Утопијата во пракса: „Дај, не фрлај!“ во бројки

На 25 ноември 2016 година, како контрапункт на потрошувачката хистерија наречена „Black Friday“, беше отворена групата „Дај, не фрлај!“ од Бранко Прља и Владимир Карер. Денес, девет години подоцна, оваа иницијатива прерасна во едно од највлијателните онлајн движења за споделување ресурси и изградба на доверба меѓу граѓаните.

Во својот прв пост, основачите ја поставија јасната мисија:

Да изградиме општество во кое подарувањето е примарно, а купувањето секундарно… Да ја урнеме потрошувачката парадигма којашто владее со сите нас.“

Од првиот ден, групата не функционираше како класичен огласник. Немаше продавање, нема ни денес. Нема рекламирање на приватни бизниси, нема профит. Подарувањето е централната вредност, а взаемната доверба – основен механизам.

Само во мај – речиси 500 подарени предмети!

„Дај, не фрлај“ функционира како еден дигитален анти-капиталистички експеримент: мини-анархија, кибер-социјализам, како што го нарекуваат самите основачи. Но, зад идеализмот стојат конкретни резултати:

Во мај 2025, преку групата „Дај, не фрлај“ беа подарени дури 468 предмети!

Наместо да завршат на депонија, тие добија втор живот!

🔹 Еве како изгледа распределбата на подарените предмети:

  • 🛋 Мебел – 145 предмети
  • 👕 Облека – 210 парчиња
  • 🔌 Техника – 27 уреди
  • 🍼 Детска опрема – 39 работи
  • 🍽 Кујна / Дом – 26 предмети
  • 📚 Останато – 21 подарок

Секој подарок значи помалку отпад, повеќе солидарност и поголема еко-свест. 🌱

Вкупно досега – над 50.000 предмети!

Според проекции, од основањето до денес се подарени над 50.000 предмети, што значи 50.000 помалку купени, фрлени или складирани работи.

Во групата нема финансии – дословно 0 денари се потрошени за нејзиното функционирање, а сепак има над 71.000 членови, кои секојдневно разменуваат доверба, помош и добрина.

ноември 2016 – јуни 2025
Организација без профит, но со многу труд

По првичниот наплив на членови, администрирањето стана предизвик. Бранко Прља споделува дека имал непроспиени ноќи додека се справувал со постовите, правилата и управувањето на заедницата. Во една порака, Владимир Карер му одговорил:

„Сега знаеш како е да се води држава.“

Клучната улога во одржувањето на групата ја имаат и Елена Трајкоска, Слаѓана Груева-Стојановска, Тимур Чековиќ, Дафина Николовска, како и поновите админки Соња Митриновска-Боева и Марија Ѓорѓевиќ. Ниту една од нив нема лична корист, но придонесот за општеството е немерлив.

Утопија што практично функционира

Групата е пример за тоа како утописки идеали можат да се преточат во практично решение. Без парични средства, без реклама, без институционална поддршка, „Дај, не фрлај“ прерасна во движење кое се прошири и во други градови. Во Велес, Битола, Куманово, Штип и други места функционираат локални групи со исти вредности. Вкупно, ако се соберат сите регионални „Дај, не фрлај“ заедници, движењето има преку 150.000 членови.

Технологијата како средство за промена

Во еден од своите текстови, Бранко Прља пишува:

„Веруваме дека секој од нас може да го смени светот и се’ што му треба е стимулативна средина… Потребна ни е доверба, разбирање, позитивност за да преминеме од егзистенцијални кон цивилизациски постигнувања.“

Групата е токму тоа – средина што стимулира. Иако започна со размена на облека и мебел, нејзиниот вистински ефект е во создавањето на култура на грижа, на поврзаност и одговорност. Во време на индивидуализам и комерцијализам, „Дај, не фрлај“ нуди алтернатива: активна заедница што не чека системот да се поправи – туку самата е системот што сака да го види во светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *