„Поп-Топ“ во „Дистопјанка“: звучна архива на едно исчезнато Скопје

Трговскиот центар „Скопјанка“ понекогаш го нарекувам „Дистопјанка“. Не поради неговата првобитна архитектура, туку поради денешната состојба: затворени дуќани, темни ходници, излупени ѕидови, тавани со дамки од влага и загадување, стари налепници, политички плакати и графити наталожени едни врз други – се тоа потсетува на една дистопија. Веќе пишував на темава, но ова е една друга приказна.

На влезот светат казина и реклами за брзи кредити, а само неколку метри понатаму започнува просторот на напуштените излози и скромните дуќани што некако продолжуваат да опстојуваат. Цели делови од трговскиот центар се затворени. Скалите водат кон катови и подруми во кои речиси ништо повеќе не се случува.

Во таа чудна мешавина од преживување и распаѓање се наоѓа и еден мал затворен локал. На стаклото се залепени налепници од брендови за електрични алати и опрема, а над вратата едвај се распознава остаток од син натпис од некоја подоцнежна продавница или сервис за електрични алати.

Но, за мене тоа не е дуќанот со машините. Тоа е местото каде што се наоѓаше „Поп-Топ“.

Неделни аџилаци по нова музика

Во текот на деведесеттите речиси секоја недела доаѓав од Дебар Маало до „Скопјанка“ во потрага по нови касети. На почетокот барав панк и рок, а подоцна гранџ, метал, хардкор, индустријал, алтернативна, но и хип-хоп и електронска музика.

Денес тоа растојание не изгледа особено големо, но тогаш одењето до „Поп-Топ“ имаше карактер на мал аџилак. Не одев само да купам нешто што веќе добро го познавав. Одев да видам што пристигнало, што можело да се најде, кое непознато име или чудна обвивка ќе ме привлече.

Rage Against The Machine – Истоимен албум (1992), пиратска касета од Поп-Топ каде што се гледа телефонот и „логото“ на продавницата

Во време без стриминг, YouTube и музички каталози достапни во секој момент, новата музика доаѓаше до нас на парчиња. Нешто ќе прочитавме во домашно или странско списание, понекогаш и во некој фанзин што некако стигнал до Скопје; нешто ќе чуевме на радио или ќе фатевме на MTV, а за некој бенд ќе дознаевме од постар другар, од продавачот во музичка продавница или преку касета што кружела од рака на рака. Се разбира, постоеше и Стотројка, постоеше Maximum Rocknroll и целиот тој „џез“. Но информациите беа расфрлани, нецелосни и често случајни. Понекогаш сè што знаевме беа името на групата, една фотографија или обвивката на албумот. Потоа требаше некаде и физички да ја пронајдеме таа музика.

„Поп-Топ“ беше мал локал, но музиката што можеше да се открие во него отвораше многу поголем свет. Оттаму не излегувавме само со касета во раката, туку и со нешто ново што требаше допрва да го запознаеме.

Алтернативна музичка мапа на деведесеттите

Од зачуваните касети купени во „Поп-Топ“ денес може да се состави своевидна алтернативна музичка мапа на моите и нашите деведесетти. Тука е истоимениот прв албум на Rage Against the Machine, препознатлив по песните „Bombtrack“, „Killing in the Name“ и „Take the Power Back“. Тука се и Beastie Boys со Licence to Ill, Check Your Head и компилацијата Some Old Bullshit.

Primus е присутен со Suck on This, Sailing the Seas of Cheese, Pork Soda и Tales from the Punchbowl. Ministry со The Mind Is a Terrible Thing to Taste, Psalm 69 и концертниот In Case You Didn’t Feel Like Showing Up. Bad Religion со Generator и Recipe for Hate, а Mudhoney со Superfuzz Bigmuff и Every Good Boy Deserves Fudge.

Од „Поп-Топ“ доаѓаа и Meantime на Helmet, Siamese Dream на Smashing Pumpkins, Stoner Witch на Melvins, Experimental Jet Set, Trash and No Star на Sonic Youth, How Will I Laugh Tomorrow When I Can’t Even Smile Today на Suicidal Tendencies и The ROIR Sessions на Bad Brains.

Во колекцијата се и Body Count, Infectious Grooves, Dog Eat Dog, H-Blockx, Orbital и Whale, но и музика што тогаш звучеше како да пристигнува од некој уште подалечен, потемен и понеобичен свет – како Einstürzende Neubauten – мојот омилен индастријал бенд од детството и нивното препознатливо лого.

Меѓу нив е и Nova iznenađenja za nova pokolenja на Disciplina Kičme – регионален исклучок во оваа конкретна селекција. Се разбира, ова не е целосен преглед на алтернативната музика што ја слушавме во деведесеттите. Архангел, Мизар, Lola V. Stain и другите домашни групи заслужуваат посебна приказна. Фокусот овде е потесен: пиратските касети како необичен локален канал низ кој до нас стигнуваше западната алтернативна музика – со импровизирани обвивки, погрешно препишани наслови и самоуверени ознаки како „STEREO“ и „SUPER QUALITY“.

Дел од касетите што ги пронајдов заборавени по подруми и гаражи, физички траги од музиката што ја откривав во „Поп-Топ“.

Оваа листа денес може да изгледа како уредно составена историја на алтернативната музика од периодот. Но тогаш не ја доживувавме така. Немавме прегледна мапа. Одевме низ неа наслепо, албум по албум, касета по касета.

Некои изданија ги баравме намерно. Други ги купувавме по препорака. Трети ги одбиравме поради необичната обвивка, името на бендот или списокот на песните.

Секое ново издание беше и мала инвестиција и мал ризик. Не можеше веднаш да прескокнеш низ сите песни и да одлучиш дали албумот „вреди“. Касетата се ставаше во касетофонот, се притискаше „play“ и се слушаше. Од почеток до крај – и пак!

Кога слушањето бараше време

Касетите не беа совршени носачи на звук. Лентата се истегнуваше, звукот се губеше, понекогаш касетофонот ја голташе лентата, а песните требаше да се премотуваат со проценка или со слушање на кратки фрагменти.

Ги читавме имињата на песните. Ги проучувавме фотографиите, логоата и ситните печатени информации. Знаевме која песна следува по која, затоа што албумот не беше бесконечна листа од која се избира, туку целина поделена на страна А и страна Б.

Денес речиси целата музичка историја ни е достапна за неколку секунди. Но, во таа достапност исчезна дел од чувството дека музиката треба да се пронајде, да се донесе дома и да ѝ се посвети време: да се слуша насамо, во својата соба и на звучници – во темница и легнат на креветот, ако е трип-хоп, или со скокање низ собата, ако е рок. Во двата случаи – за несреќа на соседите.

Во „Поп-Топ“ не купував само касети. Таму откривав што сè може да биде рок-музика, колку далеку можат да се протегаат панкот, металот и хип-хопот, и колку необични звуци можат да се сокријат зад една мала пластична кутија.

„AUDIO POP-TOP“

Дел од касетите сè уште ја носат карактеристичната ознака:

AUDIO POP-TOP
Ul. Skopska bb.
GTC Skopjanka
Tel: 091/425-093

На етикетите има и натписи како „STEREO 1992“, „STEREO 1993“ и „SUPER QUALITY“. Некогаш тие зборови требало да го убедат купувачот во квалитетот на снимката. Денес се нешто друго: временски ознаки.

Стариот повикувачки број 091 нè враќа во периодот пред скопскиот телефонски код да стане 02. Годините 1992 и 1993 не се само датуми на производство. Тие се дел од една конкретна епоха – време на распад на заедничкиот југословенски пазар, економска несигурност, ограничен увоз и истовремено силна глад за нова музика.

Грешките на обвивките исто така се дел од таа историја. Кај некои касети недостига точниот наслов на албумот, песните се напишани со мали букви или згрешени. Информациите биле препишувани од достапни извори, понекогаш нецелосно и неточно. А толку и сме знаеле англиски…

Овие касети не се само копии на странски албуми – иако се пиратски касети! Тие се локални артефакти: сведоштва за начинот на кој светската музика пристигнувала во Скопје, се препакувала, се означувала и се ширела меѓу слушателите.

Поп-Топ не беше единствен

Се разбира, Поп-Топ не беше единственото вакво место во Скопје. Во разговор со Кирил Гагачев се присетивме на „Југотон“ и „Баги-шоп“, и на други продавниcи на кои им го заборавивме името во Буњаковец, потоа „онаа“ на Ленинова, како и на „Масива“ во Градски ѕид, која подоцна се пресели на најгорниот кат во ГТЦ.

Со текот на времето се појавија и ЦД-теките: „ЕМИ“, уште една една на Рузвелтова, други во кулите кај гимназијата „Јосип Броз-Тито“, зад Универзална сала и на уште неколку места. Но, тоа веќе беше нешто подоцна, во една нова фаза од градската музичка трговија.

За оние што не знаат, во близина на пазарчето Буњаковец постоеше и ЦД-тека во која се продаваа речиси исклучиво пиратски компјутерски програми. Со засиленото спроведување на прописите против пиратеријата, ваквите места постепено исчезнаа. Според сведоштва на луѓе што тогаш работеле во тој реон, токму тоа продавниче подоцна се трансформирало во денес познатиот синџир продавници за техника „Сетек“. Барем така вели една од скопските урбани легенди.

Повеќе од маалски дуќан

„Поп-Топ“ не бил важен само за младите од Аеродром и од околните населби.

Во сеќавање објавено на Off.net, неименуваниот автор раскажува дека на почетокот од деведесеттите рап-касети тешко се наоѓале и дека, откако ги купил достапните изданија во „Југотон“, секое ново издание што ќе се појавело во „Поп-Топ“ го земал веднаш, понекогаш без претходно да ја познава групата.

Во коментар објавен на форумот CARclub.mk, еден корисник се присетува дека со воз доаѓале од Велес во Скопје за да купат касети од „Југотон“ или од „Поп-Топ“, а една од нив ја чувал и четврт век подоцна.

Освен моите текстови за „Скопјанка“ и овие две попатно зачувани сведоштва, „Поп-Топ“ речиси и да нема дигитална трага во нашиот интернет-простор. Како да не постоел дуќанот до кој се одело од други населби и градови, во кој се откривале нови бендови и од кој цели музички светови се носеле дома на касета. Затоа е важно да се сеќаваме и да архивираме: не само големи настани и познати институции, туку и малите дуќани што незабележливо влијаеле врз нашите животи. Инаку, откако ќе исчезнат таблата, излогот и последната касета, ќе остане само тишината.

Враќање во „Дистопјанка“

Кога повторно дојдов во „Скопјанка“ во 2026 година, не очекував навистина да го најдам „Поп-Топ“. Знаев дека продавницата одамна не постои. Сепак, сакав да го видам местото.

Можеби некаде во себе очекував дека локалот и понатаму ќе живее, дека ќе можам да влезам и да почувствувам барем дел од енергијата што некогаш зрачеше од редовите касети. Сакав повторно да го почувствувам она исчекување пред да откријам нов албум на некој панк, рок или гранџ-бенд.

На стаклото останале налепници од производители на електрични алати, што укажува дека по „Поп-Топ“ просторот го користела продавница, претставништво или сервис за машини и опрема. Името на таа подоцнежна фирма засега не е сигурно утврдено. Од оригиналниот натпис „ПОП-ТOP“ нема видлива трага… ако воопшто некогаш постоел.

Тишината околу локалот беше речиси опиплива. Некогаш од него излегував со Beastie Boys, Primus, Ministry, Bad Religion или Mudhoney во рацете. Сега пред мене имаше само затворен излог, неколку избледени налепници и ходник низ кој ретко поминува некој. Таква е денешната „Дистопјанка“: место каде различни времиња останале наталожени едни врз други, но без некој навистина да се грижи за нив.

Реконструкција на едно сеќавање

И затоа решив да го реконструирам местото од мое сеќавање, но и со помош на вештачка интелигенција. Се разбира, продавницата не изгледаше така како што ја замисли металниот мозок без чувства. И надворешноста и внатрешноста беа многу поскромни од она што го создаде алгоритамот. Вештачката интелигенција тешко може да ја замисли сиромаштијата и шокот во кој живеевме во раните деведесетти, тоа секојдневие во духот на Dog Eat Dog, во кое преживуваа најснаодливите и најупорните.

Лево и право од влезот беа наредени касетите, а десно имаше скромен пулт со продавачот зад него. Според Јанко Петров, долго време во продавницата работел Игор – „оној со бушавата коса“ – голем љубител и познавач на различни музички жанрови. Јанко бил еден од редовните посетители во првата половина на деведесеттите. Некаде во кутиите во неговиот шпајз сè уште се чуваат касетите купени токму тука: The Prodigy, The Offspring, Garbage, Elastica, првите албуми на Beck…

И еве ја реконструкцијата на вештачката интелигенција, со сите нејзини недостатоци – обид да ни долови дел од едно исчезнато минато. Но тоа минато не е сосема наше. Рекреирано е од безброј фотографии на продавници за касети и плочи од целиот свет, а ниту една од нив не може вистински да го долови „Поп-Топ“: неговата теснотија, скромност, мирис, звук и атмосфера.

Но што е минатото, и што е сеќавањето, ако не колаж од реалноста, пријатна носталгија, болка по старите „добри времиња“ и, конечно, конструкт на нашите умови?

„Во меѓувреме“ – од музичка продавница до временска капсула

Токму од потребата ваквите места да не исчезнат сосема – најпрвин од градот, а потоа и од нашето сеќавање – настана групата „Временска капсула: фирми и исписи“.

Кога се документира една стара фирма, не се архивира само нејзиното име. Се архивираат и навиките, маршрутите и сеќавањата на луѓето што ја посетувале. Старите дуќани често биле многу повеќе од продажни простори. Биле места за средби, размена на информации и откривање нови интереси. Некои ги паметиме по мирисот, некои по сопствениците, некои по излогот, а некои по она што првпат сме го пронашле во нив.

„Поп-Топ“ за мене беше местото каде што открив голем дел од музиката што подоцна ќе го обликува мојот вкус. Кога исчезнала продавницата, исчезнал и натписот. Потоа локалот добил друга намена, нови налепници и можеби ново име. На крајот и таа дејност престанала, оставајќи зад себе уште еден затворен простор.

Но, останале дел од касетите. На нив сè уште стојат името „AUDIO POP-TOP“, старата адреса, телефонскиот број, годините и несовршено испечатените наслови. Останале и сеќавањата на луѓето кои доаѓале од различни делови на Скопје, па дури и од други градови, за да пронајдат музика што не можеле да ја најдат на друго место.

Во „Дистопјанка“, каде минатото и сегашноста се судираат меѓу казината, графитите и затворените излози, поранешниот локал на „Поп-Топ“ денес е само уште една мала празнина. Празнина што се обидуваме да ја пополниме со фотографии, сведоштва и сеќавања собрани во нашата рубрика „Временска капсула“ или истоимената група и во нејзината подгрупа „Фирми и исписи“, во „Логомотива“, „ВБУ музичка архива“, „Стари Скопјани“, „Порталот на ВББ“, „Стар Прилеп“ и во многу други слични проекти. Зашто тие не се само носталгија – тие се борба против заборавот. Затоа го издвојуваме посебно и архивскиот запис.

Архивски запис за Поп-топ

Испис: „ПОП-ТOP“
Вид: Специјализирана продавница за музички изданија; оригиналната табла не е зачувана
Локација: ТЦ „Скопјанка“, Аеродром, Скопје
Објект: Мал продажен локал во трговскиот дел на комплексот
Дејности: Продажба на аудиокасети, а подоцна и компакт-дискови
Период: Од 1991 година, низ 1990-тите и до раните 2000-ти (непотврдено)
Статус: Не работи

„Поп-Топ“ бил мал дуќан во еден голем трговски центар. Но, за нас што одевме таму во потрага по нова музика, неговите полици беа пошироки од светот што го познававме. Доволно е да земам една од старите касети, да го прочитам избледениот натпис „AUDIO POP-TOP“ и повторно се сеќавам на патот од Дебар Маало до „Скопјанка“, на пребарувањето низ касетите и на чувството дека зад следната обвивка можеби се крие нешто што никогаш претходно не сум го слушнал. Нешто што ќе го однесам дома и што, без да знам, ќе остане со мене цел живот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *