Алтернативно Скопје во 1990-тите: официјална верзија 1.0

Од почетна книжевна мапа до отворен истражувачки архив со 74 клубови, концертни простори, кафулиња и неформални собиралишта

Интерактивната мапа „Алтернативно Скопје во 1990-тите“ (бета верзија) стигна до својата официјална истражувачка верзија 1.0.

Започната како книжевна мапа инспирирана од „3 минути и 53 секунди“ на Берт Стајн, таа прерасна во поширока мапа на алтернативно Скопје од 1990-тите.

За потеклото на идејата, првиот список составен од сеќавања и методологијата на проектот веќе пишувавме во првиот текст за мапата. Оттогаш, благодарение на големиот број реакции, дополнувања и нови истражувања, мапата значително се прошири и стана попрецизна.

Верзијата 1.0 донесува пребарување и филтрирање според видот на местото и музичката сцена, јасно разграничување меѓу точни, приближни и неутврдени локации, проширени хронологии, фотографии, книжевни траги и извори. Додаден е и автоматски „Список на заведени места“, преку кој можат да се прегледаат и директно да се отворат сите 74 архивски единици, како и посебен список на „Непроверени места“ што чекаат нови податоци и сведоштва.

Од првата јавна верзија до 74 архивски единици

Првата верзија (со околу 30 единици) беше обид да се соберат и просторно да се поврзат местата што останале во сеќавањето на една генерација. По нејзиното објавување пристигнаа нови имиња, просторни корекции, податоци за сопственици, музичари, диџеи, концерти и наследувања на локалите.

Верзијата 1.0 содржи 74 разработени единици: клубови, концертни простори, кафулиња, чајџилници, галерии, маалски локали, паркови, плочници, клупи и други неформални собиралишта.

Покрај добро познатите централни точки, мапата сега ја прикажува и пошироката градска мрежа: Безистенот и Чаршијата, Буњаковец, Капиштец, Дебар Маало, Ново Маало, Градски ѕид, Лептокарија, Ченто и други делови од градот.

Така уште појасно се гледа дека алтернативното Скопје не било ограничено на неколку славни клубови. Тоа било распространета социјална мрежа во која маалско кафуле можело еднаш неделно да стане градска алтернативна точка, скараџиски киоск да прерасне во доцноноќно собиралиште, а скали, клупи или обичен плочник да добијат сопствено име и место во генерациската меморија.

Сведоштвата отворија нови маршрути

Најголем дел од новите сознанија произлегоа од јавните реакции на луѓето што непосредно ги посетувале местата или учествувале во нивната програма. Нивните сведоштва помогнаа да се лоцираат заборавени локали, да се разграничат места со слични имиња и да се откријат врските меѓу различни генерации, екипи и простори.

Се заблагодаруваме на: Миша Поповиќ, Невенка Стојановска, Петар Младеновски, Виктор Делевски, Тошо Филиповски, Жарко Масларковски, Влатко Лакардов, Васил Буралиев, Урош Вељковиќ, Зоран Велковски, Милан Дамјаноски, Hypnaswan Su, Влатко Чачоровски – Чоле, Александар Михајловски, Ана Чушкова, Александар Андоновски, Гоце Адамчески, Тони Димитров, Зденко Петровски, Институт за родови студии, Душица Димитровска, Наташа Аврамовска, Игор Велкоски, Александра Симова, Андреј Марјановиќ, Irenka Sirenka, Татјана Александровна, Матеј Богдановски, Никола Пијанманов, Викторија Стефкова, Марија Пендева, Мирјана Ивановска, Жарко Каргов, Маја Наумова, Ксенија Јанева-Николова, Петрула Костовска, Бојана Србљак, Матилда Садикарио-Костовска, Јане Бојаџиевски, Дуле Дамјановски, Искра Анева Макиќ, Гаврило Миловановиќ и други за нивниот придонес.

Некои сведоштва открија целосно нови точки. Други исправија погрешни претпоставки. На неколку места беше утврдено дека две имиња означувале последователни фази на истиот простор, додека кај други стана јасно дека локалите треба да останат одделни иако се наоѓале во непосредна близина.

Посебно внимание е посветено на разликата меѓу непосредното сеќавање и независно потврдениот податок. Не секое сведоштво автоматски станува конечен факт, но секое може да биде важна истражувачка трага.

Повеќе извори и попрецизни хронологии

Во верзијата 1.0 се проширени хронологиите и изворите за голем број места. Личните сеќавања се вкрстуваат со стари списанија, книги, интервјуа, деловни именици, концертни најави, фотографии, форуми и зачувани интернет-страници.

Особено значајни се писмените траги што овозможуваат некои локали да се датираат попрецизно. Списанието „Маргина“, на пример, зачувало книжевни и документарни сцени од чајџилниците и кафе-галериите во Чаршијата. Интервјуата со музичари и уметници откриваат каде се одржувале првите настапи, проби, изложби и долги разговори што често биле подеднакво важни како официјалната програма.

Кај секое место се настојува јасно да се разграничи што е потврдено, што е изведено преку споредба на повеќе извори, а што останува работна хипотеза.

Точни, приближни и неутврдени локации

Една од најважните доработки е попрецизното означување на сигурноста на локациите.

Местата на мапата сега се делат на:

  • локации што можат точно да се поврзат со адреса или конкретен објект;
  • приближни или зонски локации, утврдени преку околните ориентири;
  • места без координати, за кои сè уште нема доволно просторни податоци.

Зонскиот маркер не тврди дека локалот се наоѓал токму во означениот дуќан. Тој покажува во кој дел од градот треба да се продолжи истражувањето. Кај дел од комплексите, како Безистенот или подрумот на ТЦ „Буњаковец“, ја знаеме зградата, но не и точниот влез или деловен простор.

Подобро е едно место привремено да остане без координати отколку погрешната претпоставка со текот на времето да почне да се пренесува како факт.

Нови можности за пребарување и прегледување

Верзијата 1.0 овозможува местата да се пребаруваат и филтрираат според видот на просторот и сцената со која биле поврзани: рок, панк, метал, џез, електроника, хип-хоп, готик, скејт-култура и уметност.

Додаден е и автоматски „Список на заведени места“, преку кој можат да се прегледаат сите 74 архивски единици и директно да се отвори избраното место.

Одделно е поставен списокот „Непроверени места“. Во него се чуваат имињата што се појавуваат во сеќавања или поединечни извори, но за кои сè уште нема доволно податоци за полноправна единица. На тој начин трагите не се губат, но не се претставуваат како целосно потврдени.

Што останува за следните верзии?

Истражувањето не завршува со овие 74 единици. Неколку места за кои веќе постојат релевантни траги – меѓу нив „Фокс“ во Чаршијата, „Сајмиште“, „Братство“, „Шенеда“, „Спутник“ и други – ги оставаме за следната верзија, за да добијат доволно разработена хронологија и посигурна архивска поткрепа.

Местата како „Speed“, „Пиколо“, „Сити паб“, „Чех“ и други засега остануваат на стенд-бај. Нивните имиња се појавуваат во сеќавања и разговори, но сè уште немаме доволно проверени информации за точниот период, локацијата, програмата или нивната поврзаност со алтернативната сцена. Наместо да ги внесеме врз основа на претпоставки, тие ќе останат меѓу отворените истражувачки траги.

Од верзијата 1.0 свесно се изоставени и местата што се појавиле по 2000 година, како „Ретокс“, „Club“, „Лудница“, „Кашет“, „Љубов“, „Круг“, „Вега“, „Mamas“ – во фазата кога функционирал како џез-кафуле со свирки, пред да стане ноќен клуб – „Legend Pub/Jazz Inn“, „D Club“ и други.

Иако дел од нив непосредно ја продолжуваат сцената создадена во деведесеттите, нивното вклучување би ја нарушило јасната временска граница на сегашната мапа. За нив можеби ќе има место во некоја идна, проширена мапа посветена на алтернативно Скопје во 21 век.

Верзијата 1.0 не е последна верзија

Ознаката 1.0 значи дека мапата првпат е оформена како целосна и функционална истражувачка целина. Не значи дека историјата е завршена или дека сите податоци се конечни.

Напротив, овој архив може да стане попрецизен само со учество на луѓето што ги паметат местата.

Затоа ги повикуваме поранешните посетители, музичари, диџеи, шанкери, сопственици, организатори, уметници и сите што биле дел од тогашниот градски живот да ја разгледаат мапата и да ни помогнат во нејзиното натамошно дополнување.

Особено нè интересира:

  • дали некое место е погрешно лоцирано;
  • дали некој локал е погрешно класифициран како алтернативен;
  • дали две различни места се споени по грешка;
  • дали едно место непотребно е поделено на повеќе единици;
  • дали недостига важен клуб, кафуле, концертен простор или собиралиште;
  • кои биле точните години на работа;
  • кој го водел локалот и кој ја создавал неговата програма;
  • кои музичари, бендови и диџеи настапувале таму;
  • што се наоѓало во просторот пред него и што дошло подоцна.

Највредни се личните сеќавања придружени со материјална трага: фотографии, флаери, плакати, концертни билети, членски карти, покани, огласи, новинарски исечоци, менија, адресари, видеоснимки или аудиокасети.

Важно е и она што на прв поглед изгледа незначајно. Фотографија од роденден, маса со неколку шишиња, влез во подрум или случајно фатен фирмопис во заднината понекогаш може да биде единствениот зачуван визуелен доказ за исчезнато место.

Миле свежо вратен од ЈНА, затоа без коса, Радмила до него, Божо, Гоко, Цеце, долу Даре (и тој без коса вратен од ЈНА) и Татјана Александровна (која ни ги прати фотографиите) на ѕитчето на Општина Центар (карши Ван Гог)
Истите луѓе од горе, плус Пицек и Дуле (фото извор: Татјана Александровна)
Отворен архив на еден исчезнат град

„Алтернативно Скопје во 1990-тите“ не се обидува да создаде идеализирана слика за деценијата. Целта е да се зачуваат различните, понекогаш противречни искуства од градот и да се покаже како од нив постепено може да се изгради заедничка културна топографија.

Мапата ќе продолжи да се дополнува и коригира. Секоја нова верзија ќе биде уште еден слој во реконструкцијата на градот што исчезнал физички, но сè уште живее во фотографиите, музиката, јазикот и сеќавањата на луѓето.

Отворете ја интерактивната мапа „Алтернативно Скопје во 1990-тите“ →

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *