Радмила Угринова-Скаловска на Википедија

Сè почна со исечок од „ЛИК“ од 12 септември 1990 година, споделен во фејсбук-групата „Вчерашни вести“. Инспирирани од архивската фотографија, на Арно.мк објавивме уметничка интерпретација на портретот на Радмила Угринова-Скаловска. Под објавата се јавија луѓе од различни генерации — писатели, професори, македонисти и нејзини поранешни студенти. Многумина ја паметеа како „нивната професорка“.

За некои таа беше „најдобрата професорка“, за други „драга“, „омилена“ и „прекрасна личност“. Некој ја опиша како „строга, но добар педагог“, а други се присетија како им развила љубов кон „старословенскиот јазик и македонистиката“. Имаше и предлог да влезе во „Македонската куќа на славните“, покрај Блаже Конески, Божидар Видоески и Оливера Јашар-Настева.

Од тие реакции дојде и идејата да подготвиме статија за Радмила Угринова-Скаловска на македонската Википедија. Додека ги собирав изворите, ми остана во мислите една сцена од текстот на Емилија Црвенковска во „Окно“, нејзина студентка, соработничка и пријателка.

Таткото на Радмила имал дуќан во скопската чаршија. Кога ќе наврател некој од скопските села, го замолувал да одговори на прашањата на ќерка му. Така таа собирала материјал за дипломската работа „Говорите во Скопско“, објавена во 1951 година.

Од скопските говори до старите ракописи

Како што пишува Емилија Црвенковска во Slovo, Угринова-Скаловска припаѓала на првата генерација дипломирани македонисти во Скопје. Таа и Божидар Видоески биле првите асистенти на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Предавала старословенски јазик и споредбена граматика на словенските јазици, а учествувала и во работата на македонскиот правопис.

Во 1964 година под нејзино раководство почнала да се утврдува методологијата за речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. За проектот се избирале ракописи и се обезбедувале снимки од библиотеките каде што се чуваат. На речникот работела како редакторка до крајот на животот, како што е наведено на страницата за стогодишнината. Со Зденка Рибарова го приредила „Радомирово евангелие“, за кое ја добиле наградата „Гоце Делчев“, а со Вангелија Десподова го приредила вториот том на „Добромирово евангелие“.

Нејзиното име стои и на книги што можеби сме ги читале без да запомниме кој ги превел. Ги превела „Панонските легенди“ од црковнословенски, а во библиографијата на нејзините трудови е наведен и преводот на „Декамерон“ од Бокачо.

Фотографии од Емилија Црвенковска

Посебна благодарност до проф. д-р Емилија Црвенковска за поддршката при подготовката на статијата и за фотографиите што ни ги отстапи за оваа објава. Во галеријата има портрети, фотографија на работна маса и снимки од предавања и јавни настапи. На една од нив зад говорницата се гледа натписот на Семинарот за македонски јазик, литература и култура.

Фотографиите ги достави проф. д-р Емилија Црвенковска.

Прочитајте ја статијата за Радмила Угринова-Скаловска на македонската Википедија.

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google
Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *