Мала историја на граѓанските акции за собирање отпад во Скопје и Македонија

Деновиве, со актуелната медиумска покриеност на „Генералка викенд“, повторно се отвори прашањето за отпадот, нечистотијата и односот кон јавниот простор. Камери, прилози, објави на социјалните мрежи и јавни личности покрај собрани вреќи ѓубре ја направија темата видлива за пошироката публика.

Но, пред оваа акција да стане медиумски препознатлива и пред чистењето да добие ваков јавен формат, во Македонија постоеја повеќе слични граѓански иницијативи. Но, тие не беа сведени само на организирање акции за чистење, туку испраќаа и поширока порака: дека проблемот со отпадот во Скопје и Македонија не е само комунален, туку и културен, еколошки и системски проблем.

Не биди ѓубре (2019 година)

Граѓаните најчесто како прва ја паметат актерката Ирена Ристиќ, и нејзината група „Не биди ѓубре“, која се појави во 2019 година. Таа група и покрај релативно мал број членови, навистина беше една од најважните во ова движење, затоа што го популаризираше на вистински начин. Се работеше за граѓанска иницијатива за еколошка свест, покрената од актерката Ирена Ристиќ, која мобилизираше волонтери за чистење на сметот низ скопските улици и излетнички места.

Акциите, често нарекувани „празнична генералка“, беа насочени кон подигнување на еко-етиката и создавање поздрава животна средина. Пристапот беше директен, видлив, понекогаш и театрален – Ирена се фотографираше и во камиони за ѓубре – но, што е најважно, беше ефикасен.

Не фрлај, не загадувај (2017 година)

Но, пред неа постоеше и неформалната иницијатива „Не фрлај, не загадувај“, која во 2017 година произлезе од значајната група (и движење) „Дај, не фрлај“. Оваа група веќе десет години е една од главните движечки сили на движењето за намалување на употребата и повторна употреба – reduce & reuse – во Македонија. Преку неа досега се подарени илјадници предмети кои, наместо да завршат како отпад, биле обновени, подарени и добиле продолжен живот.

2018

„Не фрлај, не загадувај“, како огранок на „Дај, не фрлај“, се залагаше не само за акции за чистење, туку и за документирање на нелегалните депонии. Таа документација потоа се испраќаше до општините, Градот и надлежните институции. Еден од најзначајните придонеси на иницијативата беше мапата на диви депонии, на која се бележеа активните депонии, но и оние што во меѓувреме беа исчистени.

Сепак, борбата за екологијата не значи само ѓубрето од улиците да заврши на депониите. Тоа беше и една од главните причини зошто „Не фрлај, не загадувај“ со текот на времето стагнираше. Админите и организаторите сфатија дека со тоа што отпадот ќе се премести од едно место на друго, проблемот не се решава – само се трга подалеку од погледот, а со тоа и од умот.

2018
Чист Охрид (2013)

Но, пред оваа група постоеше и „Чист Охрид“, неформална еколошка организација и граѓанска иницијатива од Охрид, насочена кон подигнување на еколошката свест и активно чистење на диви депонии и отпад низ градот и крајбрежјето. Волонтерите организираа еко-акции за расчистување на загадени локации, со цел заштита на езерото и зачувување на природното наследство.

2015

Оваа иницијатива организираше многу успешни акции во Охрид и околината во периодот од 2013 до 2023 година. За жал, и таа веќе не е активна.

Постоеја и други групи, но идејата на овој текст не е само да направи едноставна листа, туку да навлезе во суштината на проблемот.

Македонски еколошки ФБ групи кои се борат за подобра иднина

Ако се навратиме на прашањето зошто овие групи стануваат неактивни по некое време, полесниот одговор е дека едноставно се презаситуваат од борба со ветерници. Но, подлабокиот одговор е во прашањето – што кога ќе го собереме ѓубрето од улиците и го однесеме на депониите. Таму отпадот често се пали и го загадува воздухот. Органскиот и мешаниот отпад скапува и испушта опасни материи, загадувајќи ја почвата и подземните води. Тоа едноставно не е решение.

Затоа е потребно да гледаме пошироко, холистички. Сè е поврзано во еден систем: отпадот, воздухот, водата, почвата, навиките, потрошувачката, институциите и граѓанската свест.

Токму затоа уште во 2019 година пишувавме за „10 македонски еколошки ФБ групи кои се борат за подобра иднина“. Притоа ги истакнавме и групите „Скопје бара чист воздух“, „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ“ и „Сакаме чист воздух во Куманово“, кои покажаа дека еколошката борба не е само борба против ѓубрето, туку и борба за воздух, здравје и достоинствен живот.

Групата ENO – Екологија постои уште од 2010 година, што ја прави една од првите еколошки ФБ групи кај нас. За жал, и таа со текот на времето доживеа стагнација.

Една од најновите, и можеби најзначајните е неформалната организација СТОП ЗА УСЈЕ!

Како последна, но можеби и најважна „група“ на оваа наша листа ја истакнавме онаа што можете да ја создадете вие. Сè што треба да направите е да изберете еколошка тема – а ги има многу – и да ја отворите групата со неколку кликови.

Но, најважно од сè е прво да посакате подобра иднина. А тоа, барем засега, не би требало да биде тешко.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *