Овој текст е дел од серијалот текстови поврзан со интерактивната мапа „Алтернативно Скопје во 1990-тите“. Во него, место по место, се навраќаме на клубовите, кафулињата, концертните простори и неформалните собиралишта што ја создаваа алтернативната градска сцена. Ги поврзуваме личните сеќавања со фотографии, документи и архивски извори – и ги повикуваме читателите да ни помогнат во дополнувањето на приказната. Отворете ја архивската единица за „Мјузик Гарден“ на мапата.
Кога ги гледам фотографиите од „Мјузик Гарден“ кои ги фотографирав во 2017 година (пред неполни 10, а ми се чинат 100 години!), прво се обидувам да го препознаам местото. Просторот е разрушен, истрошен и испразнет од својата некогашна функција (и душа). Од она што го паметам останала само (едвај!) физичката обвивка.
Но, празните места имаат чудна особина: колку помалку има на фотографијата, толку повеќе додава меморијата.
Онаму каде што на снимките од 2017 година гледам напуштен простор (кој природата си го враќа назад!), во главата повторно ја слушам музиката, гласовите и вревата. Ги гледам луѓето што стојат околу шанковите, оние што се приближуваат кон сцената и кругот што се отвора во публиката пред да почне шутката.
„Мјузик Гарден“ беше отворен летен клуб во Градскиот парк. Веднаш до „војската“, а сепак – барем во нашите глави – доволно далеку од сè што го доживувавме како официјално, пристојно и контролирано.

Нашата музичка градина
Во моето дело „3 минути и 53 секунди“, кое зборува за улогата која музиката ја одиграла во мојот живот, во поглавјето „Ratamahatta – Sepultura (1996)“, Мјузик гарден го опишав вака:
Во Мјузик Гарден можевме да се шуткаме на Ratamahatta на Sepultura без да ни ги искршат ребрата или да ни ја скинат главата. Место на отворено помеѓу некогашниот клуб со живи свирки, Маракана, и некогашниот мини-голф во Луна-паркот, веднаш до „војската“.

Во оваа реченица веројатно е собрана суштината на местото… или барем суштината што ја имаше за мене.
„Мјузик Гарден“ беше голем и отворен. Имаше доволно простор различните друштва да се соберат, да се разминат или да се измешаат. Металци, панкери, рокери, рапери и луѓе што не сакаа да припаѓаат на ниту една строго определена група.
На прв поглед, нашите музички племиња беа прилично разделени. Секој имаше свои бендови, облека, места и правила. Но до средината на деведесеттите границите веќе почнаа да се разлабавуваат. „Мјузик Гарден“ беше едно од местата каде што тие светови можеа да се најдат на иста локација.

Таму не се слушаше само рок. Имаше панк и метал, но и рап, брејкбит и други звуци што тогаш тешко наоѓаа простор во комерцијалните дискотеки и медиуми. Во едно мое сеќавање од 1994 година, клубот се појавува преку „Sabotage“ од Beastie Boys – песна што како да беше создадена за такво место: истовремено рап, панк, врева и чиста енергија.
До „Мјузик Гарден“ често стигнувавме откако веќе ќе поминевме низ половина град. Започнувавме на клупите кај Соборен, со по едно „ѕидарско“ (за неупатените, Скопско, кое најчесто го пиеја ѕидарите, молерите по напорна работа, а ние пред да се упатиме во главното место за вечерта) или со шише Кавадарка која се подаваше и налеваше во пластични чаши во слава на монасите кои во минатото по манастирите го произведувале овој еликсир за душата.
По неколку испиени литра и со по малку несигурен, но разигран чекор, се упатувавме во една од двете насоки, кон Градски ѕид и по пат СФ или Сабвеј, или во обратната насока на клупите кај Градски парк и Фонтана. Подоцна шемата од Соборен се префрли кај продавничката до клубот со живи свирки, „Зот“ (за која ме Урош Вељковиќ ме потсети дека се викала „Пингвин“). Таму имаше едно место малку затскриено со жива ограда, каде испоседнати на пивски гајби бистревме мудрости за музиката и светот. „Мјузик Гарден“ не беше само точка на картата. Беше крајна станица на која било од овие маршрути.
Сцената на која почнуваа бендовите
Тогаш не размислувавме дека посетуваме место што еден ден ќе стане дел од некаква историја. Само одевме таму каде што имаше добра музика, познати луѓе и можност да се случи нешто.

Дури подоцна, додека ја подготвував мапата „Алтернативно Скопје во 1990-тите“, почнав да разбирам колку бендови поминале низ сцената на „Мјузик Гарден“.
Во 1994 година таму го одржала својот прв концерт групата што во различни периоди се викала „Територијална одбрана“, „Social Deprived“ и конечно „Disclass“. Во следните години настапиле „Архангел“, „Чиста околина“, „Бензона“, „Т.Б. Трачери“, „Ripping Treatment“, „Ocean Pacific“, „Sanatorium“, „Holocaust“, „Никеја“, „Earl Gray“, „Cyborg“, „Xavier Acid“, „Grow“, „Vision Pit“, „Frontal Cortex“, „Соломонов Печат“, „Рок Агресори“, „Hellstrings“ и многу други.
Денес овие имиња ги подредуваме во хронологии, енциклопедии и архивски записи. Тогаш тие беа луѓе што ги гледавме на импровизирана сцена, често со несовршен звук и во услови што беа далеку од професионални.
Но токму тоа беше сцената. Не совршенството, туку можноста да се настапи.

За концертот на „Ocean Pacific“ е зачувано сеќавање на хаотичен настап врз импровизирана бина од искривени шперплочи, прицврстени со големи камења. Бендот го нема на отпечатената програма на фестивалот на кој настапил, што значи дека веројатно бил дополнително вклучен или распоредот бил променет.
Мене токму таквата слика ми изгледа како најточен портрет на независната сцена од тоа време: неколку искривени шперплочи, големи камења за да не се распаднат и бенд што сепак излегува да свири.
Седумте дена на „Strip & Sound“
Најсилниот материјален документ за клубот е билетот од фестивалот „Strip & Sound“, одржан од 1 до 7 септември 1995 година. Стриповската изложба се одржувала во Музејот на град Скопје, а концертите почнувале во 22 часот во „Мјузик Гарден“.
Според сеќавањето на Игор Анѓелков, иницијатор на фестивалот бил Горан Таневски од „Мизар“. На задната страна од зачуваниот билет (посетете го одличниот блог на Игор, „Херој на еден ден“, за да го видите!) е отпечатена целата музичка програма.
На 1 септември својот прв концерт го одржала „Бензона“, во вечер со „Архангел“, „Никеја“, „Earl Gray“ и „Балкан Експрес“. Следниот ден настапила „Чиста околина“, заедно со „Cyborg“ и „Xavier Acid“. На 3 септември „Т.Б. Трачери“ првпат свиреле пред скопската публика. Останатото е историја!

Во текот на седумте дена настапиле голем број домашни и регионални состави. Имало рок, панк, метал, рап, експериментална музика и завршна џем-сесија. Денес таквата програма изгледа како пресек на цела една генерација. Тогаш веројатно изгледала само како уште една хаотична и возбудлива недела во градот. (ПС: повеќето шминкери отидоа на фестивалот заради бендот Naked, а вам ви оставам да истражите зошто 🙂
„Ratamahatta“, шутките и полицијата
За мене, најсилната слика од „Мјузик Гарден“ останува врзана за 1996 година и за „Ratamahatta“ на Sepultura.
Шутката однадвор може да изгледа како бесмислена тепачка. За луѓето во неа имаше свои правила. Паѓаш, некој те крева. Удираш и те удираат, но целта не е некого навистина да повредиш. Во доволно голем простор можеше да се движиш, да избегнеш удар или да излезеш од кругот кога ќе ти стане премногу. По моите негативни искуства со шутките на (големиот и единствен) Т-фестивал во Скопје, Мјузик Гарден беше освежување.

Затоа во книгата напишав дека таму можевме да се шуткаме без да ни ги скршат ребрата или да ни ја скинат главата. Секако, тоа не беше гаранција. Повеќе беше чувство дека за момент имаме простор во кој можеме да бидеме гласни, физички, несмасни и слободни.
Но слободата обично траеше до моментот кога ќе влезеше полицијата. Музиката се прекинуваше поради доцниот час и бучавата. Во непосредната околина работеа и многу поголеми комерцијални и „турбофолк“ дискотеки, па нам ни се чинеше дека правилата не важат еднакво за сите.
Подоцна, во книгата, напишав:
Мјузик Гарден неславно заврши под притисок на здружените сили на полицијата и турбофолкерите, но живите свирки во Маракана и Лејди Блу, со задолжителните Day Off, колку-толку ни го одржуваа нивото на музичка свесност за рокенролот.
Денес на оваа реченица би ѝ ставил фуснота.

Таа е точна како лично чувство и мемоарска иронија, но не и како службено објаснување за затворањето. Полицијата навистина ја прекинуваше музиката, но не пронајдов документ што докажува дека полицискиот притисок бил непосредната причина за крајот на клубот.
Кога ја пишуваме историјата на сопствената младост, лесно е чувството да го прогласиме за факт. Мапата ме научи да ги раздвојувам двете работи, без да ја поништам вистината на сеќавањето.
Последното лето: When The Music’s Over
„Мјузик Гарден“ сигурно работел и во 1997 година. Кумановската треш-метал група „Holocaust“ има концертно издание насловено Live at Music Garden (1997).
На 8 јули истата година таму настапиле „Sanatorium“. Концертот е опишан како френетичен летен настап и последно појавување на групата пред нејзиното тогашно повлекување од јавноста. Тоа е најдоцниот прецизно датиран настан што досега го пронајдов.
Можно е клубот да работел и во летото 1998 година, но за тоа засега немам независна документарна потврда. Не ја знам ниту точната година на затворањето. Тие години веќе бев заминат на студии во Италија.

А потоа местото постепено исчезна од градската маршрута. Прво престануваш да одиш таму. Потоа престануваш да проверуваш што се случува со просторот. На крајот, еден ден откриваш дека местото кое во твојата глава сè уште е полно со луѓе, дваесет години подоцна, одамна е празно.
Фотографии од местото по музиката
Фотографиите од 2017 година не го прикажуваат клубот. Тие го прикажуваат она што останало по него.
Нема публика, нема сцена и нема музика. Има само разрушен и истрошен простор што повеќе не може сам да ја раскаже својата приказна.

Кога ги гледам фотографиите, не можам да кажам дека го гледам „Мјузик Гарден“. Повеќе гледам негатив од „Мјузик Гарден“ – празни места на кои меморијата ги враќа луѓето, шанковите, бендовите и звукот.
Токму затоа овие снимки се важни. Тие го документираат последниот физички слој на едно исчезнато место. Не неговите најубави денови, туку бавното исчезнување.
Што сè уште не знаеме?
За „Мјузик Гарден“ денес имаме хронологија, список на голем број бендови, фестивалски билет, неколку објавени сеќавања и фотографии од просторот по неговото затворање.
Но сè уште немаме доволно фотографии од клубот додека работел.
Не знаеме кој ја осмислувал редовната програма, кој сè пуштал музика, како се менувал изгледот на сцената и шанковите и што точно се случило во последното лето. Немаме целосна збирка плакати, флаери и влезници. Веројатно таква збирка никогаш и немало – но нејзините делови можеби сè уште се наоѓаат во нечии фиоки, албуми и стари кутии.

Целосната архивска единица за „Мјузик Гарден“ се наоѓа на интерактивната мапа „Алтернативно Скопје во 1990-тите“. Од мапата можете и директно да го споделите конкретното место – отворете ја единицата и изберете ја опцијата за споделување.
Од „Мјузик Гарден“ можеби не останало многу во просторот. Но останало доволно во луѓето.