Што има на телевизија? Враќање во Скопје, 1990

Петок, 31 август 1990 година. Во 10:30 на Прва има „Македонски приказни“. Во 16:55 на Втора почнува преносот од атлетиката во Сплит. За „Ало, ало!“ ќе треба да се почека до недела во 23:05. Така пишува во „Екран“, во неделниот прилог со телевизиска програма.

Тој распоред сега може повторно да се прелиста, а дел од програмата и да се гледа. Ретро МК ТВ е нов проект во „Временска капсула“ на Арно.мк. Во една виртуелна дневна соба од 1990 година има телевизор со две копчиња за канали и примерок од „Екран“ на комодата. Оттаму можеш да ја разгледаш програмата од 31 август до 6 септември 1990 година.

Вклучи го Ретро МК ТВ
Што се гледало на Прва и на Втора?

На една страница од „Екран“ има доволно за да се види колку различни работи собирала една телевизиска сабота. На Прва има детски емисии на турски и на албански, реприза на „Подобар живот“, како што е запишана „Бољи живот“, и цртан филм во 19:15, пред Дневникот. На Втора се „Игри без граници“, атлетика и фудбал, а по полноќ е најавен пренос од Гитаријадата во Зајечар.

Кликни на „Екран“ во собата и ќе се отвори скенот од оригиналната страница. Избери ден и канал и ќе видиш што било на програмата. Каде што има достапна снимка, можеш да ја пуштиш. За некои термини најдовме цела епизода, за други сцена или архивска снимка од истиот настан. На пример, за атлетиката во Сплит има архивски преглед од првенството. Во распоредот се и емисиите за кои засега имаме само наслов и час.

Од каде дојде идејата за дневната соба?

Кога Берт Стајн се пресели од Сараево во Скопје, дел од македонскиот јазик го научи пред телевизор, со „Македонските народни приказни“ и „Бушава азбука“. За тие први години авторот пишува во 1 час и 30 минути, книга замислена како романизирано филмско сценарио, со кратки резови меѓу места и години. Оттаму дојде идејата мини-сајтот да почне со еден кадар. Скопје, крај на летото, 1990. Телевизор на комода, „Екран“ до него, скирол потпрен од страна. Скиролот е од една сцена во 3 минути и 53 секунди.

Што останало од таа програма?

Во „Екран“ можеме да прочитаме што било најавено, до минута. Да се најде снимката е друга работа. Дел од она што денес може да се гледа е достапно благодарение на луѓето што сочувале снимки и ги објавиле на интернет. Колку ли емисии сè уште стојат на нечија домашна касета, можеби под етикета на која пишува само „недела“? Тоа е и едно од прашањата што ги отвораме со повикот за зачувување на архивите на МРТ.

Од распоредот ја направивме програмата на телевизорот, а потоа почнавме да бараме што од неа може да се гледа денес. Кликни на „Екран“ во собата и ќе го видиш оригиналниот скен. Избери ден, час и канал, па пушти некоја од достапните снимки. Кај дел од емисиите има цела епизода, кај други само сцена или сродна снимка. Некаде останал само редот во распоредот.

Повеќе од три децении подоцна, за некои емисии тоа е сè што успеав да најдам. Додека го составувавме телевизорот, постојано се навраќавме на прашањето што неодамна го отворивме на Арно.мк. Колку од она што сме го гледале сè уште можеме да го видиме?

Благодарност до Горан Ацески и групата „Вчерашни вести“ за ТВ-програмата од „Екран“.

Ретро МК ТВ е дел од „Временска капсула“ на Арно.мк.

Додајте го Арно како претпочитан извор на Google
Читајте нè бесплатно на Viber

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *