделија материјали и сеќавања, особено до Билјана Кочоска (Japan@mk), ФБ-страницата „In loving memory of The Club“, Leni von Geleva, Горан Костовски (ind.o.g), Катерина (Mileskaya) и учесниците во разговорите што помогнаа да ги поврземе трагите.

Отворете ја мапата на електронско Скопје ↗
Разгледајте ги и трите изложби на флаери ↗

Автор и уредник на проектот: Бранко Прља (Арно.мк/Временска капсула).

Извори и благодарност

Благодарност до сите што споделија флаери, фотографии, информации и лични сеќавања и помогнаа да ги поврземе местата, луѓето и настаните на скопската електронска сцена.

Посебна благодарност до Билјана Кочоска (Japan@mk), чија лична архива беше појдовна точка за изложбите, до ФБ-страницата „In loving memory of The Club“ ↗, како и до Leni von Geleva, Горан Костовски (ind.o.g) и Катерина (Mileskaya) за споделените материјали, насоките и поддршката.

За информациите, просторните траги, сеќавањата и корекциите во ФБ-дискусиите им благодариме и на Андреј Марјановиќ, Васил Буралиев, Дарко Атковски, Тони Димитров, Александра Симова, Танија Иванова, Ѓоко Карајановски, Роберт Алаѓозовски, Милан Точиновски, Јован Стефанов и Тошо Филиповски, како и на сите други што се вклучија во разговорите.

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google

Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *