Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ испрати соопштение до јавноста во кое ги демантира тврдењата на компанијата „Титан Усје“ дека работи „согласно европската регулатива“ и „според стандарди идентични со оние во Европската унија“.
Во реакцијата се наведува дека споредбата со европските BAT стандарди покажува значителни отстапувања во дозволените емисии и во нивото на транспарентност, како и дека мониторингот не е целосно јавно достапен во реално време.
Останува поширокото прашање: дали институциите бараат од „Усје“ јасен и јавно достапен план за постепено напуштање на највалканите горива, целосно усогласување со современите европски BAT стандарди, континуиран јавен мониторинг во реално време и инвестиции во технологии за намалување на емисиите.
Соопштението го пренесуваме интегрално.

Демант на тврдењата на „Титан Усје“ за усогласеност со европски стандарди
Споредба со ЕУ покажува: Титан Усје воопшто не е усогласен со современите еколошки стандарди
Во врска со јавно изнесените тврдења на компанијата Титан Усје дека работи „согласно европската регулатива“ и „според стандарди идентични со оние во Европската унија“, ја информираме јавноста дека овие наводи не се поткрепени со реалните технички параметри и практики што важат во современата европска цементна индустрија.
Анализата базирана на официјални BAT (Best Available Techniques) стандарди на Европската унија покажува значителни отстапувања во дозволените емисии и нивото на транспарентност, и тоа:
- Ниту една гранична вредност во дозволата на „Титан Усје“ не е усогласена со BAT перформансите во ЕУ
- Дозволените емисии се значително повисоки од оние во модерни европски цементари
- Во одредени случаи, вредностите се повисоки и до 2- 8 пати
- Мониторингот не е целосно транспарентен и не е јавно достапен во реално време
Техничка споредба: ЕУ BAT стандарди vs. „Титан Усје“
| Полутант | ЕУ BAT-AEL | Најдобри ЕУ Практики | Дозволата на „Титан Усје“ | Разлика |
| PM (прашина) | 5–10 mg/Nm³ | 1–5 mg/Nm³ | 30 mg/Nm³ | 3–6 пати повисоко |
| NOx | 200–450 mg/Nm³ | 200–300 mg/Nm³ | до 800 mg/Nm³ | 2–4 пати повисоко |
| SO₂ | 50–200 mg/Nm³ | 20–100 mg/Nm³ | до 400 mg/Nm³ | 2–8 пати повисоко |
| HCl | <10 mg/Nm³ | <5 mg/Nm³ | недоволно регулирано | зголемен ризик |
| HF | <1 mg/Nm³ | <1 mg/Nm³ | селективен мониторинг | недоволна контрола |
| Диоксини | континуирано мерење | континуирано | ретко мерење | неусогласено |
| Тешки метали | дефинирани BAT-AEL | транспарентни | ограничени податоци | недоволна транспарентност |
Понатаму, и покрај тврдењата на ТИТАН Усје за „24-часовен независен мониторинг“, во пракса:
- НЕМА live пристап до мерењета за емисиите
- НЕМА 24/7 податоци од мерењата, туку дневни упросечени вредности
- НЕМА независен јавен мониторинг,
- НЕМА целосни податоци за тешки метали
Наместо тоа, информациите се објавуваат во форма на упросечени дневни вредности преку неделни/месечни pdf.извештаи за само 2 од 12те емисиони точки дефинирани за Усје, што не овозможува целосна и навремена контрола.
Особено загрижува фактот што за одредени загадувачи, како што се диоксините, тешките метали и некои киселински гасови, мониторингот е ограничен или селективен, додека во Европската унија овие параметри се следат континуирано и со високо ниво на транспарентност.
Потребно е да се нагласи дека европските стандарди не се сведуваат само на формално почитување на законски лимити, туку подразбираат примена на најдобри достапни технологии за постигнување на најниско можно ниво на емисии. Во таа насока, дополнителен проблем претставува и фактот што во Македонија сè уште се применуваат постари BAT стандарди од 2007 година кои Европската унија ги има надминато и ревидирано уште во 2013 годинаи продолжува со нивно заострување!
Ги повикуваме сите заинтересирани, самоиницијативно и со целосна транспарентност, да направат споредба со конкретни европски цементари како Titan Greece, Heidelberg Materials, Lafarge, Buzzi и други и врз основа на јавно достапните податоци, самостојно да се уверат во основаноста на наводите што ги изнесуваме.
Имајќи ги предвид сите овие факти, може да се заклучи дека тврдењето на „Титан Усје“ за усогласеност со европските стандарди е неосновано и доведува до погрешно информирање на јавноста. Реалните податоци укажуваат на значителни отстапувања и во делот на емисиите и во делот на транспарентноста.
Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да обезбедат усогласување со современите европски BAT стандарди и да воспостават систем за независен и целосно транспарентен мониторинг. Истовремено, ја повикуваме и компанијата Титан Усје да овозможи јавен пристап до податоците во реално време и да инвестира во технологии што ќе ги намалат емисиите на ниво што е во согласност со најдобрите европски практики и на сите други цементари во групацијата Титан.
Сакаме реални мерки, а не декларативни изјави, за да може да се обезбеди заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Граѓанска иницијатива Стоп за Усје.
Соопштението е пренесено интегрално од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“. Редакцијата на Арно.мк е отворена и за став или реакција од компанијата „Титан Усје“ и надлежните институции.