Пелети – историја на една многу добра идеја која пропадна

Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари. Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат. Каде пропадна добрата идеја?

Пред десетина години пелетите изгледаа како речиси идеално решение за еден македонски проблем.

Голем број домаќинства се грееја на дрва, често во стари и неефикасни печки. Во исто време, Скопје и другите градови секоја зима се задушуваа во загаден воздух. Наместо одеднаш да се бара од луѓето да преминат на скапи и технички недостапни системи, печките на пелети изгледаа како разумна преодна технологија: поефикасно согорување, автоматизирано дозирање и помали емисии од старите печки на дрва.

Токму со такво образложение Град Скопје почна да субвенционира печки на пелети. Во 2019 година субвенцијата изнесувала 70 проценти од вредноста на печката, до максимум 30.000 денари по домаќинство. Интересот бил толкав што средствата биле исцрпени откако пристигнале околу 550 барања. Самиот Град тогаш ја образложувал мерката со стимулирање на „почисто гориво и поквалитетни печки“ како дел од борбата против аерозагадувањето.

Значи, тоа не беше приватен каприц на неколку илјади домаќинства. Институциите испратија јасна порака до граѓаните: ова е подобар начин на греење, инвестирајте во него, а ние ќе ви помогнеме.

Граѓаните инвестираа.

Сите слики во овој текст се од групата ГРЕЕЊЕ НА ПЕЛЕТИ МАКЕДОНИЈА- група за дискусија на греење со ПЕЛЕТИ која порано беше главен информатор за цени за пелети. Денес е група во која граѓаните исклучиво објавуваат продажба на сопствени печки на пелети.
Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави.

Печката на пелети не е производ што еднаш го купуваш и проблемот е решен. Купувањето на печката е само влезниот билет во систем кој потоа секоја зима бара неколку тони специфично гориво. И тука се наоѓа основниот недостаток на целата политика.

Ако со јавни пари поттикнуваш домаќинство да го промени начинот на греење поради јавен интерес – во случајов намалување на загадувањето – тогаш не е доволно само да му помогнеш да ја купи опремата. Мора барем да размислуваш дали горивото за таа опрема ќе биде достапно, дали ќе постои стабилен пазар и дали граѓанинот ќе може финансиски да продолжи да го користи системот. Тоа очигледно не се случи.

Во август 2026 година веќе се регистрираа цени до 340 денари за вреќа од 15 килограми, наспроти околу 199 денари кога пелетите станаа актуелни. Државниот пазарен инспекторат тогаш објасни дека цените на пелетите се формираат слободно на пазарот и зависат од квалитетот, маржата, производителот и трговецот. Само неколку недели подоцна, непосредно пред грејната сезона, реалната цена што ја добива купувачот е уште повисока.

Во проверка на пазарот за овој текст, поквалитетните пелети како Шишарка A1 се нудат по 399 денари за вреќа од 15 килограми, а Ecolife по 379 денари. Тоа повеќе не се хипотетички „цени до 400 денари“. 400 денари практично стана реалност.

Колку всушност чини една зима?

Цена од 399 денари за 15 килограми значи околу 26.600 денари за еден тон, односно нешто над 430 евра.

Ако земеме работна претпоставка дека за загревање куќа од околу 100 квадратни метри во просек се трошат околу една и пол вреќа дневно – количина која, се разбира, многу зависи од изолацијата, надворешната температура, печката и навиките на домаќинството – математиката изгледа вака:

1,5 вреќа × 399 денари = околу 600 денари дневно.

За 30 дена тоа се околу 18.000 денари.

За пет месеци греење – околу 90.000 денари.

Просечната нето-плата во Македонија во јули 2026 година изнесувала 48.499 денари. Значи, според оваа пресметка, само пелетите за една сезона чинат речиси две просечни месечни плати. И тоа е само горивото.

Без набавната цена на печката, сервисирање, резервни делови и електричната енергија.

Пазар на кој цената ја дознавате по телефон

Има уште еден необичен аспект на македонскиот пазар на пелети: цените многу често воопшто не се јавно објавени.

Нема ажурирани ценовници на веб-страниците на голем дел од продавачите. Нема едноставен начин граѓанинот да отвори неколку страници и да спореди колку исти или споредливи пелети чинат кај различни трговци. Цената ја дознавате ако се јавите како клиент.

Тоа не значи само непријатност за купувачот. Тоа го прави пазарот помалку транспарентен и ја отежнува една од основните функции на конкуренцијата – потрошувачот лесно да може да ги споредува понудите.

