Ченгино Кале не е најисточната точка на Македонија, вистинската се наоѓа 1,4 километри појужно!

Овој текст на Христијан Петрески го објавуваме како авторско теренско истражување и мислење. Наведените координати, споредби и заклучоци се став на авторот, базиран на достапни мапи, катастарски податоци и теренски увид.


Можеби некој од вас со подобра меморија памети, а за останатите мало потсетување: како најисточна точка на Македонија (која воедно се изучува по предметот географија) се смета врвот Ченгино Кале на Малешевските планини. Доколку не ја помните информацијава интернетот е тука да помогне. Тој веднаш ќе го врати овој врв како најкрајната источна точка. Меѓутоа секој оној кој ќе ја отвори картата на државата и ќе го побара овој врв ќе забележи дека границата кон север скршнува уште поисточно. Оваа забелешка е јасно документирана од страна на проф. д-р Ивица Милевски во оваа објава меѓутоа со грешни координати. Но доколку уште малку одзумираме од картата ќе забележиме дека границата која продолжува кон југ скршнува уште поисточно од „најисточната точка“ од горната објава. Оваа точка понатаму ќе ја нарекувам втора точка.

Викендот, односно на 3 мај 2026 бев во близина на Пехчево, па решив да го посетам Ченгино Кале. Разгледувајќи ги картите и читајќи за врвот го забележав она што претходно го изнесов како забелешка. Па откако проверив во мапата на државниот катастар која е врвниот авторитет кога станува збор за темава, решив да ја документирам оваа новост па заминав кон највисоките предели на Малешевските планини.

Слика 1. Меридијан кој поминува низ точката забележана (на сликата означена со X) од проф д-р Ивица Милевски. Со ШТИКЛА е означена реално најисточната точка. Јасно се забележува дека е поисточна.

Првата точка која проф д-р Ивица Милевски ја посочи според катастарот се наоѓа на 41.722305 N, 23.033952 Е. Според моите мерења на терен со ГПС од мобилен телефон оваа точка се наоѓа на 41° 43’ 20” N,  23° 02’ 01” Е. Откако ја измерив оваа точка се упатив кон втората. Таа се наоѓа на околу 1,4 км воздушно појужно од првата. Според катастарот оваа точка се наоѓа на 41.709854 N, 23.034261 Е, а според мојот ГПС на 41° 42’ 33” N, 23° 02’ 02” E. Разликата во географската должина според катастарската мапа е 0.000309 или една секунда (1/3600 ≈ 0.000278) според мојот ГПС.

Доколу ги претвориме овие бројки во метри, според катастарот добиваме дека оваа точка е поисточна од првата за 25,68 метри, а според ГПС-от 23,09 метри (малата разлика меѓу нив е до ограничувањето на прецизноста на ГПС модемот во телефоните). Со оглед на ова официјално точката со следниве координати: 41.709854 N, 23.034261 Е е најисточната точка во Македонија. Навидум 25 метри е мало растојание меѓутоа поради испакнатоста на овој дел од границата дури 11 000 метри квадратни се наоѓаат поисточно од првата точка.

А сега да ги тргнеме броевите на страна и да кажеме малку повеќе за оваа точка. За да се стигне до неа преку врвот Ченгино Кале потребно е да се упатите према југ и да го следите земјениот пат 1,5 километри. Важно е да се напомене дека овој пат е целосно во бугарска територија близу нашата граница. Некаде на половина од растојанието од десна страна на патот започнува ограда од обична жица која ја маркира границата. Непосредно пред точката има паркирано бела приколка од левата страна која бугарските овчари ја користат како засолниште. Откако ќе ја поминете приколката и ќе навлезете во шумата, треба да скршнете надесно и да се упатите до самата ограда. Тука се наоѓа најисточната точка на Македонија. 

На само 35 метри појужно од оваа точка се наоѓа граничниот камен број 047 помеѓу Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Народна Република Бугарија, односно денешни Македонија и Бугарија. Овој граничен камен е само 2 м позападно од најисточната точка. Се наоѓа на благо издигнат, но претежно рамен терен. Интересно е да се напомене дека тука сонцето изгрева и заоѓа 6 минути и 24 секунди порано во однос на главниот град, и според географската должина целосно треба да припаѓа на временската зона +2 (Бугарската зона).

Слика 2. На самиот граничен камен сретнавме група на бугарски моторџии кои уживаа во денот и нè поканија на нивната гозба. Во позадина Пирин.

Мора да се забележи дека во катастарските детални топографски карти од регионов прикажани на слика 3 и 4 соодветно во размер 1:25000 и 1:50000 Ченгино Кале е заведено како месност во должина од околу 1 километар во близина на најисточната точка, а не како врв.

Меѓутоа поради тоа што денеска врвот го носи ова име, а со цел избегнување забуни, предлагаме најисточната точка да го носи името Иваново Брдо

Слика 3. Топографска карта во размер 1:25000
Слика 4. Топографска карта во размер 1:50000

За крај, важно е да се напомене нешто што сите го знаеме: никогаш целосно да не му веруваме на интернетот без самостојно да ги провериме податоците, но уште поважно е НИКОГАШ да не веруваме на вештачката интелигенција во целост бидејќи изворите кои таа најчесто ги користи не ни се достапни за проверка.

Автор: Христијан Петрески


Христијан Петрески е студент на ФЕИТ, втора година, на насоката КТИ. Член е на Скопското астрономско друштво, Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА) и планинарскиот клуб „Македон“. Со планинарење рекреативно се занимава околу десет години.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *