Во последните неколку недели се случија неколку настани кои на прв поглед изгледаат како одделни вести. Во Битола беше промовирано македонското издание на инструментите на меѓународното космичко право, Србија стана 69. држава што ги потпиша Artemis Accords, а во Македонија беше предложен првиот буџетски амандман за почеток на проектот за национална астрономска опсерваторија – кој за жал не беше усвоен.
Сепак, ако овие настани се погледнат во поширок контекст, тие отвораат едно заедничко прашање: дали Македонија конечно ќе почне систематски да ги гради своите капацитети во областа на астрономијата и вселенските науки или секоја нова иницијатива и понатаму ќе останува изолиран напор на поединци, невладини организации и ентузијасти?
Космичкото право пристигна на македонски јазик
Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола и Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) организираа свечен настан по повод објавувањето на македонската едиција на „Инструменти на меѓународното космичко право“, изворно дело издадено од Обединетите нации.

Настанот не беше само промоција на превод, туку и повод да се отвори прашањето за местото на Македонија во современиот меѓународен систем што ги регулира вселенските активности. Во обраќањата беше нагласено дека космичкото право станува сè поважно и за државите кои немаат сопствени вселенски програми, бидејќи сателитските технологии и активностите во космосот сè повеќе влијаат врз комуникациите, навигацијата, безбедноста, животната средина, научните истражувања и секојдневниот живот.
Особено значајна беше видео-пораката од Канцеларијата на Обединетите нации за космички работи, UNOOSA, која ја поздрави иницијативата и ја охрабри Македонија да ги разгледа следните чекори во развојот на своите правни и институционални капацитети. Меѓу можните чекори беа посочени членството во Комитетот на ОН за мирољубива употреба на космосот, COPUOS, како и пристапувањето кон основните договори на Обединетите нации што ја регулираат оваа област.
На настанот беше потсетено и дека поранешна Југославија активно учествувала во создавањето на современото меѓународно космичко право и била меѓу првите држави потписнички на основните инструменти. Македонија по осамостојувањето, сепак, не го продолжила ова институционално наследство преку сукцесија или преку самостојно пристапување кон договорите, поради што денес сè појасно се поставува прашањето за нејзиното понатамошно вклучување во меѓународната правна рамка за космосот.
Во регионот се создаваат нови партнерства
Само неколку дена претходно Србија стана потписничка на Artemis Accords, меѓународна рамка за соработка во мирољубивото, транспарентно и одговорно истражување и користење на космосот, заснована врз принципите на Договорот за вселената од 1967 година.
Потпишувањето на овие договори не значи дека Србија станува дел од вселенска мисија, дека веднаш ќе испраќа астронаути или дека презема обврска да финансира одреден проект на НАСА. Станува збор пред сè за политичко и институционално позиционирање во современиот систем на цивилни вселенски активности, како и за прифаќање принципи поврзани со мирољубиво користење, транспарентност, меѓународна соработка, размена на научни податоци и избегнување штетно мешање меѓу различни мисии.
Паралелно со тоа, Србија го развива и својот прв научен сателит „MOSAIC“, проект во кој се вклучени Белградската астрономска опсерваторија, универзитетски и научни институции, како и меѓународни партнери.
Не е неопходно Македонија да го повтори истиот модел или да ги следи истите надворешнополитички партнерства. Поважна е пораката дека астрономијата, научната инфраструктура, космичкото право, образованието, сателитските технологии и меѓународната соработка не се изолирани области, туку делови од еден поширок институционален и научен систем.
А каде е Македонија?
Во изминатите години Граѓанско-научната космичка агенција и Арно.мк континуирано ја следат и поддржуваат идејата за создавање Македонска астрономска опсерваторија. Досегашното истражување покажува дека во текот на приближно седум децении постоеле најмалку 14 различни иницијативи за основање ваква институција.

Времепловот во целост можете да го видите тука.
Истражување и концепт: Арно.мк | Бранко Прља | ГНКА
Благодарност до: „Емитер“, Слободан Таневски, Даниел Анастасов, Александар Шулевски и сите досегашни поддржувачи на идејата.
Извори: arno.mk, emiter.com.mk, АОМ, ГНКА и други
© 2026 Арно.мк
Пред неколку недели, за првпат, идејата доби конкретен институционален облик преку буџетски амандман поднесен во Собранието. Со амандманот беа побарани 1.722.000 денари како почетни средства за првата фаза од проектот, но Владата не го прифати предлогот и не понуди образложение за таквата одлука. При гласањето во Комисијата за финансирање и буџет имаше два гласа „за“, без гласови против или воздржани, но амандманот сепак не беше усвоен.
Иако исходот беше негативен, фактот дека иницијативата за национална опсерваторија за првпат стигна до собраниска постапка претставува важен пресврт. Таа повеќе не постои само во кругот на астрономите, ентузијастите и граѓанските организации, туку започна да влегува во формалните институционални процедури.
Недостига поврзување на постојните иницијативи
Македонија денес има луѓе и организации што го воведуваат и проучуваат меѓународното космичко право, спроведуваат образовни активности, организираат настани, поднесуваат иницијативи, воспоставуваат меѓународни контакти и работат на идејата за национална опсерваторија.
За да добијат смисла и трајност, овие иницијативи мора да бидат поврзани со соодветна локација, објект, електрична и комуникациска инфраструктура, стручен кадар, модел на управување, долгорочно финансирање и институционален носител.
Она што најмногу недостига не се идеи или интерес, туку систем што ќе ги поврзе постојните активности во долгорочна и јасно определена државна политика.
Во таа смисла, националната астрономска опсерваторија не треба да се гледа само како зграда со телескоп, ниту како симболичен или престижен проект. Таа може да биде основа околу која ќе се развиваат астрономското образование, научните истражувања, обуката на млади кадри, популаризацијата на науката, меѓународната соработка и идните активности во областа на вселенските технологии.
Примерот на Србија покажува дека долгогодишните астрономски институции можат со текот на времето да станат јадра за развој на пошироки научни и технолошки проекти. Белградската астрономска опсерваторија денес учествува и во развојот на првиот српски научен сателит. Македонија не може веднаш да го достигне тој степен, но може да го започне процесот со реални и достижни чекори.
Што би можело да следува?
Следниот чекор не мора веднаш да биде голема инвестиција или целосно изградена национална опсерваторија. Владата или Министерството за образование и наука би можеле најнапред да формираат работна група во која ќе бидат вклучени претставници на универзитетите, МАНУ, астрономските организации, ГНКА, МКД–Битола, САД и други релевантни институции и експерти.
Таквата работна група би можела да ја разгледа правната положба на Македонија во однос на основните договори на ОН за космосот, можностите за членство во COPUOS и продлабочена соработка со Европската космичка агенција, но и да подготви почетна физибилити-студија за национална астрономска опсерваторија. Студијата би требало да ги утврди можните локации, потребната инфраструктура, моделот на управување, фазите на реализација и реалните финансиски трошоци.
Промоцијата на космичкото право во Битола, препораките од UNOOSA, активностите на МКД–Битола и ГНКА, како и неодамнешната собраниска расправа, покажуваат дека во Македонија веќе постојат знаење, интерес, идеи и луѓе подготвени да работат во оваа област.
Прашањето повеќе не е дали ваков интерес постои, туку дали државата ќе ги препознае овие иницијативи како делови од една поширока слика и ќе започне систематски да ги развива националните капацитети во областа на астрономијата, космичкото право и вселенските науки.
Затоа, по настаните, образовните активности и првиот собраниски амандман, време е да се определи и институционален пат. Без таков пат, вредните поединечни иницијативи ќе продолжат да се појавуваат и исчезнуваат, без можност да прераснат во трајна научна инфраструктура.