Флаери, викенд-програми и фотографии од луѓето зад пултот: новата дигитална изложба го следи животот на The Club преку зачувани материјали од 2006 до 2008 година.

Петок едни имиња, сабота други. Следната недела нов флаер, нов гостин, нова комбинација од луѓе. Некогаш доаѓаш за конкретен диџеј, некогаш за друштвото, а некогаш едноставно затоа што знаеш каде ќе завршиш вечерта.
Така, викенд по викенд, еден клуб станува дел од животот на градот. По години, од тој ритам остануваат фотографии, најави и имиња што повторно будат сеќавања.
Токму тие траги ги поврзуваме во „The Club: викенд по викенд“, третата онлајн изложба во рамките на дигиталниот архив „Електронско Скопје“.
По „Ноќта на хартија“, посветена на флаерите како документи на сцената, и „Градот како подиум“, која ги следеше нејзините простори, сега се задржуваме во еден клуб. Го разгледуваме преку неговата програма, визуелниот идентитет и луѓето што се појавуваат зад пултот.

Три сезони на хартија
Клубот има свој календар. Отворање на сезона, редовни викенди, новогодишна забава, годишнина, последна вечер пред паузата.
На флаерите на The Club тој календар добива различни облици. Едно отворање најавува „new sound and decoration“. На друго, голем патент го отвора просторот за новата сезона. Во јануари 2008, голема тројка ја носи пораката „3 years keeping music alive“.
Особено симпатична е најавата за крајот на третата сезона, во мај 2008, во која клубот ѝ се обраќа на публиката во прво лице. Место што проговорува, се заблагодарува и ја најавува последната заедничка викенд-програма пред сезонската пауза.
Ваквите материјали ја покажуваат вредноста на редовноста: сите оние вечери меѓу големите гостувања, преку кои се одржува една сцена.

Имињата од флаерите добиваат лица
Новата колекција ни овозможува нешто што во претходните изложби беше помалку присутно: да ги поставиме најавите покрај фотографии од клубот.
Меѓу материјалите се појавуваат Black Sun Empire, Big Bud, Nookie, Submorphics, Aleksandar Ivkovic и Lore, покрај бројни домашни изведувачи.
На флаерот стојат името, датумот и програмата. На фотографијата се гледаат опремата, просторот, движењето, концентрацијата или насмевката зад пултот. Таму каде што најавата завршува, фотографијата отвора друга приказна.
Ги поврзуваме според зачуваните имиња, без да претпоставуваме дека секоја фотографија е направена токму на вечерта најавена на придружниот флаер.

Еден клуб, повеќе сцени
Викенд-програмите откриваат колку различна музика можела да се собере под истото име: техно, хаус, драм-ен-бејс, брејкс, хип-хоп, настапи во живо и визуелни изведби.
На една најава пишува „Techno vs. Drum’n’Bass“. На друга, хип-хоп програмата дели простор со петочната и саботната вечер. Се појавуваат „New Disko“, PMG Kolektiv и Bernays Propaganda во живо, како и најави за домашна електронска продукција.
Гледани заедно, флаерите покажуваат место на средби меѓу различни музички кругови, организатори и публика.

Дизајнот на една ноќ
Посебно поглавје заслужува изгледот на најавите.
Роботи, играчки, клавијатури, цветни орнаменти, лавиринти од видеоигри, колаж и оптички спирали — флаерите експериментираат со сè што може да привлече поглед и да ја пренесе енергијата на вечерта.
Во белешките кон сезонските албуми се зачувани и дизајнерски кредити: Васко Нетковски, Александар Танчевски, Горан Костовски — ind.o.g, Сашо Recyd, Inox, Hade, 212, re4m и Flim. Ги наведуваме според сезоните, додека авторството на поединечните флаери останува отворено за дополнување.

Изложба и отворена колекција
Главната приказна е организирана во четири поглавја, со 24 целини и 45 слики. На истиот сајт е достапна и поширока галерија со 106 слики на флаери и придружни материјали и 101 фотографија од клубот, со пребарување и можност за поголем приказ.
Благодарност до Leni von Geleva за дел од флаерите и за споделувањата што нè доведоа до архивата „In loving memory of The Club“, како и до Горан Костовски (ind.o.g) и Катерина (Mileskaya) за одобрението за споделување на материјалите.
Ако препознавате настан, знаете кој дизајнирал некој флаер или чувате фотографии и сеќавања што можат да ја дополнат приказната, пишете ни на contact.arno.mk@gmail.com.
Разгледајте ја изложбата „The Club: викенд по викенд“.