За споредба, во Босна и Херцеговина Министерството за трговија има воспоставено систем во кој производителите и трговците доставуваат информации за промени на цените и маржите на пелетите, а малопродажните цени се објавуваат во јавна веб-апликација.

Кај нас, за производ што илјадници домаќинства го користат како основен енергенс за греење, во септември 2026 година сè уште можеме да имаме ситуација во која реалната цена ја дознаваме со телефонски повик.

„Има и за 320 денари“ – да, ама каде?

На пазарот навистина можат да се најдат и домашни пелети во ранг од околу 320 до 340 денари за вреќа. На прв поглед разликата не е мала. Во споредба со 399 денари, тоа се 59 до 79 денари помалку по вреќа. На неколку тони гориво, заштедата би можела да биде значајна.

Но тука се појавува следниот проблем: дел од домашните производители се надвор од Скопје и не обезбедуваат сопствен транспорт до Скопје. Тогаш цената од 320 или 340 денари престанува да биде крајната цена.

Ако купувачот мора сам да организира и плати превоз на две, три, четири или повеќе тони, разликата во однос на пелетите од 389 или 399 денари што веќе се наоѓаат кај скопски дистрибутер може значително да се намали. И тука доаѓаме до уште еден парадокс.

Токму Скопје беше градот во кој загадувањето беше еден од главните аргументи за субвенционирање на печките на пелети. Тука живее и најголема концентрација на потенцијални корисници. А државата и локалната власт никогаш не изградија механизам со кој домашното, поевтино гориво лесно и организирано би стигнувало токму до најголемиот пазар.

Повторно: субвенционирана е печката, а системот околу неа е препуштен самиот да се снаоѓа.

Печките сега се продаваат

Последицата веќе е видлива. Во групите посветени на греење со пелети и на огласниците се појавува голем број печки и котли на пелети што нивните сопственици ги продаваат. Не станува збор само за многу стари системи. Меѓу огласите има и релативно нови печки користени неколку сезони.

Тоа е можеби најлошиот можен исход за една субвенционирана еколошка мерка. Државата прво потрошила јавни пари за да му помогне на граѓанинот да ја купи печката. Граѓанинот додал свои пари и го сменил начинот на греење. Неколку години подоцна, економската логика го тера истиот граѓанин да ја продава опремата.

Ако потоа се врати на дрва, стара печка или друг поевтин, но позагадувачки начин на греење, јавните пари не само што не ја постигнале долгорочната цел – туку мерката практично се вратила на почеток.

Дали Македонија има ненормално скапи пелети?

Тука приказната станува поинтересна. Ако вреќата чини 399 денари, македонската цена е околу 430 евра за тон. Тоа е повеќе од дел од цените во регионот, но не е некаков европски ценовен екстрем.

Во Србија во септември цените зависно од градот и продавачот се движат приближно од 37.000 до 47.000 динари за тон – грубо од околу 315 до 400 евра. Во Словенија, каде Шумарскиот институт систематски го следи пазарот, просечната цена на пелетите во вреќи во август 2026 година била 456 евра за тон, а за класата А1 – 468 евра. Кај самите словенечки производители просекот бил понизок, 442 евра.

Во Австрија еден тон пелети во септември чини околу 419 евра при поголема домашна нарачка, додека вреќа од 15 килограми во просек е околу 6,75 евра. Во Франција просечната цена во септември е околу 5,44 евра за вреќа од 15 килограми, иако цените значително се разликуваат според пакувањето, регионот и доставата.

Значи, да бидеме прецизни: македонските пелети не се неверојатно скапи во апсолутна европска смисла.

Проблемот е што европската цена ја плаќаме со македонски приходи. Еден тон од околу 430 евра претставува повеќе од половина од просечната македонска нето-плата. Тука споредбата со Европа добива сосема друго значење. Не е исто 430 евра да плаќа домаќинство во земја каде платите се неколку пати повисоки и домаќинство во Македонија. Цената на производот може да биде европска. Куповната моќ не е.

Алчност или пазар?

Примамливо е целото поскапување да се објасни со алчност на трговците. Особено на пазар на кој цените тешко се споредуваат, ценовниците често не се јавни, а граѓанинот ја дознава понудата по телефон. Но податоците бараат малку повнимателен заклучок.

Македонија е значително зависна од увоз на пелети. Според податоци базирани на UN Comtrade, во 2025 година биле увезени околу 69.800 тони пелети, во вредност од 17,2 милиони долари. Во првите четири месеци од 2026 година просечната увозна цена била околу 60 проценти повисока отколку во истиот период една година претходно. Најголеми добавувачи биле Црна Гора, Србија, Турција, БиХ и Албанија.

Значи, дел од поскапувањето е реален увозен ценовен шок. Самата висока малопродажна цена не е доказ дека некој остварува неоправдан профит. Но токму тука лежи суштинската грешка на политиката.

Ако државата ги мотивира граѓаните со јавни пари да преминат на технологија која зависи од гориво со нестабилна цена, значителна увозна зависност и неорганизирана домашна дистрибуција, тогаш ризикот од идни ценовни шокови морал да биде дел од дизајнот на мерката.

Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.

А државата веќе знаеше дека цената е јавен интерес

Најинтересниот дел од приказната е што ова не е нов проблем. Во 2022 година, во екот на енергетската криза, Владата ја ограничи максималната малопродажна цена на пелетите на 27 денари за килограм, со вклучени ДДВ и транспорт. Претходно била ограничена и максималната трговска маржа на 10 проценти. Да ја споредиме таа бројка со денешната.

399 денари за 15 килограми се: 26,60 денари за килограм. Практично исто колку максималната кризна цена што Владата ја утврди во 2022 година. Тоа е можеби најдобрата илустрација за тоа каде сме стигнале.

Цена која во време на големата европска енергетска криза била сметана за толку висока што Владата интервенирала и поставила плафон, четири години подоцна станала нормална пазарна цена непосредно пред грејната сезона. Секако, административното ограничување на цената не е магично решение.

Ако државата утврди цена пониска од реалните трошоци за производство, увоз и транспорт, резултатот може да биде недостиг на пелети наместо евтини пелети. Но изборот не е само меѓу две крајности – целосно слободен пазар или замрзната цена.

Постојат ограничување или следење на маржите, обврска за јавно објавување на цените, субвенциониран транспорт, сезонски интервентни мерки, директна поддршка за ранливите домаќинства, поттикнување на домашното производство, организирана дистрибуција и механизми што би се активирале кога цената ќе надмине определено ниво.

Најмалку што може да направи државата е да знае што се случува на пазарот што самата помогнала да се создаде.

Ако лекот е јавен интерес, зошто воздухот не би бил?

Македонија веќе прифаќа дека за определени производи слободното формирање цена не е апсолутно правило. Кај лековите, на пример, државата определува максимални цени затоа што пристапот до терапија не може да се третира само како обичен однос меѓу продавач и купувач. Се разбира, пелетите не се лек.

Но причината поради која државата ги субвенционираше печките на пелети никогаш не беше тоа што сакаше граѓаните да имаат помодерни печки. Причината беше јавниот интерес: почист воздух и подобро јавно здравје.

Ако поради тој јавен интерес со буџетски пари мотивираш едно домаќинство да ја напушти една технологија и да премине на друга, тогаш економската достапност на новиот енергенс не може целосно да престане да те интересира следниот ден.

Во спротивно добиваме необична политика: државата плаќа за граѓанинот да влезе во системот, но не ја интересира дали може да остане во него.

Најскапата субвенција е онаа што ја поништува сопствената цел

Од денешна перспектива, најголемата грешка веројатно не беше тоа што се субвенционираа печки на пелети. Во моментот кога мерката се воведуваше, тоа беше логичен чекор за голем број домаќинства што се грееја на стари печки на дрва.

Грешката беше што печката беше третирана како крај на политиката, наместо како нејзин почеток. Се субвенционираше опремата, но не се изгради стабилен систем околу неа. Немаше механизам за следење и транспарентно објавување на цените. Немаше гаранција дека домашниот производ лесно ќе стигне до најголемиот пазар. Немаше систем што ќе реагира кога горивото ќе стане економски неподносливо за значителен дел од корисниците.

И денес го гледаме резултатот: пелети од 379 и 399 денари, домашни пелети кои можеби се поевтини но треба сами да си ги донесете, цени што ги дознавате по телефон и сè повеќе печки што повторно завршуваат на оглас.

Тоа не значи дека пелетите биле лоша идеја – туку дека пропадна политиката околу нив.

Од граѓанинот се очекуваше да направи долгорочна инвестиција во име на заедничкиот интерес. Јавната политика, пак, се покажа краткорочна. А кога една еколошка мерка станува финансиски неодржлива за луѓето што треба да ја применуваат, тие на крајот ќе направат нешто сосема рационално: ќе ја напуштат.

А загадениот воздух, за разлика од печката на пелети, не може да се огласи за продажба.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *