Пишува: Берт Стајн
Седам во кафулето „Круг“ во Аеродром, едно од моите омилени места за пишување, и се обидувам да го средам текстот за новата група „Временска капсула: табли и исписи“. Пред мене кафе, околу мене оној препознатлив полугласен шум на луѓе што влегуваат, излегуваат, бараат маса, се смеат, џагорат за работи што ним им се важни во моментот, а мене ми се само позадински звук додека се обидувам да ја фатам мислата пред да ми избега.

И така, работам на овој текст, ама во една поинаква, техничка верзија, и набрзо сфаќам дека нешто му фали. Замислен како манифест на новата група, има океј идеја, мисија, објаснување зошто треба да се документираат старите табли, исписите на дуќаните, фирмописите, ѕидните реклами, излозите и сите тие мали визуелни траги од градското минато. Но, му фали човек. Му фали оној дел што таблата сама по себе го нема: дуќанџијата што ја памети годината кога е поставена, мајсторот што ја наследил работилницата, сопственикот што те гледа малку сомничаво кога ќе му кажеш дека сакаш да ја фотографираш фасадата или таблата, па сепак, по две реченици, почнува да ти раскажува приказна.
Документирајќи ги исписите собрав и по некоја чаршиска приказна. Извинете однапред ако понекогаш ја наречам „Турска чаршија“, ми останало од времето кога ја викавме така. Знам дека е Старата скопска чаршија, знам дека зборовите се важни. Но, има зборови што човек ги носи со себе и му звучат познато и пријатно.
Дино Дворник, American Football и спасот на попладнето
Седнувам да го спукам текстот (како што велам кога сакам да се излажам себеси дека пишувањето е буквално препишување на идејата на хартија, нешто што се прави со кафе и доволно инспирација). И тука ми помага жестока рок или панк атмосфера, ме носи во авантурата на сурфање по зборовите, но цело време додека пишувам во „Рок Бар Круг“ (а овој воведен дел, нормално, го пишувам на крај) у позадина цепа ф*кинг целиот репертоар на Дино Дворник! Ок, сум пишувал и на полоша музика, но сега (кога по поголема творечка пауза исполнета со сомнеж и безнадежност се обидувам да почнам нова авантура) ми создава нервоза и нетрпеливост.
Таман завршува лудилото на „Зашто правиш слона од мене“, кога почнува „Без тебе“ од Валентино и кулминира со „Рок ми Бејбе“. Е па ф*к ми бејбе – ние бевме (апла) деца кога песнава беше популарна, кој ѓавол ја слушаат децата денес (Југоносталгичните родители се криви)! Рокерот во мене подголтнува повраќаница, а намачениот писател продолжува храбро да пишува (за инат!). За среќа, во последен миг, со замена на смените, доаѓа едно поситно девојче со очила и пушта „Never Meant“ од American Football. Не знам дали ја спасува книжевноста или архивирањето, ама го спасува моето попладне.
Можеме да почнеме!
Со велосипед кон другото Скопје
Пред некој ден, се упатив со велосипед на уште едно мое патешествие низ градот „Скопје“, град кој секој пат го откривам повторно. Тргнав од Аеродром кон „Капитол“, по булеварот АСНОМ.
(Преминувам во сегашно време во пишувањето – кршам правопис и) Преминувам на пешачки со точак и слушалки на ушите, кршам закон, со онаа ситна граѓанска непослушност – к’о некоја музичка Калеш Анѓа. Мантрам: „Казна ќе платам, ама нема да се откажам од музиката!“
Зарем не би требало да платат казна тие што секојдневно го трујат Аеродром и Скопје со тони прашина, чад и гасови, наместо граѓаните за нивните мали лични слободи? Нејсе.
Се упатувам кон кејот, за помирна вожња, без чекање зелено на семафори кое чиниш никогаш не доаѓа. Семафорите во Скопје имаат некаква чудна способност да го растегнат времето, како да сакаат да те потсетат дека градот не е направен за велосипедисти, ниту за пешаци, туку за една поагресивните машини што постојано освојуваат нови простори, кои ние другите ги губиме.
На кејот конечно се дише малку поинаку, барем психолошки. Напоен од песните на Stiff Richards (еден од ретките „понови“ бендови кои, за мене, немаат лоша песна), стигнувам до Камениот мост. Таму е преминот од еден во друг град, од едно Скопје што се преправа дека е современ главен град во Скопје што сè уште крие слоеви под каменот, под ќерамидите, под старите врати, под знаците што никој не ги гледа.
Многуте лица на чаршијата
Го преминувам мостот и се наоѓам пред чаршијата. На прво видување – разочарување. Од старите дуќански табли, занаетчиски работилници и исписи што некогаш ја правеле нејзината визуелна текстура, денес останал само мал, незначаен дел. Можеби ни два-три проценти од она што некогаш беше (и било) таму. Сè друго е модернизирано, заменето, израмнето, осветлено, обложено, префарбано, пренаменето.
Нови реклами, сјајни панели, пластика, алуминиум, гипс, мермер, модерна типографија без меморија, натписи што можат да стојат каде било: во Чаир, во Дубаи, во Верона, во трговските центри, или во некој мал град што одлучил дека автентичноста е нешто што треба да се покрие со нешто „модерно“.
Не станува збор за тоа дека чаршијата треба да се замрзне, да стане музеј, да се претвори во сценографија за туристи. Градот мора да живее, дуќаните мора да работат, луѓето мора да заработуваат. Но, има разлика меѓу живот и бришење. Има разлика меѓу обновување и насилно осовременување. Кога фасада што припаѓа на еден простор се облепува со материјал што му припаѓа на друг, тогаш не исчезнува само еден дуќан. Исчезнува речникот со кој градот зборувал.

„Контекс“ и првиот сигнал за „Логомотива“
На влезот, кај слаткарницата „Охрид“, наидувам на голем натпис на зграда со стара скопска архитектура. „Контекс“. Над него лого. Едноставно, старо, малку грубо, токму затоа убаво. Таквите работи веднаш ми го палат вториот радар, оној за „Логомотива“. Во архивата, колку што знам, не постои таков логотип, а тука стои, над улица, како да чекал некој да го забележи. Не знам дали луѓето што поминуваат под него го гледаат. Веројатно не. Градот е полн со работи што престануваат да постојат многу пред физички да исчезнат, само затоа што никој повеќе не ги гледа. Но, има многу луѓе како мене, кои ги забележуваат овие нешта.


Продолжувам. Од старите дуќани што веќе не работат и се оставени на забот на времето се истакнуваат „Златар Срма“, рачни ракотворби „Мид Мак“, некои имиња што стојат како изгубени лични карти пронајдени на улица. Има нешто посебно тажно во стар натпис над затворена врата. Тоа е сведожба дека нешто било, но никогаш веќе нема да биде.


Табла стара колку авторот на текстов
Во муабет со Селајдин Мани, од дуќанот „Модни кројач Идеал“, дознавам дека таблата над дуќанот е стара 48 години. Мое годиште, и тоа го користам како адут – за секунда пресметувам дека таблата е од 1978 година. Тој се насмевнува, не ни знаејќи дека податокот е веќе сместен и архивиран. Но така функционира оваа потреба да се документира. Сè што стои пред тебе веднаш го гледаш и како објект, и како датум, и како приказна.


Го прашувам мајсторот дали има некој да го наследи во занаетот, а тој одмавнува со главата. Како да го погодив во нерв и ми се чини дека повеќе не сака да правиме муабет. Истиот момент веќе го имав преживеано и со дел од другите занаетчии. Објектите ќе се продадат, ќе се срушат, ќе се пренаменат, ќе се реновираат до непрепознатливост. На хартија, тоа ќе биде промена на сопственост. Во градот, тоа ќе биде исчезнување на уште еден глас. (И за тоа имам еден друг муабет – но веројатно во посебен текст – stay tuned!)
„Кај Рамче“, „Истанбул“ и двете клими врз меморијата
На улица „Лазар Танев“, мини-хостелот, преноќиштето „Кај Рамче“, е во фаза на реновирање. Успевам да ги фатам старите светлосни табли и изгледот на градбата пред да се смени. Од страната на влезот има и понова табла, се препознава по броевите на мобилните телефони. Тоа е уште еден слој во оваа визуелна археологија: не е сè старо исто старо. Некои табли се од седумдесеттите, некои од осумдесеттите, некои од деведесеттите, некои се „ретро“ без да се доволно стари за да ги наречеме историски, но сепак доволно стари за да носат духот на минатото време.



Старата табла на угостителскиот објект, гостилницата „Истанбул“, за жал е прекриена не со една, туку со две клими. Ако некогаш треба да се направи визуелна метафора за односот на Скопје кон сопствената меморија, може да биде токму тоа: стар натпис, две клими, кабли, цевки, функционалност врз историја. Никој не е виновен. Сите сакаат се ладат лете и топлат зиме. На прозорецот над дуќанот се гледа жена која со поглед го опипува пулсот на улицата. Внимавам да не ја фатам во кадарот, иако одлично би одговарала за една балканско-сценска фотографија.


„Вакувски-Хан 1909 г.“ и гуглањето како дел од прошетката
Над гостилницата „Истанбул“, еден куриозитетен објект: испис „Хотел Вакувски-Хан 1909 г.“ (Нормално гуглам. Човек денес не може ни да се изгуби како што треба.) „Објектот денес не работи како активен хотелски капацитет, но е неизбежна станица за туристите.“ Наоѓам спорадични фотографии на Инстаграм и Фејсбук, без многу текст, а потоа и една-единствена посериозна текстуална вињета на порталот Трн: „Изграден во 1909 година, меѓу првите хотели во Скопје. Порано на приземјето била сместена свеќоливницата на Митрополијата, денес просторот го користи Заводот за заштита на споменици, а горниот кат се користи за семејно домување.“


Папуџија „Алпина“ и пластиката од осумдесеттите
Се спуштам подолу и во еден пролаз читам Папуџија „Алпина“ на Л. Шабан. Како и пред секоја фотографија на табла, чукам и прашувам дали можам да фотографирам. Од мајсторот добивам информација дека дуќанот и таблата се од осумдесеттите, околу 40-46 години старост. Таблата е пластична, поткршена од времето, во црвено-зелена комбинација, честа во седумдесеттите и осумдесеттите. Има нешто во тие бои, во таа пластика, во тој начин на обликување на буквите, што веднаш те враќа во времето.



Шапкар Перо, Златко и 200 години семејна линија
Кај „Шапкар Перо“, на улица „Азем Хајдари“, конечно добивам една од оние приказни поради кои сфаќам дека овој текст не може да биде само за табли. Шапкарот ми раскажува дека дуќанот во неговото семејство се наоѓал 200 години. Дали бројката е малку заокружена или преувеличана, не знам, а можеби и не е важно во тој момент. Ми раскажува дека дуќанот го водат со брат му. На прашањето дали после него има некој да го наследи, одговара дека има. Се радувам како да ми кажал добра вест за некој мој роднина.

Татко му, ми раскажува, го надградил објектот во осумдесеттите, го направил горниот спрат, а дозволата и трошоците кон државата тогаш го чинеле 20.000 марки. Подрумот уште 5-6.000. „Ќе умрам, ама ќе ви оставам нешто“, рекол на наследниците. Претходно дуќанот изгледал како киоск, како тој до него (види фотка), без спрат и без цврста градба. Горниот простор денес го користат за магацин на штофови и материјали за изработка на шапки.

И додека зборувам со него, цело време не можам да одолеам на мислата дека некаде го имам видено. На телевизија? Во некоја емисија? Во некој текст? Подоцна, додека го пишувам ова, сурфам, повторно сурфам, затоа што денешното пишување е половина сеќавање, половина пребарување, и наоѓам текст од Игор Анѓелков во неговата културна ризница „Херој на еден ден“ – и тој е, како мене, заинтересиран за урбаната историја на Скопје – и уште еден исцрпен текст на „Црно-бело“. Од нив дознавам дека таткото/дедото е Перо, а синот со кој разговарав е Златко. Во фотографиите на текстот има и исечок од весник за мајстор Перо. Значи, позната скопска фаца. А јас, како само едно мало новинарче душкало, му барам информација за исписот и дознавам – исписот е од 1980-тите.

„Сараево“ како чаршиска врска
Ќебапчилница „Сараево“ на М. Нихат. Масите внатре се превртени, но мајсторот е тука. Се обидувам да влезам и да ја кажам мојата веќе подготвена молба, но заклучено е. Човекот отклучува и по краток муабет ми одговара. Таблата е од 1978 година, а локалот има околу 50 години. Таблата ја оставиле „ради-реда“, а пред пет години ја репарирале. Дознавам дека двајцата мајстори кои ја изработиле оваа табла, од 1970-тите до 1990 година направиле и многу други табли низ Чаршијата и Скопје. Во седумдесеттите таквиот вид табли бил новитет.

Го прашувам зошто „Сараево“. Ми одговара дека во тогашна Југославија само Сараево и Скопје имале голема чаршија, како знак на поврзаност и мултиетничност. Тогаш, на ниво на Југославија, фирмите често добивале имиња по градови. Нема конкретна семејна поврзаност, ми вели.

Се мислам дали да му кажам дека сум роден во Сараево, но се предомислувам. Ова не е моја приказна. Или можеби е, ама не на тој начин. Човекот е љубезен и ме кани на муабет кога сакам. Во „Логомотива“, логотипот на „Сараево“ е веќе векторизиран од мастерот Васе Аманито. Некои табли имаат повеќе животи.

Сомнежот на „Фото-студио Кочо“
Еден помодерен знак, но сепак ретро, е „Фото-студио Кочо“. Сопственичката ме гледа малку сомничаво кога ѝ кажувам дека сакам да фотографирам и да ја споделам таблата во група на Фејсбук. Не ја обвинувам. Во време кога секој фотографира сè, сомнежот е можеби последната нормална реакција. И кажувам дека ќе биде споделено во „Логомотива“, но тогаш не знам за она што ќе стане од овие фотографии и оваа приказна, дека ќе доведат до нова архивистичка мисија, нови текстови или нова група.

Ми вели дека таблата е од деведесеттите и дека ја работеле мајстори што сè уште работат со исписи кај Мавровка. Подоцна, додека го пишувам ова, се опоменувам зошто не прашувам повеќе информации за тие компании, за тие мајстори, за тие работилници што ги правеле таблите. Но во текот на муабетот сакам да го задржам интересот на кратката историја и приказна на дуќаните и луѓето во нив, а најчесто сопствениците не се ни сеќаваат на името на оној што ја правел таблата. Таблата останала, мајсторот исчезнал од меморијата. Уште една мала неправда на визуелната историја.

„Гиевски“ и последниот акорд
Работилницата за музички инструменти „Гиевски“ е затворена. Не успевам да направам муабет за таблата и местото. Но знам дека тука има приказна. Подоцна наоѓам текст во „Нова Македонија“ за единствената и последна регистрирана работилница во Македонија за рачна изработка и поправка на жичени музички инструменти. Водена од браќата Љубомир и Димитар, кои занаетот го наследиле од татко им, и оставиле силен печат во домашната музичка историја, изработувајќи ги првите електрични гитари во земјата и инструменти за бројни музичари, групи и оркестрите на некогашната РТ Скопје.

Во златните седумдесетти масовно произведувале мандолини за училиштата. Денес опстанокот на тој историски дуќан е неизвесен, бидејќи во семејството нема помлади генерации што би го презеле занаетот. И тука, повторно, таблата не е само табла. Таа е последен акорд од работилница во која некогаш се правеле инструменти.


Церади, чад и скопско црнило
Понатаму ги забележувам и натписите на церадите, оние што сигурно потекнуваат од осумдесеттите или деведесеттите: „Tobacco Store“, „Зеко Голд“ и други полупоцрнети, избледени, но сè уште присутни знаци. Тоа познато скопско црнило, воздухот во кој живееме со децении, ако не и векови, остава трага врз сè. Во зима нè опкружува како средина, во лето останува како наслага врз реновираните, сјајни ресторани и дуќани. Или можеби тука црнилото е од скарите, од месата, од сето она што ја заситува чаршијата и кога нема магла.

Art Deco, цевка и градот како импровизација
Поминувам покрај еден луксузен дуќан на реновирана стара зграда, кој го краси испис „Garnet“ во Art Deco стил, а до него една несмасна цевка за изнесување чад над зградата. Ете, таа не е поцрнета. Сè е тука: желбата за стил, потребата за функција, судирот меѓу естетика и импровизација. Скопје е град во кој Art Deco може да стои до цевка како да се родени заедно. Сепак, ова е заднината на дуќанот.


„Мендo“ и фотографијата што зборува подоцна
Кај берберско-фризерскиот салон „Мендo“ повторно се отвора човечкиот дел од приказната. Газдата, човек во години, е љубезен. Му објаснувам дека документирам стари дуќани и натписи. Ми вели дека дуќанот е на истата локација 130 години и се пренесувал од дедо на татко на син на внук. Однадвор не е сменет повеќе од 50 години, само е реновиран внатре. Ми дозволува да ги документирам старите фотографии.

На една од нив подоцна забележувам дека пишува „Фризерски салон“, односно „Берберско-фризерски салон Зора“. Дуќаните многу наликуваат, но стариот е поширок од овој, има едно окно од излогот повеќе. За жал, ова не го забележав додека правевме муабет, инаку ќе го прашав. Како детектив ги проучувам фотографиите и забележувам дека некои елементи се исти, изрезбаните квадрати со заоблени рабови на долниот дел од дрвениот излог, трансформаторот десно до вратата итн.


Споредната уличка и деведесеттите во фонт
Берберот се наоѓа на главната улица што води кон Бит-пазар. Последен е ресторанот „Тетекс“, а покрај него се поминува до една споредна уличка. Таму, во таа споредна уличка, има повеќе запуштени стари објекти што сведочат за изгледот на чаршијата од социјализмот.

Земјоделска аптека „Коко ел Компани“, аптека „Medici“ со арт нуво фонт, сецесиски, можеби некаде меѓу духот на Arnold Böcklin и Eckmann-Schrift, оние декоративни, органски, малку психоделични букви што се вратија во популарната визуелна култура токму преку ретро-брановите на шеесеттите (кај нас подоцна). Не знам дали исписот навистина користи некој од тие фонтови или само локална варијација што личи на нив, зашто едвај се чита.

Понатаму следат ковачка работилница „Риза Бајрам“, ковачка работилница „Уран“ на Хаџи-Џељадин Зенир, лимарските работилници „Еуро-Лим“ и „Аслан“ на Шабани Иљаз, која сè уште работи, иако во моментот кога фотографирам е заклучена, па не успевам да направам муабет со газдата. Една изрезбана табла „Столар-резбар“ стои на објект што се издава. Тоа „се издава“ понекогаш звучи како пресуда. Не знаеш дали значи нов живот или крај на стариот.








Враќање кај „Охрид“ и лепакот од „Јуниор“
Повторно се враќам до слаткарницата „Охрид“, која е сосема реновирана во духот на муабетот со кој го почнав текстов, и на некој начин го означува и почетокот и крајот на патешествието. До неа и карши неа има натпис „маркет“ на церада и една напуштена гостилница „Јуниор“, од која останал само лепакот од натписот. Тоа е можеби најтажната форма на исчезнување: кога не останува ни буквата, туку само трагата од лепакот што ја држел.

Над „Охрид“ и маркетот „Алпи“ се реновира зграда, а на терасата има графит „Free“ со знаме на Палестина. Се присетувам на мојата мисија за документирање графити, која е на пауза. Или можеби не е на пауза, можеби само се префрлила во друга форма. Графити, табли, исписи, логоа – сето тоа се обиди градот да се „запише“.


Последните фотографии кон Мавровка
Пред да заминам, до „Охрид“, налетувам на една уличка што води до познатите ќебапчилници и таму ги гледам остатоците од некогашната менувачница „Еки“. На излезот од чаршијата кон Мавровка, наидувам на рачно напишан натпис на адвокат „Феко“, со телефон од старо Скопје, и стар натпис „Укоричување, фотокопирање“, до ќебапчилницата „Кај Гоце“. Тоа се последните фотографии што ги имам од оваа прошетка.


Некои од нив не се добри. Денот беше мрачен, небото обоено со она светло сивило. Можеби треба да одам друг ден. Можеби треба да ја доловам повеќе чаршијата, атмосферата, лицата, премините, сенките, да се посветам повеќе на мисијата што не ни знаев дека ќе ја имам кога тргнав. Можеби треба да прашувам повеќе, да не брзам, да се вратам кај луѓето. Можеби, некој друг пат.

Некогаш првата прошетка е најточна токму затоа што не знаеш точно што бараш. Бараш табли, а наоѓаш луѓе. Бараш исписи, а наоѓаш исчезнување. Бараш град, а наоѓаш нешто што личи бледа копија на сопствената меморија.

Назад во „Круг“
Се враќам во „Круг“, поточно текстот се враќа таму. Станувам да платам и му се заблагодарувам на девојчето со очилата што ја смени музиката. Ми се насмевнува, но не знам дали ме разбира, затоа што вниманието ѝ го одзема една жена која уште кога влезе знаев дека ќе го бара целосното внимание за себеси. Едноставно ги препознавам таквите луѓе во првата секунда. Им се познава во погледот, во одот, во движењата – во нивната брзина и ритамот. И секогаш стапуваат на сцена кога сакам да поставам некое битно прашање, да разговарам за нешто значајно, со нивните кафиња, нивните жалења за односот на некоја рандом продавачка или касиерка, се жалат за светот што им стапнал на плускавецот. (И тоа баш кога им треба внимание – како менe сега, хах!)
Сепак, имам трпение. Улиците не одат никаде.
Од прошетка до временска капсула
Од оваа прошетка излезе и идејата за „Временска капсула: табли и исписи“, нова подгрупа во која би сакал да ги собираме старите натписи, рекламни табли, фирмописи, занаетчиски исписи, излози, ѕидни реклами, неонски знаци и сите други визуелни траги што полека исчезнуваат од градовите. Не само од Старата скопска чаршија, туку од сите чаршии, маала, пазари, улички и заборавени агли низ Македонија. Дел од тие исписи, особено оние со интересни логоа, рачно цртани букви, типографски решенија и специфична графичка естетика, ќе завршат и во „Логомотива“, како примери на локален дизајн и визуелна култура. Барем оној дел кој не е веќе регистриран во оваа вредна ризница на македонскиот дизајн!

Затоа што ова не е само носталгија. Носталгијата е лесна. Документирањето е потешко, затоа што бара да застанеш, да фотографираш, да прашаш, да запишеш, да се вратиш, да провериш. И уште е потешко кога знаеш колку е битно. Камо да го знаевме ова порано, пред дваесет, или четириесет години. Затоа што градот не исчезнува одеднаш. Исчезнува табла по табла, исчезнува дуќан по дуќан, буква по буква.