Архива на електричниот пркос: дефинитивен попис на македонските бит-состави (ВИС-ови) во 1960-тите

Ова требаше да биде едноставна задача: да се направи конечен список на „бит“ или Вокално-инструментални состави (ВИС) од Македонија во 1960-тите. Но, како и секоја археологија во оваа земја, штом ќе загребеш под површината, сфаќаш дека „конечното“ е илузија.

Секој пат кога мислевме дека ја имаме целата слика, дека картата е исцртана, екипата од ВБУ Музички регистар се појавуваше со ново име, нова изгубена фотографија од некој подрум во Прилеп или скен од стар весник-запис за гитаријада во Гостивар или Ресен. И тука лежи првиот пораз на нашиот систем: најголемиот, најдетален и најжив архив на македонската музичка меморија не се наоѓа во архивите на Министерството за култура, туку на Фејсбук!

ВБУ Музички регистар (на нивната ФБ страница на која денес е најактивен Златко Ангелески од Прилеп) и Тошо Филиповски (по потекло од Кочани) се чуварите на овој оган што во секој момент се заканува да згасне. Додека институциите во Скопје спијат врз буџети, она што скопјаните го нарекуваат „провинција“ – со тврдоглав ентузијазам ја спасува историјата од заборав. Тошо прави енциклопедии и монографии, а ВБУ преживува како дигитална герила. Овој текст е посветен на нив, и на 95 групи кои ги ископавме од тишината. (Се разбира постојат и други архивари-ентузијасти, за нив во некоја друга прилика)

Контекст: Уривање и изградба (1963)

За да го разбереме овој список, мора да се вратиме во 1963 година. Тоа е годината на земјотресот, годината на смртта на старото Скопје, но парадоксално – и годината на раѓањето на новата вибрација.

Додека градот ги лижеше раните, под урнатините почна да пулсира ритам. Земјотресот не ја создаде сцената, но ја направи видлива и неопходна. Музиката стана терапија, психолошки вентил, доказ за нормалност. Бендовите како „Безимени“ свиреа за да го кренат духот на преживеаните, користејќи ја музиката како градежен материјал за душата.

Тогаш се раѓа терминот ВИС (Вокално-инструментален состав). Тоа беше нашето „The“ – легитимација дека ова не е само група хулигани, туку организирана младина. Од „Бисери“ кои почнаа пред земјотресот, преку „Бомико“ кои ги заменија мексиканските песни со рокенрол, па сè до „Рубини“ во Прилеп кои правеа гитари од делови на радио-апарати – 1963 беше годината кога Македонија се вклучи во струја.

Што се крие зад името? Куса анализа на имињата на ВИС-овите од 1960-тите

Подолу се наоѓа најкомплетниот список на македонската рок музика во 1960-тите години составен досега. Бројката е фасцинантна: 95 евидентирани состави.

Првото нешто што паѓа во очи е „Феноменот Ресен“. Во гратче кое денес едвај задржува млади луѓе, во 60-тите постоеле дури 7 активни рок-состави. Ако се додадат и селата како Сопотско или Долно Лакочереј (Охридско), станува јасно дека рокенролот не бил привилегија на скопскиот асфалт. Електричната гитара била главниот медиум за комуникација на цела една генерација, од „Црни бисери“ во Виница до „Кардинали“ во Кичево.

Вториот слој на оваа археологија се имињата. Тие се директен одраз на „Вселенската трка“ и технолошкиот оптимизам на епохата. Младите не пееле за нивите, туку гледале во ѕвездите: „Андромеди“, „Комети“, „Нови орбити“, „Болиди“, „Сателити“, „Изотопи“, „Електрони“, „Атоми“. Тоа била генерација која сакала да биде модерна, научна и глобална.

Постои и интересна еволуција на идентитетот. Од раната фаза на имитирање на The Shadows со елементарни имиња („Сенки“, „Елиси“, „Вихори“, „Молњи“, „Урагани“), кон крајот на деценијата се преминува во побунтовни и помрачни територии („Робијаши“, „Монструми“, „Мумии“, „Гробари“).

Интересен е и парадоксот на системот: овие бендови, иако свиреле „западна музика“, биле институционално поддржани. Имињата како „Гимназијалци“ или „Ученици“ откриваат дека училиштето, а не гаражата, било базата. Социјализмот, иронично, го финансирал сопствениот културен „непријател“ купувајќи им инструменти на младите.

Микро-архив: картата на македонскиот бит (1960-1969)

Еве ги хероите, подредени по своите бази:

Битола (5)

  • „Елиси“
  • „Комети“
  • „Молњи“
  • „Робијаши“
  • „Скромни“

Богданци (1)

  • „Бодоти“

Валандово (2)

  • „Весели момчиња“
  • „Златни стени“

Велес (7)

  • „Би-ес“ (познати и како „Би-си“)
  • „Викинзи“
  • „Елипси“ (некогаш веројатно грешно наведени и како „Елиси“)
  • „Изотопи“
  • „Јужни“
  • „Молњи“
  • „Триумфи“

Виница (3)

  • „Атоми“
  • „Црни бисери“
  • „Црни орфеи“

Гевгелија (6)

  • „Воденични камења“ (понекогаш и како „Воденички камења“)
  • „Јужни Ѕвезди“
  • „Тајфуни“
  • „Ученици“
  • „Хенрих III“
  • „Хенрих IV“

Гостивар (3)

  • „Млади“
  • „Пламени“
  • „Торнадо“

Кавадарци (3)

  • „Анонимни“
  • „Идентитет“
  • „Младост“

Кичево (2)

  • „Кардинали“
  • „Медузи“

Кочани (4)

  • „Генесис“
  • „Тенеси“
  • „Сафири“ (подоцна преименуван во „The Invaders“)
  • „Inspiration“

Кратово (2)

  • „Кратиси“
  • „Кратофлекси“

Куманово (2)

  • „Глечери“
  • „Ривали“

Неготино (3)

  • „Урагани“ (Наведени во весник од 1969 година, не е сигурно дали е грешка или се работи за скопскиот состав „Урагани“)
  • „Кристали“
  • „Освојувачи“

Охрид (3)

  • „Беат-мини“
  • „Мумии“
  • „Соколи“ (с. Долно Лакочереј)

Прилеп (4)

  • „Група 007“
  • „Електрони“
  • „Сент ејт“
  • „Хелп“

Радовиш (1)

  • „Бизнисмени“ од Радовиш.

Ресен (7)

  • „Андромеди“
  • „Бесни звуци“ (с. Сопотско)
  • „Болиди“
  • „Долтони“
  • „Конџоли“
  • „Монструми“
  • „Нови орбити“

Свети Николе (3)

  • „Гимназијалци“
  • „Идеали“
  • „Фантоми“

Скопје (23)

  • „3+3“
  • „Акватани“
  • „Безимени“
  • „Бис-без“
  • „Бисери“
  • „Вики енд комп.“ (понекогаш наведени како „Вики енд Колт“
  • „Вихори“ (понекогаш наведени како „Виори“)
  • „Група 17“
  • „Среќни Баксузи“
  • „Демони“
  • „Златни солзи“
  • „Илири“
  • „Јегуле“
  • „Лајонси“
  • „Ленки“
  • „Леопарди“
  • „Необични“
  • „Пацифисти“
  • „Светци“
  • „Фантоми“
  • „Фикс“ (првично како „Биг Бен“)
  • „Хипи-боиз“
  • „Црвено-црни“
  • „Џемини“
  • „Урагани“
  • „Јети“

Струга (1)

  • „Сенки“

Струмица (2)

  • „Лордови“
  • „Тролси“

Тетово (1)

  • „Тетекс“

Штип (3)

  • „Златни струни“
  • „Орфеи“
  • „Црни орфеи“

Непотврдено / Непознато (2)

  • „Болдинг“
  • „Калиопи“

Комплетна листа на 95 бит-состави од Македонија (1963-1969), според арно.мк, подредени по азбучен редослед тука.

Денес: Изгубените ленти и дигиталниот мрак

Што остана од оваа бучава? Речиси ништо опипливо. Кога истражувате за 60-тите, најчестата реченица што ќе ја сретнете е: „Снимката, за жал, е изгубена“.

Радио Скопје и МРТВ, кои требаше да бидат трезори на оваа култура, честопати ги преснимувале магнетофонските ленти за да заштедат материјал. Историјата е избришана за да се сними некој говор или дневник. Снимките на „Комети“ во Радио Битола? Изгубени. Студиските сесии на „Безимени“? Исчезнати.

Ние немаме Македонски музички архив како институционален центар за истражување, архивирање, дигитализација и музејска презентација (она за што се залага Тошо Филиповски). Ние го имаме ВБУ на Фејсбук. Тоа е поразителната слика на нашата грижа за културното наследство. Додека светот ги дигитализира и најмалите демо-снимки од 60-тите, кај нас меморијата зависи од тоа дали некој ентузијаст од Прилеп или Кочани ќе успее да скенира стара фотографија или весник пред тие да се претворат во прав.

За крај… нов почеток

Се разбира оваа листа не е дефинитивна (иако во насловот стои така). Постојат и други групи од тој период за кои не бевме сигурни дека настанале во 1960-тите, додека за некои од нив знаеме дека настанале во 1970-тата, како „Република 903“ или „Шарпланинци“. Нив ги оставаме за некој следен текст кој ќе се занимава со 1970-тите и појавата на хард рок и другите потешки и поекспериментални форми на рок-музиката во Македонија.

Овој список од 95 бендови не е само статистика. Тоа се 95 екипи на млади луѓе кои во едно сиво време решиле да земат гитари во раце (често и рачно правени или позајмени) и да кажат: „Тука сме, постоиме и сме дел од светот“.

Тие го направија своето. Сега (иако сега е веќе доцна!) е ред на нас – да ги запишеме, да ги анализираме и да не дозволиме нивната историја да заврши како преснимена лента.

Сите фотографии во текстов се претходно објавени на ФБ страницата на ВБУ Музички регистар. Посебна благодарност до нив и до Тошо Филиповски за нивната неуморна работа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *