Натриум или литиум – што е иднината на големите батерии?

Соларните централи произведуваат најмногу струја преку ден, но потребите за електрична енергија не завршуваат со заоѓањето на сонцето. Затоа, со изградбата на нови централи сè поважно станува и прашањето каде да се складира произведениот вишок. Големите батериски системи веќе стануваат дел од енергетската инфраструктура, а изборот на батерии влијае врз цената, просторот што го зафаќаат и нивната работа во различни временски услови.

Таков пример има и кај нас. Батерискиот систем покрај соларната централа во Новаци може да испорачува 30 мегавати околу два часа. Така, дел од струјата произведена преку ден може да се искористи навечер, кога сонцето веќе зашло, а во домовите се вклучуваат светлата, рерните и другите апарати.

Засега, на овој пазар убедливо водат литиум-железо-фосфатните батерии, познати како LFP. Според Меѓународната агенција за енергија, во 2025 година тие се користеле во околу девет од десет нови батериски инсталации за складирање електрична енергија во светот. Само пет години претходно нивниот удел бил помал од половина. Натриум-јонските батерии се обидуваат да им конкурираат, меѓу другото и со добрата работа при ниски температури. Но за поширока примена ќе треба да надминат неколку пречки, почнувајќи од просторот што им е потребен.

Натриумот мора да се вклопи во контејнер

Во контејнер долг околу шест метри, системот на CATL со LFP батерии има капацитет од 6,25 мегават-часови (MWh). Натриум-јонските ќелии засега складираат помалку енергија во ист простор. Тоа значи дека за ист капацитет може да бидат потребни повеќе контејнери, поголема површина и поскапа монтажа. Сепак, според анализата на Меѓународната агенција за енергија, во подрачја со студени зими нивната подобра работа при ниски температури може да ги оправда овие дополнителни трошоци.

Предизвик е и снабдувањето со материјали. За една од електродите во натриумските батерии се користи тврд јаглерод, кој може да се добие, на пример, од лушпи од кокос. Како што посочува Меѓународната агенција за енергија, неговото производство и снабдување сè уште не се доволно развиени и главно се концентрирани во Кина. Дополнително, кога литиумот поевтинува, на производителите на натриумски батерии им станува потешко да понудат пониска цена.

Сликата за оваа технологија во 2026 година е мешана. Според пазарната анализа на Benchmark Mineral Intelligence, откажани се проекти за натриумски батерии со вкупен планиран капацитет од над еден гигават-час. Истовремено, CATL и HyperStrong склучија тригодишен договор за испорака на натриум-јонски батерии со вкупен капацитет од 60 гигават-часови. Договорот покажува дека постои интерес за технологијата, но дури со реализацијата на проектите ќе се види колкав дел од најавениот капацитет ќе биде пуштен во работа.

До каде е Македонија во овој поглед?

Покрај системот во Новаци, кој има капацитет од 60 MWh, од мај 2026 година работи и батерискиот систем на ЕВН кај фотоволтаичната централа во Пробиштип. Неговата моќност е 10 мегавати (MW), а капацитетот е 20 мегават-часови (MWh). Разликата меѓу двете мерки е едноставна: моќноста покажува колку струја може да испорачува системот во даден момент, а капацитетот — колку енергија може да складира. Во случајот со Пробиштип, целосно наполнетата батерија може да испорачува 10 MW околу два часа.

Во Осломеј, на просторот на поранешниот рудник за јаглен, покрај соларната централа се поставува систем со моќност од 50 MW и капацитет од 200 MWh. Во Битола, пак, ЕСМ планира самостоен батериски систем од 100 MW и 400 MWh, доволен за околу четири часа работа со номинална моќност. Според проектната страница на Европската банка за обнова и развој, во ноември 2026 година проектот во Битола сè уште беше во постапка на финална ревизија.

Државниот план за 2026 година предвидува 96 складишта за електрична енергија со вкупен капацитет од речиси 5 гигават-часови (GWh). За споредба, соседна Бугарија до мај 2026 година веќе имала инсталирани 8,6 GWh. Според анализата на Ember, таму изградбата ја забрзале државната финансиска поддршка и брзото издавање дозволи.

Прашањето што се случува со вишокот струја ги засега и домаќинствата со сопствени панели. Сончевиот калкулатор на Арно.мк помага да се процени колку електрична енергија можат да произведат панелите, а текстот за нето-мерење објаснува како предлог-законот ја уредува пресметката на вишокот предаден во мрежата.

Колку чини батеријата кога ќе стигне до мрежата?

Цената на батериските ќелии е само дел од вкупната инвестиција. Во ноември 2026 година, ќелиите наменети за складирање електрична енергија во Кина се нудеа по цена од околу 50–60 долари за киловат-час капацитет. Во Европа цените се намалуваа, додека во САД растеа. Врз крајната цена влијаат и царините, правилата за потекло на компонентите и даночната политика на земјата извозник. Кина, на пример, во април 2026 година го намали повратот на ДДВ при извоз на батерии од 9 на 6 проценти, а според одлуката објавена од кинеската даночна управа, целосно го укинува од 1 јануари 2027 година.

Иако светските фабрики во просек користат околу половина од своите капацитети за производство на батериски ќелии, понудата е силно концентрирана. Според Benchmark Mineral Intelligence, десетте најголеми добавувачи, сите со седиште во Кина, испорачале околу 90 проценти од ќелиите за стационарно складирање во 2025 година. На цената на тие ќелии треба да се додадат системите за ладење, инверторите што ја приспособуваат струјата за мрежата, монтажата и приклучувањето. За исплатливоста се важни и условите на гаранцијата, како и постепеното намалување на капацитетот со текот на годините.

Побарувачката дополнително ја зголемуваат центрите за податоци. Во нив, помалите батериски системи овозможуваат серверите да продолжат со работа при прекин на струјата, додека се вклучи резервното напојување. Поголемите системи можат да помогнат и при нагли скокови на потрошувачката. Според индустриска проценка наведена во извештајот на Меѓународната агенција за енергија, до 2030 година проектите поврзани со центри за податоци би можеле да учествуваат со околу 30 проценти во американската побарувачка за стационарно батериско складирање.

Засега, LFP батериите имаат предност кај големите системи што секојдневно се полнат и празнат. Натриумските батерии, според проценките на Меѓународната агенција за енергија, би можеле полесно да најдат примена во постудени подрачја, каде што нивните предности можат да го оправдаат поголемиот простор што го зафаќаат. Дали со текот на времето ќе станат пошироко користена алтернатива, ќе зависи и од цената и од искуствата со нивната работа. За централата во Новаци, како и за секој друг ваков проект, пресметката на крајот е практична: колку ќе чини складирањето и испораката на секој мегават-час во текот на целиот работен век на системот.

Токму таа пресметка помага да се разбере зошто литиум-јонските батерии сè уште имаат предност пред новите технологии. Повеќе за ова во видеото на Benchmark Mineral Intelligence во продолжение.

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google

Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *