Десет години „Дај, не фрлај“ – сѐ почна со едни детски чизмички

„Ајде да почнеме:)“ напишав пред десет години и објавив фотографија од два пара чизмички на моите деца. И двата број 27. Едните есенски, другите жолто-црни пчелички. На крајот допишав „двата пара се дадени“. И така започна групата „Дај, не фрлај“.

Тој ден, со Владимир Карер ја отворивме групата „Дај, не фрлај“, токму на Black Friday. Додека од сите страни нѐ повикуваа да купуваме, ние ги поканивме луѓето да погледнат што веќе имаат дома и што би можеле да подарат. Се потсетивме како сме носеле облека од постарите браќа и сестри, од братучедите и од децата на семејните пријатели. Сакавме да видиме дали таа навика може да заживее и меѓу луѓе што никогаш не се сретнале.

Десет години подоцна, во групата сме 90.000 членови. Во меѓувреме, по наша препорака, луѓе од други градови отворија свои локални групи, на некои им направивме и банер, на сите им кажавме да го ископираат нашиот манифест, а некои станаа и национални.

Што се подарува во еден месец?

Во мај 2025 седнавме да преброиме. За еден месец изброивме 468 подарени предмети. Меѓу нив имаше 210 парчиња облека, 145 парчиња мебел, 39 предмети од детска опрема и 27 технички уреди.

Во последната година, од 25 ноември 2025 до 24 ноември 2026, во групата имало 5.865 објави и 30.038 коментари. Меѓу нив има понуди за подарување, барања и многу од оние секојдневни договори за тоа кој и кога ќе дојде по креветот, количката или кафематот.

Луѓето зад „Дај, не фрлај“

Ги паметам непреспиените ноќи, особено во првата година, кога вложував многу време за групата да опстане и за луѓето да разберат зошто ја отворивме и како сакаме да функционира. Често им пишував на членовите поединечно и им ја објаснував идејата на групата и зошто се важни правилата. Поминаа неколку години додека „Дај, не фрлај“ стана име што луѓето го препознаваат. Само јас и моето семејство знаеме колку време и нерви ме чинеше тоа. Никој нема да ми го врати тоа време. Но, вредеше тогаш, а и денес мислам дека вреди.

Во тие породилни маки на „Дај, не фрлај“ клучна улога имаше Нада Јовчевска (Nadin Ilieaux). Нејзиното искуство од водењето на „Размена на книги и книжевни муабети“ многу ни помогна додека учевме како да ја водиме нашата група.

Мојата улога во групата одамна има два аспекта, идеолошко-филозофски и стратешки. Се грижам за принципите врз кои ја основавме групата и за насоката во која таа се развива. Секојдневната работа ја носат луѓето што ги прегледуваат објавите, ги одобруваат новите членови и се грижат да се почитуваат правилата.

Слаѓана Груева Стојановска, Елена Трајкоска и Дафина Николовска модерираат уште од првата година. Соња Митриновска-Боева и Марија Ѓорѓевиќ се приклучија подоцна и нивниот придонес е подеднакво значаен. Нивната работа ретко се гледа, па токму на овој јубилеј сакам да им се заблагодарам јавно и со име и презиме. Фала им и на сите што во изминативе десет години одвојуваа време да ја водат и модерираат групата.

Што паметите вие?

Јас ги паметам чизмичките пчелички. А вие, што сте подариле или добиле преку групата, а сѐ уште го паметите? Можеби првиот велосипед на вашето дете дошол од некој што дотогаш не сте го познавале. Можеби сте подариле нешто што со години ви стоело дома, па подоцна сте добиле фотографија од неговиот нов дом.

Фала ви на сите што подарувавте, што побаравте нешто кога ви требаше и што ја пренесовте идејата во својот град.

Среќен десетти роденден, „Дај, не фрлај“! За многу години!

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google
Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *