Алтернативно Скопје во 1990-тите: интерактивна мапа (бета верзија)

Од „Дорс“, „Зизи“ и „Мјузик Гарден“ до „Коцка“, „Црква“ и „Плочник“ – обид да се зачува градот каков што го памети една генерација

Пробајте ја, а ако ве интересира повеќе за историјата и методологијата на мапава, продолжете со читање
Како настана оваа мапа на алтернативно скопје 1990-1999?

Идејата за оваа мапа не започна како план за дигитален архив. Започна од еден фејсбук-коментар.

Во февруари 2024 година, под објава на Стрезо Чубалевски во групата „Стари Скопјани“ за скопскиот ноќен живот во деведесеттите, забележав дека во вообичаените ретроспективи најчесто се паметат поголемите и покомерцијални дискотеки, додека малите алтернативни клубови, подруми, чајџилници и неформални собиралишта речиси исчезнале од приказната.

Во коментар почнав да ги набројувам местата што ми недостигаа: „Дорс“, „Мјузик Гарден“, „Зизи“, „Њу Ејџ“, „СФ“, „Пони“, „Медиум“, „Дваескец“, „Џаџо“, „Багдад кафе“, „Менада“, „Лејди Блу“, „Зот“, „Маракана“… Други учесници се надоврзаа со дополнувања, корекции и сопствени сеќавања. Се појавија „Рок Енерџи“, „Аркус“, „Сабвеј“, „Вулкан“ и други одамна исчезнати имиња.

Првично тоа беше само список од меморијата. Но, зад секое име веднаш се отвораа нови прашања: Каде точно се наоѓаше? Кога работеше? Каква музика се пушташе? Кој настапувал таму? Што имало во просторот пред него, а што дошло потоа? Дали некаде постои фотографија, плакат, билет или барем уште едно независно сведоштво?

Така списокот почна да прераснува во истражување, а истражувањето – во мапа.

Продолжение на неформалниот архив на Арно.мк

Идејата не се појави изолирано. Таа природно се надоврзува на повеќегодишните архивски напори на Арно.мк и на неколку поврзани проекти што се обидуваат да ги зачуваат малите, лесно превидливи траги од минатото.

Преку „Временска капсула“ (рубрика и група) се собираат фотографии, исечоци од весници, локални брендови, исчезнати дуќани и фрагменти од секојдневниот живот. „Вчерашни вести“ ги враќа старите новинарски записи во оптек и покажува дека вчерашната вест со текот на времето може да стане историски документ. „Временска капсула: табли и исписи“ ги архивира старите фирмописи, рекламни табли, типографии и визуелни идентитети што исчезнуваат од фасадите, иако продолжуваат да живеат во колективната меморија.

Со слична намера, преку Графит.мк и текстовите за скопските графити се документираат ѕидовите како привремена градска архива: слоеви што постојано се појавуваат, се прекриваат и исчезнуваат. Текстовите на Арно.мк за старите објекти, маала, фирми, улични натписи, графити и урбани микролокации се дел од истиот обид да се забележи она што институционалните архиви најчесто не го препознаваат како важно.

Мапата како продолжение на нашите архивски напори

Интерактивната мапа „Алтернативно Скопје“ ја пренесува таа архивска логика од предметите и визуелните траги кон социјалната топографија на градот.

Тука не се архивира само каде се наоѓала одредена врата, подрум или шанк, туку и што се случувало околу нив: кој се собирал, каква музика се слушала, каде се продолжувало потоа, што се купувало од блиската продавничка и како едно сосема обично место станало генерациски топоним.

Станува збор за неформален и отворен градски архив. Тој не е составен само од официјални документи, туку и од стари фотографии, книги, концертни билети, весници, форумски дискусии, фејсбук-коментари и лични сеќавања. Секој од овие извори има различна тежина и точност, но заедно овозможуваат да се реконструира дел од градот што физички речиси исчезнал.

Личните сеќавања за свирките во „Дорс“, фудбалчето во „Зот“, шутките во „СФ“ и „Мјузик Гарден“ или бескрајните разговори во „Њу Ејџ“ почнаа да се поврзуваат со стари весници, музички енциклопедии, интервјуа, фотографии и архивски интернет-страници. Кон клубовите се приклучија и јавните собиралишта: „Коцка“, „Црква“, „Фонтана“, „Плочник“, клупите кај „Лондон“ и продавничките што работеле до доцна.

Стана јасно дека не правиме само мапа на локали, туку културна топографија на една генерација – мрежа од клубови, концертни простори, чајџилници, клупи, плочници, паркови и продавнички меѓу кои се движела скопската алтернативна младина.

Градот, всушност, не исчезнува одеднаш. Прво се затвора локалот. Потоа се симнува фирмописот, се менува сопственикот, се преградува дуќанот или се урива целата зграда. Клупите се преместуваат, графитите се пребојуваат, а имињата на местата полека исчезнуваат од секојдневниот говор.

На крајот останува некоја реченица: „Се чекаме пред Соборна“, „Одиме во Зот“, „Ќе се најдеме во Зизи“, „Се гледаме на Коцка“.

Од тие реченици е составена интерактивната мапа „Алтернативно Скопје“.

Траекторија на една младост

Алтернативното Скопје не се состоеше само од локали со шанк, озвучување и работно време. Тоа беше мрежа од мали простори и градски микротопоними меѓу кои младите се движеа пеш.

Пред Соборниот храм – или едноставно „на Црква“ – се чекале пријателите и се договарала вечерната маршрута. Оттаму можело да се продолжи кон „Зот“, „Сабвеј“, „СФ“, Буњаковец, Градски ѕид или Градскиот парк.

Во „Дорс“ се слушале готик и рок, гореле свеќи и мирисало на миризливи стапчиња. Таму, на 3 март 1994 година, својот прв официјален настап го одржале „Суперхикс“, пред петнаесетина луѓе.

Во „Зизи Топ“ не морало однапред да се договори средба. Се одело со очекување дека некој познат сигурно ќе биде таму. Во „Мјузик Гарден“ се правеле шутки на Sepultura, се одржувале концерти и фестивалот „Strip & Sound“, а полицијата повремено ја прекинувала музиката. Во „Маракана“ свирките продолжиле со децении.

„Лејди Блу“, „Енерџи“, „Пони“, „Браво“, „Вулкан“, „Бутлег“, „Њу Ејџ“, „Менада“ и „Флок/Балет“ претставувале различни фази и лица на скопскиот ноќен живот – од рок, метал и панк до хип-хоп, електронска музика, џез и ориентална атмосфера.

Во Чаршијата постоела друга, подеднакво важна маршрута: „Галерија 7“, Безистен, „Багдад кафе“, „Џаџо“, „Дваескец“, Капан ан и Куршумли ан. Некои биле чајџилници и кафулиња, други галерии, анови или импровизирани концертни сцени. Заедничко им било тоа што овозможувале средби меѓу музичари, уметници, писатели, студенти и сите што не се препознавале во доминантната градска шема.

Места за загревање пред „искачање“

А тука биле и местата што воопшто не биле локали.

„Коцка“ на плоштадот била панкерско собиралиште и отворена концертна точка. „Фонтана“ во Градскиот парк била место за пиво, музика и чекање. „Плочник“ зад Соборниот храм прераснал од супкултурно собиралиште во скејтерска зона, графити-галерија и простор за концерти, проекции и фестивали. Клупите кај „Лондон“ биле место за средби на алтернативната публика и корисниците на старите IRC-канали.

Посебна единица на мапата се и „Продавничките“. Тоа не е една продавница, туку цела ноќна инфраструктура: „Славија“ во Дебар Маало, продавничката спроти КИМ, продавничките околу Градски ѕид и МВР и „Драгстор Бети“. Таму се купувале евтино пиво, сончоглед, цигари и сендвичи, а скалите и тротоарите се претворале во импровизирани клубови без влезница, обезбедување и задолжителна нарачка.

Што содржи мапата?

Секое место е обработено како мала архивска единица. Покрај основниот опис, единиците можат да содржат:

  • точна или приближна локација;
  • период на работа;
  • музичка и супкултурна припадност;
  • кратка хронологија;
  • фотографии;
  • книжевни траги;
  • новинарски текстови, интервјуа и архивски записи;
  • форумски и лични сведоштва;
  • белешки за точноста и отворените прашања.

Книжевните извадоци не се додадени само како илустрација. Тие покажуваат како местата биле доживувани однатре: нивната светлина, мирис, музика, чад, цената на пивото, разговорите и чувството дека некаде навистина припаѓаш.

Со клик врз книгата во делот „Книжевни траги“ се отвора посебен прозорец со извадокот. Хронологиите и фотографиите исто така се отвораат одделно, за основната мапа да остане прегледна.

Архивата останува отворена

Мапата е завршена како прва целосна верзија, но истражувањето не може да биде конечно. Сè уште недостигаат точни години на отворање и затворање, имиња на сопственици и диџеи, фотографии од ентериерите, концертни плакати и прецизни локации на дел од локалите.

Ако препознаете погрешно поставен маркер, знаете што се наоѓало пред или по некој клуб, поседувате фотографија, билет, флаер или лично сведоштво – испратете го.

Можеби за некого тоа е само стара фотографија од маса со неколку шишиња. За градската историја, таа може да биде единствениот доказ за место што веќе не постои.

Градот не го сочинуваат само објектите што преживеале. Го сочинуваат и местата што исчезнале, но продолжуваат да живеат во јазикот, музиката и сеќавањето на луѓето.

ОТВОРЕТЕ ЈА МАПАТА „АЛТЕРНАТИВНО СКОПЈЕ“

One thought on “Алтернативно Скопје во 1990-тите: интерактивна мапа (бета верзија)”

  1. Немам што да кажам. Секоја чест. Иако не сум од Скопје, честото одење кај пријатели на журки или на концерти, ме потсетува на многу од наведените места, за кои и сум подзаборавил дека сум бил на добра и фул забава и дружење. Ова денешно Скопје нема врска со тоа Скопје, така да фала ви на потсетувањето и терајте, може некој нов добар дух ќе стигне во наше Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *