Скопските видеотеки од 1990-тите и рани 2000-ти: список на места што ги паметиме

Овој текст требаше да биде список на скопските видеотеки од деведесеттите и од почетокот на 2000-тите. Но, додека ги разгледував старите членски картички, се сетив дека и јас некогаш сакав да отворам видеотека и место за гледање филмови. Требаше да се вика „Видео-кафе“. А за да раскажам како ми текна тоа, морав да поминам преку Италија, медицината, Лондон, една љубов по жица и подрумот на мајка ми. Ако сте дојдени само за видеотеките, слободно рипнете го автобиографскиот вовед и одете директно на списокот. Нема да се навредам. И јас премотував касети.

Веќе раскажаните приказни, во ново руво

Како што стареам, приказните што ги раскажувам сè повеќе се повторуваат. Па така и оваа. Но издржете, ќе стигнеме до филмовите и видеотеките. Како и секој добар филм, и овој има свој origin story. Само што главниот лик долго време не знаеше во каков филм игра.

Скопје, 1998 година. На животно премрежје, штотуку вратен студент од Италија, исполнет со нови искуства и соништа, се запишав на медицина. Зошто медицина? Тоа е некоја друга приказна, за друг филм. Да речеме дека година-две се мачев учејќи работи што не ме интересираа, со надеж дека интересот ќе дојде подоцна. Не дојде. А што ме интересираше? Литература, филм, музика, филозофија, јазик, култура. Денгубејќи пред продавничката „Пингвин“, до „Зот“, со металците и две-три ѕидарски, го испивав младиот живот во заборав. Имав доволно интереси за неколку животи и никаков план за овој.

Дојде 1999 година и војната на Косово. Македонија, нашата мајка, прими стотици илјади бегалци, а јас забегав во Лондон, кај сестра ми, која беше мажена и имаше двегодишно дете. За да не денгубам и таму, овојпат во носталгија по дома и по девојката што ја оставив, ми најдоа работа во фирмата на брат му на зет ми.

Фирмата се викаше ReFilm. Продаваше филмови и организираше проекции. Внесував филмови во база, учев html, примав нарачки, пакував видеокасети во пликоа и понекогаш ги испраќав. Понекогаш ми даваа да гледам филмови и да пишувам текстови за нив, кои потоа се користеа во флаерите за проекциите. Dream job! Некој ми плаќаше да бидам во близина на филмови и да ги гледам. Но, престојот беше краток. Девојка ми реши дека „љубов по жица“ не ѝ одговара, а јас решив дека љубовта е поважна од филмовите. Ги спакував соништата и се вратив по неа. За жал, врската не успеа. Филмовите останаа.

Film World, од Лондон, картичка од 1999 година, на задната страна пишува: ‘A first class resource for World Cinema and Arthouse movie enthusiasts. Not only can you search their database of thousands of video-titles from all over the world, but there are also profiles of great directors, industry and festivals news, cinema listings and other gems.’

Премотувам кон 2000 година и „my mom’s basement“ во Дебар Маало, каде што се „преселив“. Подрумот стана собиралиште на мојата раја: металци, рокери, Lost Boys и девојки. Гледаме и разменуваме филмови. Се запишав на психологија, читав филозофија, гледав филмови, слушавме музика. Повторно живеев нешто што личеше на мојот сон. Имав книги, касети и луѓе со кои можев да зборувам за нив до недоглед. Но нешто недостигаше. Приход, на пример. Не можеш вечно да им бидеш на товар на родителите, а јас веќе имав 23 години. Мојата нова девојка, Би, студираше и работеше во училиште за странски јазици. Јас заработував нешто со пишување и преводи, хонорарно, но мечтаев за повеќе. И тогаш ми текна.

Подрумот имаше две простории. „Едната ќе биде приемна, со касетите, каталозите и постерите. Прво Pulp Fiction и Clerks. Во другата ќе има телевизор и кауч од крај до крај. Ќе служиме и пијалоци!“ Ѝ раскажував на Би со возбуда во гласот, веќе гледајќи ги полиците, филмовите и луѓето што ќе доаѓаат. Таа беше навикната да ги слуша моите соништа и да ме поддржува. Јас, пак, бев навикнат во главата да ги отворам нештата многу пред да проверам што е потребно за нив.

Дома веќе имав голема колекција видеокасети. Сестра ми и зет ми ме воведоа во филмовите на Триер, Вендерс, Жене, Маркер. Јас си ги сакав Тарантино, Финчер, Смит. Во замислениот каталог имаше место и за Џармуш, Линч, Кјубрик, Гилијам, Коенови, Кроненберг, Китано и други. Доволно различни режисери за разговорите на каучот никогаш да не завршат.

Делумен список на режисери кои требаше да бидат застапени во Видео-Кафето

Се зачленив во сите околни видеотеки и почнав да го преснимувам секој уметнички филм што можев да го најдам. „Уметнички“, се разбира, беше широка категорија, чии граници главно ги утврдував јас. Ќе почнеме со пиратерија, па ќе видиме до каде ќе стигнеме! Бизнис-план во една реченица. Во главата веќе имав видеотека, мал филмски клуб и го нареков „Видео-кафе“. За сè да почне, ми требаа филмови.

Ова е приказна за оние Видеотеки во кои се зачленив – и за неколку други што останаа во сеќавањето на градот.

Видеотеките на Скопје

Скопските видеотеки – места во кои одевме со намера да изнајмиме филм, а често останувавме и да разгледуваме, да прашуваме за препорака или да чекаме некој да ја врати касетата што ја баравме. Почнав да составувам список на видеотеки од 1990-тите и од 2000-тите. Дел од имињата и локациите ги паметам лично, за други има зачувани картички, реклами или записи во именик. Кој знае, можеби овој список ќе прерасне во една нова мапа, како Мапата на алтернативно Скопје во 1990-тите.

Ова е почетен попис. Кај некои видеотеки го знаеме името, но не и точната адреса; кај други ја паметиме локацијата, а името ни бега. Токму тие празнини се повод да ги собереме сеќавањата додека сè уште можеме да ги поврземе со конкретни места.

Преземено од Огнените Ѕверови на Дамјана. Наведено како „Знак за видеотека во Ново Лисича зад полициската станица“
„Алек“, „Манакифилм“ и „Кинг“ на зачуваните картички

Алек

На зачуваната членска карта од „Алек“ има сина рака, стилизирано име на клубот, телефон 091/220-118 и членски број 1215. Според моето сеќавање, видеотеката се наоѓаше во кулите спроти „Рамстор“.

За „Алек“ постои и сведоштво од времето кога работела. На 2 јануари 2006 година, во темата „Која е вашата ОМИЛЕНА СЕРИЈА?“ на Кајгана, корисникот BusHav, во објавата #66, пишува дека видеотеката му е во зградата и дека разговарал со сопственикот за набавка на постари телевизиски серии, меѓу кои „Ало, ало“. Записот сведочи за работењето на „Алек“ на почетокот на 2006 година, но не потврдува дека споменатите серии навистина биле набавени.

Локацијата во кулите спроти „Рамстор“ се споменува и во подоцнежното сеќавање „Трошките на Скопје“, објавено на фејсбук-страницата „Огнените Ѕверови на Дамјана“. Годините на отворање и затворање на видеотеката засега не се утврдени.

Манакифилм

Картичката од „Манакифилм“ е поедноставна: црно-бела, со мотив на филмска лента, голем натпис „ВИДЕОТЕКА“ и целосна адреса:

Бул. Партизански одреди бр. 21 А2/3, локал бр. 5, Порта „Буњаковец“, 91000 Скопје.

Дали оваа видеотека имала врска со подоцнежната продукциска куќа за сега не е јасно.

Во Порта „Буњаковец“ постоела и видеотека „Барака“. Засега не можам сигурно да кажам дали „Манакифилм“ подоцна била преименувана во „Барака“, дали станува збор за различни локали или за различни периоди на истото место.

ДВД видео клуб „КИНГ“

Од „Кинг“ ја имам зачувано членската картичка со број 1677. На неа стојат натписите „ВИДЕО КЛУБ“ и „DVD video“, адресата Партизански одреди 41б, 1000 Скопје и телефонот 091 220 240. Клубот се наоѓаше спроти Градежниот факултет.

Во форумско споменување на Кајгана од април 2008 година, „Кинг“ се наведува како поранешна видеотека спроти Градежниот факултет, во чиј простор тогаш веќе работела кладилница. Ова упатува дека до тој момент видеотеката престанала да работи на таа локација; точната година на затворање останува непозната.

Картичката е споделена и во групата Временска капсула.

Ново Лисиче будало! Толку блиску, а толку далеку (за Центарците!)

Фотографија од стар патоказ, преземена од „Огнените Ѕверови на Дамјана“, ме наведе да прашам во фејсбук-групата „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“. Одговорите покажаа дека во маалото имало повеќе видеотеки, а патоказот можеби покажувал кон некоја подалеку од местото на кое стоел.

Таму ги споменаа „Албатрос“ и „Трим“, сместувајќи ги во „Кенеф Маало“, а не непосредно кај полицијата. Други паметат две-три видеотеки во трите кафеави кули и наведува дека знакот зад полицијата бил насочен кон нив.

Друга локација е спроти маркетот „Бате“. Членовите се сеќаваат дека видеотеката ја држеле двајца браќа, Зоран и Горан, и дека до неа имале „флиперница“. Според нејзиното сеќавање, во поранешниот простор на видеотеката сега има ветеринар. Други, пак, паметат видеотека и до самиот маркет, како и една во преминот спроти него, од левата страна кон паркот „Бумбари“. Засега не е јасно кои од овие описи се однесуваат на исти локали и кои се нивните имиња.

Еден член споменува „АС“, зад поранешното радио-такси „Бел Мерцедес“, и уште една видеотека во редот на зградите кај малата пошта, за која мисли дека се викала „Ники“. Памети дека подоцна таму имало видеоигри и билијард. Се споменува и една спроти авиончето, меѓу зградите, во нискиот објект кај фонтанчето и црквичката, приближно пред триесет години. Во коментарите се појавува и локацијата „Бато 11, пред третиот влез“, но без име на видеотеката.

Од едно заборавено име добивме цела маалска мрежа: видеотеки, флиперници, билијард и места што ја менувале намената. За точните адреси, годините на работа и поврзувањето на имињата со локалите ќе треба уште проверка. Но сега барем имаме повеќе точки од кои да почнеме.

Една реклама од јуни 1991 година

Списанијата од тој период даваат, исто така, вреден увид во компаниите кои постоеле во тоа време, па така и во видеотеките. Ако ги прочепкаме архивите ќе најдеме многу, но за сега само две реклами за видеотеки од едно интересно македонски списание на српскохрватски јазик, „Micro Computer World“ (ова списание заслужува посебен текст!), издаден во јуни 1991 година, има реклама за видеотека на улица „Бојмија“ 2/2 во Скопје. Во средината е необичен монограм од преплетени букви, кој најверојатно се чита JPS. Бидејќи името не е испишано одделно, ова читање засега останува непотврдено.

Рекламата наведува изнајмување видеокасети и комисиона продажба на техничка стока. Видеотеката била и овластен дистрибутер на списанието MCW. За контакт стојат телефоните 091/233-789 и 207-232, а адресата завршува со тогашниот поштенски број 91000 Скопје. Овој оглас ни дава конкретна локација и сигурен временски белег: на „Бојмија“ 2/2 се рекламирала видеотека во јуни 1991 година.

Реклама во списанието MCW за уште една видеотека „Фина“, наведена и како книжара и дистрибутер на мистериозното списание.
Список на скопски видеотеки

Списокот е составен од лични сеќавања, зачувани членски картички, реклами, именички записи и интернет-дискусии. Годините на работа на повеќето видеотеки остануваат неутврдени.

ВидеотекаЛокацијаИзвор и забелешка
МАГКапиштец, карши домот за деца, во зградата на „Балила“Лично сеќавање.
АЛЕК / AlekВо кулите спроти „Рамстор“Зачувана членска карта и форумско сведоштво од 2 јануари 2006.
ЦибаКај ТафталиџеЛокација според лично сеќавање. Името „Видеотеки ‘Циба’, Скопје“ е наведено во „Службен весник“ од 14 март 2001, стр. 20.
РикиВо зградата пред ТЦ „Бисер“, АеродромЛично сеќавање.
КингБул. Партизански одреди 41б, спроти Градежниот факултетАдресата е потврдена на зачуваната членска карта. Во форумско споменување од април 2008 просторот се опишува како поранешна видеотека, тогаш веќе кладилница.
МанакифилмБул. Партизански одреди 21 А2/3, локал 5, Порта „Буњаковец“Адреса од зачуваната картичка. „Златна книга“ наведува „Манаки филм“ и на Св. Климент Охридски 54-3/3; врската меѓу адресите не е утврдена.
БаракаПорта „Буњаковец“Лично сеќавање. Не е потврдено дали била поврзана со „Манакифилм“.
JPS — можно читање на логотоУл. Бојмија 2/2Реклама во „Micro Computer World“, бр. 1, јуни 1991. Името е претпоставено од монограмот.
Дам-ДамУл. Бојмија 1Именички запис во ABV како „Видео центар“. Годините на работа не се утврдени.
АлбатросНово Лисиче, во делот наречен „Кенеф Маало“Име и приближна локација според сеќавања во фејсбук-дискусијата.
ТримНово Лисиче, во делот наречен „Кенеф Маало“Име и приближна локација според сеќавања во фејсбук-дискусијата.
АС / ASЗад поранешното радио-такси „Бел Мерцедес“Спомената во дискусијата за Ново Лисиче. Точната адреса не е утврдена.
Ники — непотврдено имеВо редот на зградите кај малата поштаСпоред фејсбук-сеќавање, подоцна таму имало видеоигри и билијард. Името е наведено со несигурност.
КодакАеродром, без поточна локацијаСпомената во фејсбук-дискусијата.
Видеотеки со непознати имињаНово Лисиче: зад полицијата, на паркингот; во најниската од трите кафеави кули, со споменување и други видеотеки во кулите; до маркет „Бате“; спроти маркетот, во преминот кон паркот „Бумбари“; на „Бато 11“, пред третиот влез; спроти авиончето, во ниската зграда кај фонтанчето и црквичката; во зградата зад местото познато како „кај Баже“.Лично сеќавање и сеќавања во фејсбук-дискусијата. Дел од описите можеби се однесуваат на исти локали или на веќе именувани видеотеки. Патоказот зад полицијата, според едно сведоштво, бил насочен кон кафеавите кули.
Што останува да се дознае?

Картичките ги чуваат имињата, телефоните и адресите, но ретко ја раскажуваат целата историја на едно место. Не кажуваат кога видеотеката се отворила, кога се затворила, дали се преселила или дали го сменила името. За тоа се потребни и сеќавањата на луѓето што работеле таму или редовно позајмувале филмови.

Особено ме интересираат името на видеотеката зад полицијата во Ново Лисиче, читањето на логото JPS од рекламата од 1991 година и можната врска меѓу „Манакифилм“ и „Барака“. Корисни би биле и попрецизни адреси и години за МАГ, „Алек“, „Циба“, „Рики“ и „Кинг“.

Ако паметите некоја од овие видеотеки, или друга што недостига на списокот, пишете го името, локацијата и приближниот период во кој ја посетувавте. Зачувана членска карта, фотографија од излог или стара реклама може да помогне едно маалско сеќавање да добие адреса и датум.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *