Од научни лаборатории до филмски платна, „Титан Усје“ го проширува своето присуство во јавниот живот. Во Скопје, изгледа, полесно се проветрува корпоративниот имиџ отколку воздухот.
Кого го мрзи да чита, да му сумираме: не сме против цементот и бетонот – „бетонот на децата им треба“, што би рекол Рамбо Амадеус. Нека премине Усје на почисто гориво како природниот гас, нека не согорува отпад и нека ги намали емисиите, со независни мерења и јавно достапни резултати. Гасот нема магично да го отстрани целото загадување, ама ни спонзорствата не го отстрануваат – само ни го замаглуваат видот (no pun intended). Нека вложува компанијата во почисто производство со истиот ентузијазам со кој вложува во сопствениот имиџ, па со задоволство ќе напишеме позитивен текст. И тоа бесплатно!

Благодариме за инструментот. Смееме ли да го употребиме?
Што се случува кога институциите од кои очекуваме да ги проверуваат загадувачите добиваат поддршка токму од нив? Добиваме подобра опрема, поубави фотографии од ракувања и едно непријатно прашање: кој ќе го проверува добротворот?
Поводот е новиот меморандум меѓу ПМФ и „Титан Усје“, објавен на 6 ноември. Соработката опфаќа практична настава и размена на знаења, а компанијата претходно помогнала со опремување лабораторија во 2023 и набавка на научен инструмент во 2024 година. Во соопштението сѐ е на своето место: младите, иднината, знаењето, развојот. Уште воздухот да се усогласеше со корпоративната визија.
ПМФ, секако, не е инспекторат. Не издава казни и не затвора фабрики. Но е дел од научната заедница од која очекуваме независно знаење, истражувања и стручни одговори.
Токму затоа врската со индустријата бара повеќе транспарентност од свечена фотографија. Смеат ли истражувачите слободно да го испитуваат донаторот? Смеат ли да објават резултати што нема да му се допаднат? Кој го гарантира тоа и каде можеме да го прочитаме?
На студентите им треба опрема. На научниците им требаат лаборатории. Но, им треба и слобода да кажат: „Благодариме за инструментот. Резултатите се непријатни“. Тоа би била практична настава што вреди да се посети.
Воздухот има историја, соопштението има кратка меморија
Сомнежот на јавноста не настанал од „чиста мира“. Во јануари 2023 инспекцијата утврдила надминување на азотни оксиди од котларата за загревање на просториите во Усје. Компанијата го признала отстапувањето и најавила преминување на природен гас. За прецизност, кај проверените оџаци од производствениот процес тогаш не биле утврдени надминувања. Критиката мора да ја зачува оваа разлика, особено кога бара од другите чесно да ги прикажуваат мерењата.
Во јануари 2026, РСЕ известуваше за протести и барања за независен мониторинг. Усје го бранеше својот систем за следење на емисиите, а Инспекторатот навел шест надзори во 2025 без утврдени неправилности. Во февруари, според друг извештај на РСЕ, сѐ уште немало обвинителска одлука по кривичната пријава од 2023. Овие податоци не го утврдуваат вкупниот придонес на Усје кон скопското загадување. Покажуваат колку ни се потребни независна проверка и доверба во институциите.
А довербата тешко се гради ако јавноста мора да погодува дали утрешниот критички наод ќе ја загрози задутрешната донација. Не мора некој да испрати наредба за молчење. Доволно е да се создаде чувство дека незгодните прашања се неблагодарност. Тука почнува проблемот што ниту еден нов инструмент не може сам да го реши.
Од лабораторија до саксија
ПМФ не е единствениот пример за поврзување на Усје со академската заедница. Во јуни 2025 компанијата поделила над 2.000 садници сезонско цвеќе во акција со Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“. Во објавата се наведува и претходно потпишан меморандум за соработка. Поводот бил Светскиот ден на животната средина. Симболиката сама си го напишала соопштението.
Цвеќето е убаво. Нека го има повеќе. Но сезонските садници не се мерна единица за индустриски емисии, а саксијата не е независен еколошки извештај. Кога компанија со ваква јавна контроверзија се појавува покрај институција посветена на екологијата, таа добива и нешто друго освен можност да подели цвеќе: дел од угледот на институцијата.
Поддршката стигнува и до културата. Самата компанија објавила дека ја поддржала „Филхармонија на отворено 2026“. На отворено, значи. Таму каде што воздухот е составен дел од програмата.
Добредојдовте на „Смоговски филмски фестивал“

А потоа доаѓаме до филмот. На својата официјална страница, Скопје Филм Фестивал го наведува „Титан Усје“ меѓу поддржувачите на изданието за 2026 година. Значи, оваа врска не е шпекулација, туку јавно објавен податок од организаторот.
Во таа чест, предлагаме мала промена на името: „Смоговски филмски фестивал“. Автентично, локално и со веќе обезбедена сценографија. Може и награда „Златна ПМ-честичка“, за најуспешно замаглување на границата меѓу културна поддршка и корпоративна промоција. Црвениот тепих нека остане, само нека се истресе пред следната проекција.
Фестивал што сака да биде простор за авторски поглед и слободна мисла треба да го насочи тој поглед и кон сопствениот список на поддржувачи. Лесно е да аплаудираме на филм во кој храбар поединец се спротивставува на моќна компанија. Малку потешко е по проекцијата да се свртиме кон логото зад говорницата.
Ова не е обвинување дека Усје ја уредува програмата. За такво нешто немаме доказ. Критиката е за изборот на спонзор и за угледот што фестивалот му го дава. Уметноста има право да поставува непријатни прашања. Публиката го има истото право кон уметничките организации.
Совеста не е ставка што се кратела од буџетот
Нашиот став е дека секој што има трошка совест треба да одбие спонзорство од Усје. Особено институциите и организациите чиј највреден капитал е јавната доверба.
Тоа е етички повик, а не тврдење дека секој примател на донација веќе премолчил нешто или дека секоја поддршка е незаконска.
Знаеме дека науката и културата немаат доволно пари. Токму затоа ова е и повик за помош кон државата и општините што ги оставаат да бараат спас каде што ќе стигнат. Но сиромашниот буџет не го укинува прашањето од кого земаме пари и што му даваме за возврат. Понекогаш возвратот е само лого. А понекогаш токму логото е највредниот дел од зделката.
Донацијата може да купи инструмент, проекција или концерт. Не би требало да послужи како јавна потврда дека сите други прашања за донаторот се решени. Науката и културата имаат општествена вредност и затоа што можат да бидат непријатни за моќните. Ако тој капацитет го изгубат, ќе останат убаво опремени простории во кои внимателно се избира што смее да се каже.
А сега, збор-два до потенцијалниот спонзор

За крај, ги замолуваме Усје да нѐ спонзорираат и нас. Да напишеме и ние некој позитивен текст за нив. Имаме тастатура, простор за лого и неколку придавки што досега неодговорно сме ги чувале за луѓе што прават добро без соопштение.
Сатира на страна, имаме и посериозен предлог: парите наменети за нашиот позитивен текст нека ги вложат во намалување на емисиите. Нека објават јасен план за почисто производство, со рокови, конкретни инвестиции и мерливи цели. Нека бидат јавно достапни податоците за горивата што ги користат и емисиите што ги испуштаат, со независна проверка и објаснување разбирливо за граѓаните. Преминувањето на почисти горива, како природниот гас, може да биде дел од решението; резултатите треба да покажат колку навистина е подобрен воздухот.
Истото важи и за примателите на поддршката. ПМФ нека ги објави условите на соработката и гаранциите за научна независност. Фестивалите и културните институции нека објаснат според кои критериуми избираат спонзори. Јавноста има право да знае што добива донаторот покрај благодарницата и логото.
Ако Усје покаже проверливо намалување на загадувањето, со задоволство ќе напишеме позитивен текст. Бесплатно. Нашиот интерес е фабриката да работи почисто, а граѓаните да дишат подобро. Токму затоа бараме повеќе од убаво соопштение.
Дотогаш, предлогот за наслов останува: „Усје ја поддржува независната критика — особено кога е позитивна“. Со надеж дека еден ден ќе можеме да го замениме со нешто помалку духовито, а многу покорисно: „Усје ги намали емисиите. Еве ги податоците.“