Има такви архивски исечоци што на прв поглед изгледаат како мала, шармантна белешка од минатото. Ги гледаш, ги зачувуваш и мислиш дека тоа е сè. А потоа, од една реченица, од едно име, од една фотографија или од еден плакат, се отвора цел град. Така почна и оваа приказна.
Со мојот колега архивар Горан Ацески ја користиме групата „Вчерашни вести“ како еден вид јавна, но сепак наша заедничка база на архивски материјали. Горан е неуморен архивар: знае во еден ден да објави десетици скенирани написи, и тоа не расфрлани како случајни парчиња хартија, туку систематично подредени, категоризирани и ставени во албуми – како што би направил вистински архивар.
Јас, пак, често немам време веднаш да ги видам сите тие написи. Потоа ме фаќа грижа на совест, па се обидувам да украдам некој слободен момент и да транскрибирам барем дел од нив. Најчесто почнува како мала должност кон архивата, а завршува како виор на истражување. Така беше и овој пат.
Исечокот што го објави Горан е од прилогот „Починка“ на „Нова Македонија“ од 1972 година. Во него е пренесено интервју со Димитар Колчаков, насловено „Струмица на мојата младост“. Но додека барав повеќе податоци за Колчаков, патот ме одведе до уметникот Никола Пијанманов и неговите семејни сеќавања, фотографии и приказни – а преку нив, до уште една скриена временска капсула на Струмица.
Текстот од 1972 година е од рубриката „Она што не исчезнува“ – наслов кој денес звучи речиси пророчки, бидејќи во него навистина има нешто што не исчезнува: градска меморија, културен живот, театар, кино, музика, корзо, крчми, мода, обичаи, луѓе.
Го пренесуваме интегрално.

Она што не исчезнува
Овој пат со: Димитар Колчаков Струмица на мојата младост Поради условите по Балканските и Првата светска војна, Струмица беше во положба да се задоволува со она што успеваше да допре до градот под Беласица во непосредна близина на границите со два балкански соседа, со кои уште не беа салдирани сметките од доскорешните настани. Ние младите тогаш времето го поминувавме само во работа. Немаше корзо како денес. Приквечер можеше да појдеш до Поцковата барака веднаш под градот да се напиеш газоза, кафе или чаша сода со локум, односно шеќер. Семејни групи, особено во празничните денови, одеа на прошетка до месноста Софилар, до скоро прочуено излетничко место на градот, и тука остануваа по неколку часа. По некоја лимонада, кафе, и тоа беше сè. Кино-претстави во Струмица се организираа уште пред 1930 година во приземјето на влачарницата на Стаменци. Доаѓаа и трупи најмногу од Чехословачка кои, со замрачување на прозорците во најголемата во тоа време кафеана „Југославија“, прожектираа неми филмови. Во недела чаршиските и поимотните струмичани навраќаа во кафеаната „Југославија“ на партија билијард и кафе. Тогаш билијард имаше и во кафеаната „Вардара“. Изгледа оттогаш постои традицијата на голем број реонски крчми во Струмица. Сега такви има 12, а колку се сеќавам и тогаш беа многу: на Пановци, Колчакци, Московци, Станоевци, Поцков, Божијано, Чапразо, Матковци и други. Жените и тогаш беа сврзани повеќе со куќата. Во празничен ден, особено приквечер, во групи седеа пред портите и везеа муабет за сè и сешто, или со часови чекаа покрај ѓумовите да им дојде редот за вода. Модата доаѓаше побавно и тоа само од Белград, или подоцна од Солун, ако некој поимотен појдеше на гости и на пазар, па назад ќе донесеше нова мода. Се носеа долги фустани, бездруго под колена. Многу жени носеа и сламени шешири, а на мода беше буби-копф. По триесеттите години, со формирањето на културно-уметничка група во Монополот, почна културно раздвижување кај младите. Сега повеќе се мислеше и на модерно облекување, се појави и корзото. Изникнаа модни машки и женски шивачи. Во недела масовно се одеше на излет во „Св. Илија“, и денес излетничко место. Се организираа вечеринки во домовите во интимна средина. Тука се пееја убави македонски песни, се играше на прстен и слично. Обичаите, такви имаше многу често, беа посебна разонода. Именден, потоа обичаите сврзани со армасарските обреди траеја по три дена, кога се одржуваше и денес познатиот Струмички карневал. За културно-забавниот живот во годините пред војната, особено за музичкото образование на нашите граѓани до пред неколку години, ние сме му благодарни на Рудолф Ваштјатка, Чех по народност. Тој беше капелник на воената музика и воедно организатор на две оперети во Струмица, заедно со младината во 1934 година. Беше вистинско доживување за градот кога ја прикажавме со успех оперетата „Мамзелни туш“ и „Гејша“. Ги изведовме во тогашното приватно кино „Балкан“. Јас ги толкував улогите на капларот Лорно и на чајџијата — вели Димитар Колчаков, еден од првите артисти на Струмица. За капелникот Рудолф Ваштјатка треба да се каже дека е погребен на струмичките гробишта и дека, во знак на благодарност, негови пријатели му подигнаа споменик. А зошто не? По војната тој се врати меѓу своите пријатели. Во Струмица организира ниже музичко училиште и во него работеше како директор сè до својата смрт. Првите неколку години по ослободувањето младината организираше приредби со кратки едночинки. Тогаш граѓаните на Струмица и синдикалните подружници со доброволна работа направија големо дело — ја подигнаа зградата на Народниот театар. Почнавме со битовата драма „Бегалка“ од Иљоски, потоа следуваа „Печалбари“ на нашиот сограѓанин Антон Панов, па „Зона Земфирова“, „Чорбаџи Теодос“, „Кралот на Бетајнова“ итн. Народот ја полнеше салата на својот нов народен театар и се радуваше на својот македонски мајчин јазик. И. Станоев Фотографија: Учесници во операта „Гејша“, изведена 1934 година во Струмица.
Од еден исечок до првата претстава
По овој текст, нормално, почнува копањето. Кој бил Димитар Колчаков? Што уште останало од неговата трага? Каде завршува една новинарска белешка од 1972 година, а каде почнува живата историја?
Верувале или не – а познавајќи ја македонската колективна амнезија, можеби и нема многу за чудење – за Димитар Колчаков денес постојат многу малку достапни записи. Нема ни страница на Википедија. Со вакво темпо, ќе треба да чекаме некој сосед прв да ни го „открие“, па дури потоа да се сетиме дека бил наш.
Во потрагата наидов на објава од Фејсбук-страницата Moja Strumica, каде што е објавен плакат од премиерата на „Бегалка“ од Васил Иљоски. Во објавата се наведува дека на 1 мај 1949 година во Струмица се случила легендарната изведба на „Бегалка“ во режија на Димитар Колчаков. Тој датум се зема како датум на официјалното формирање на Струмичкиот театар, иако подготовките почнале нешто порано, кон крајот на 1948 година, кога Градскиот народен одбор ја донел одлуката за формирање и дозволата за изградба на театарска зграда. Струмичкиот театар е првиот професионален театар формиран во Источна Македонија.

На самиот плакат, како што се гледа од објавениот материјал, стои:
Народен театар — Струмица
Почеток во 20 часот
Представа I
По повод свечаното отворање на Градскиот народен театар
На ден 1 мај 1949 год.
Премиера: „Бегалка“
Битова пиеса во 5 чина од Васил Иљовски
Особено интересен детал е што кај режијата првично стои името Ст. Боев, но е пречкртано, а ракописно е допишано: Димитар Колчаков. Како сценограф е наведен исто така Д. Колчаков.
Во поделбата на улогите се појавуваат имиња кои денес звучат како мал каталог на првата струмичка театарска генерација: Димитар Колчаков како Аџи Трајко лихвар, Софија Гочева како Велика, Дивна Гаврилова како Ленче, Марга Прошева како Донка, Фроса Гаврилова како Мирса, Мирчо Арнаудов како Бошко, Кума Георгиева како Евра, Гиго Вета како Стојко, Александар Протогеров како Досе, Методи Гуров како Трендо, Стојан Мицев како Митре, Славчо Дикев како Трпко, Александар Димов како Санко, Кирил Кујумџиев како Манас, Борис Цеков како Петко, Кирил Митев како Шишко и Стојан Гогов како Екрем ефенди.
Како технички раководители се наведени Стојан Мицев и Георги Китанов; како уметници Д. Колчаков и Н. Просениклиев; осветлител е Васил Шопов, а испициент С. Манев.
Ова веќе не е само мала белешка за културниот живот во стара Струмица. Ова е документ за раѓањето на еден театар.
Колчаков, Пијанманов и една семејна историја
Кога веќе бев доволно длабоко навлезен во приказната, им пишав и на луѓето зад страницата Moja Strumica. Ми одговори уметникот Никола Пијанманов – и тогаш архивата престана да биде само исечок од весник. Одеднаш доби глас, семејна меморија и лична врска.
Пијанманов ми напиша дека Димитар Колчаков бил најдобар другар на неговиот дедо и кум на неговиот татко. Го потврди она што веќе го гледавме на плакатот: Колчаков бил првиот режисер на првата претстава во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица.
Но додаде и нешто што отвора друга, потемна трага. Според семејното сеќавање што ми го пренесе Пијанманов, Колчаков бил жртва на атентат во струмичка кафеана во 1930-тите. Не затоа што тој бил целта, туку затоа што се нашол на погрешно место. Му платиле да се лекува во Загреб. Таму, според ова сведоштво, научил многу за режија и театар, но не завршил академија, бидејќи немал средства. Потоа се вратил во Струмица.
Тоа е биографски фрагмент што допрва заслужува архивска проверка. Но и како усно сведоштво е драгоцен, затоа што објаснува како еден струмичанец, човек од градот под Беласица, се нашол во допир со поширок театарски свет, па тоа знаење подоцна го вратил дома.
Пијанманов ми испрати и фотографија од 1937 година. На неа се Димитар Колчаков и неговиот дедо, Борис Пијанманов. Исправената фигура е Колчаков. Борис Пијанманов е другиот лик од оваа ненадејно отворена временска капсула.

За Колчаков, Пијанманов додаде уште една реченица што боли: провинцискиот живот во мала средина, за жал, го направил пасивен по 1950-тите години. Тоа е реченица што може да се однесува на многу луѓе во многу македонски градови: луѓе со талент, искуство, културна енергија, но без доволно институции, средства, простор и континуитет за таа енергија да продолжи.

Потоа разговорот се отвори и кон дедото на Пијанманов. Борис Пијанманов бил професор по фискултура во гимназијата што се отвора во 1945 година. Имало во него талент за многу уметности – глума, пеење, пишување – но, како што вели внукот, „на крај ништо“. Сепак, оставил голема библиотека. Од таа библиотека Никола Пијанманов, како што ми напиша, научил сè.
Јас му одговорив дека професор по фискултура во времето на Југославија не било споредна работа. Напротив, тоа била одговорна и ценета професија во градењето на духот и телото на социјалистичката младина. Тој потоа додаде дека неговиот дедо бил и претставник на делегација од Кралството СХС во Прага во 1935 година, на соколарски собир. „Соколарите биле славна група фискултурци“, ми напиша.


За крај, Никола ми прати фотографија од дедо му од 1918 година – градски лик што според него изгледа како да излегол од некоја балканска верзија на „Peaky Blinders“.

И така, од Димитар Колчаков стигнавме до Борис Пијанманов. Од „Бегалка“ стигнавме до соколарски собири во Прага. Од исечок стигнавме до семејна библиотека. Од една фотографија стигнавме до прашањето што всушност значи „културен град“.
Стари Скопјани, но што е со Стари Прилепчани, Битолчани, Велешани, Охриѓани, Струмичани?…
Оваа приказна ме потсети на една наша стара навика. Скопје често го славиме како центар на културата. Се гордееме со терминот „стар Скопјанец“, зборуваме за културата од пред сто години, за нашите предци, за старите маала, за куќите, за чаршијата, за градскиот дух. И сето тоа е важно.
Но често забораваме дека во истото тоа време култура и граѓанство постоеле и во Битола, и во Прилеп, и во Струмица, и во Велес, и во Охрид, и на многу други места. Градски живот не се случувал само таму каде што денес се наоѓаат институциите, телевизиите, архивите и министерствата.
Тоа постојано ми се враќа додека работам на овие мали архивски ископувања. Истражувајќи ја скопската графити сцена, на пример, активистот со псевдоним Валдамар Свиеналдсон од Охрид ми откри една речиси паралелна охридска графити сцена – жива, тврдоглава и, според многу нешта, барабар со скопската. Се потсетувам и на моите велешки патеписи под наслов „Урбана археологија на Велес“, каде што еден навидум „помал“ град се отвора како цел универзум од слоеви, премини, ѕидови, мостови, знаци и луѓе. Работејќи на архивирањето, пак, се запознав со прекрасни луѓе од Прилеп, пред сè со Горан Ацески и Златко Ангелески од порталот Стар Прилеп, кои преку своите архивски материјали и стари фотографии постојано потсетуваат дека надвор од Скопје постоел културен, духовно богат и урбан живот што не бил никаква периферија, туку свој центар.

Понекогаш, кога размислувам за сето тоа, си поставувам дури и малку „еретичко“ прашање: дали Скопје воопшто морало да биде единствениот неприкосновен центар околу кој ќе се врти целата македонска културна меморија? Македонскиот литературен јазик не се темели на скопскиот говор, туку врз централните македонски говори – линијата Велес-Прилеп-Битола-Охрид, уште кај Мисирков, а подоцна и во стандардизацијата на современиот јазик.
Тоа не значи дека еден град е „повистински“ од друг, туку дека културната тежина на Македонија отсекогаш била распоредена пошироко од нејзината административна мапа. Битола одамна е позната како град на конзулите; Крушево е балкански бисер на граѓанството, делумно благодарение и на Власите како преносители на една поширока урбана култура на Балканот; Прилеп, Велес, Охрид, Струмица – сите тие имале свои сцени, свои луѓе, свои институции, свои приказни. А потоа земјотресот од 1963 година, обновата, меѓународната солидарност и новата урбанистичка митологија буквално го пренесоа епицентарот на животот во Скопје. И можеби оттогаш почнавме премногу лесно да ја мешаме престолнината со целата земја.
Еднаш, во Битола, зборувавме за стари куќи. Јас со скопска гордост споменав дека мојата куќа во Дебар Маало ја градел прадедо ми во 1937 година. Битолчани ми се изнасмеаја. За нив, тоа воопшто не беше стара куќа. И беа во право. Ние скопјаните понекогаш страдаме од комплекс на докажување на сопствената вредност, наместо да ја видиме вредноста на другите.
Пијанманов во разговорот забележа дека Кралството СХС имало изразен меѓународен дух на претставување. „Штом од Струмица оделе во тој период, замисли од поголемите градови во Југославија“, ми напиша. И навистина – кога еден струмичанец во 1934 година оди на соколарски собир во Прага, кога Чехот Рудолф Ваштјатка во Струмица организира музички живот и оперети, кога во градот се прикажуваат неми филмови од чехословачки трупи, кога по војната граѓаните со доброволна работа градат Народен театар – тогаш не зборуваме за провинција во смисла на културна празнина. Зборуваме за град.
Струмица како временска капсула
Во исечокот од 1972 година Струмица се појавува во многу слики.
Поцковата барака веднаш под градот, каде што се пиело газоза, кафе или сода со локум. Софилар како излетничко место. „Св. Илија“ како неделна дестинација. Кафеаната „Југославија“ со билијард и неми филмови. Кафеаната „Вардара“. Реонските крчми: на Пановци, Колчакци, Московци, Станоевци, Поцков, Божијано, Чапразо, Матковци.
Влачарницата на Стаменци, каде што пред 1930 година се организирале кино-претстави. Приватното кино „Балкан“, каде што во 1934 година биле изведени оперетите „Мамзелни туш“ и „Гејша“. Монополот, каде што по 1930-тите се формирала културно-уметничка група.
Во истата таа временска капсула се и жените што седат пред портите и везат муабет, или со часови чекаат ред за вода покрај ѓумовите. Модата што доаѓа бавно, преку Белград или Солун. Долгите фустани под колена. Сламените шешири. Фризурата буби-копф. Корзото што се појавува подоцна. Машките и женските шивачи. Вечеринките по домовите, со македонски песни и играње „на прстен“. Имендените. Армасарските обреди. Струмичкиот карневал.
Пијанманов ми испрати и извадоци од дневникот на својот дедо. Тоа е вистинска временска капсула, но нема да ја пренесам тука од почит кон приватноста. Доволно е да се каже дека понекогаш историјата на еден град не е во големите архиви, туку во една семејна фиока, во еден дневник, во една стара фотографија, во една библиотека.
Она што не исчезнува – ако има кој да го зачува
На крајот, ова не е само приказна за Димитар Колчаков. Ова е приказна за тоа како архивот работи кога е жив. Еден човек скенира весник. Друг го транскрибира. Трет препознава лик од семејната историја. Некој праќа фотографија. Некој друг се сеќава. Еден плакат ја поправа официјалната линија со ракописна интервенција. Еден град, за момент, повторно станува видлив.
И токму тоа е смислата на „Временска капсула“. Не само да кажеме „ова било некогаш“, туку да видиме што од тоа некогаш сè уште зборува за нас денес.
Денес, како и многу други градови во Македонија, Струмица е оставена на прагот на тивко изумирање – не затоа што нема историја, туку затоа што таа историја не ја чуваме доволно. Не затоа што нема култура, туку затоа што културата често ја паметиме само кога ќе се случи во главниот град.
Овој исечок од „Нова Македонија“ од 1972 година нè потсетува на нешто едноставно: градот не исчезнува додека има кој да го памети. А ако нема?
Тогаш остануваат само скеновите, пожолтената хартија, неколку имиња на плакат и нечие задоцнето чувство на вина дека одамна требало да ги прочитаме.
За крај – да се сликаме!
Бидејќи во нашиот интернет-простор речиси и да не постојат фотографии од Димитар Колчаков, ја издвоивме неговата фотографија од исечокот како обид ликот да не остане заробен во пожолтената хартија. Фотографијата внимателно ја реставриравме и со помош на вештачка интелигенција, со јасна напомена дека деталите се реконструкција (и не треба да се користат во архивски цели) и дека оригиналниот извор останува исечокот од весник.
