Понекогаш еден стар примерок не отвора само архивска страница, туку и мрежа од гласови. Така се случи и со првиот број на „Лик“ од февруари 1947 година. На прв поглед, тоа е илустриран политичко-општествен месечник од раниот социјалистички период, документ за времето на Уставот, обновата, стопанските планови, културната мобилизација и создавањето на новата држава. Но, штом го објавивме текстот за ова списание, „Лик“ почна да се отвора и на друг начин: преку лични сведоштва, редакциски мемории и имиња што не останале само на пожолтените страници.
Токму во тоа е неговата втора вредност. Не само што кажува нешто за 1947 година, туку потсетува дека и заборавените изданија имаат свои продолжени животи – во сеќавањата на новинари, во разговорите меѓу генерации, во старите албуми, во редакциските преданија, па дури и во имињата на подоцнежни културни додатоци.

Ѕвездан Георгиевски и првите препознаени траги
Едно од најинтересните сведоштва дојде од истакнатиот македонски новинар, колумнист, писател и преведувач Ѕвездан Георгиевски. Тој во овој број препозна двајца автори: Бане Ковач и Ксенија Гавриш. За Бане Ковач вели дека важел за еден од најдобрите репортери во историјата на „Нова Македонија“, што е важен сигнал сам по себе. Таквото препознавање не е само биографска фуснота; тоа значи дека „Лик“ не бил случаен лист без кадровска тежина, туку место во кое барем дел од авторите подоцна ќе имаат значајни кариери во македонското новинарство.
Георгиевски пренесува и уште едно важно редакциско сеќавање: дека „Лик“ веројатно излегувал многу кусо време, можеби само еден, два или неколку броја (ние во нашата архива имаме 5 броја: бр. 1 од февруари, бр. 2 од март, бр. 3 од април 1947, бр 4-5 од мај-јуни 1947 година). Тоа засега не е цврсто архивски потврдено, но е драгоцено како насока. Особено затоа што и самиот примерок остава впечаток на амбициозно, внимателно уредувано издание, како проект што сакал да биде значаен, но можеби не добил долг век. Понекогаш токму таквите изданија се најинтересни: оние што кратко блеснуваат, а потоа исчезнуваат од институционалната меморија.
Бане Ковач во други извори
Бане Ковач не е важен само како име што денес го препознаваат постарите новинарски генерации. И други извори го потврдуваат неговото место во историјата на македонското новинарство. МИА го бележи како еден од основоположниците на македонското новинарство и еден од првите стенографи во Македонија; роден е во Скопје во 1919, а починал во 1983 година. Здружението на новинари на Македонија го наведува и како свој претседател во 1963 година, што покажува дека не бил само добар репортер, туку и фигура со поширок професионален углед. Во понови текстови на „Нова Македонија“ тој се спомнува како еден од „бардовите на македонското новинарство“.
Дополнително, „Нова Македонија“ бележи дека во времето кога директор бил Лазар Мојсов, група новинари меѓу кои Бранко Заревски, Бане Ковач и Лазо Кавалот почнале да го издаваат весникот „Вечер“ – не денешниот по земјотресот, туку едно поранешно издание со ист наслов (за кое пишувавме и ние).

Едно потресно сведоштво за скопскиот земјотрес од 1963 открива и дел од неговата тешка лична судбина: додека бил на пат, од урнатините биле извадени телата на неговата сопруга и три деца. Тоа му дава на неговото име уште една димензија – не само новинарска, туку и човечка.
Коле Чашуле, „ЛИК“ и една можна линија на наследство
Уште повозбудлива е реминисценцијата што Георгиевски ја пренесува од 1980-тите. Кога во „Нова Македонија“ се подготвувал нов илустриран културен додаток, се барало име. Во тие разговори, како што сведочи тој, Коле Чашуле го спомнал повоеното списание „ЛИК“ и го објаснил како кратенка од „литература, идеи, култура“. Ако ова навистина се потврди и со други извори, тогаш подоцнежниот „ЛИК“ во „Нова Македонија“ не би бил само случајна игра на име, туку можен далечен наследник на едно рано повоено издание.
Тоа отвора нова и убава тема: не само историја на едно списание, туку и историја на еден наслов што можеби преживеал подолго од својот првичен формат.
Ксенија Гавриш: од потпис во списание до жива личност во сеќавањето
Во меѓувреме, се појави и уште едно сведоштво, овој пат од Гоце Тунтев, кое ја враќа Ксенија Гавриш од потписот на хартија во жива човечка фигура. Тој раскажува дека како дете ја памети новинарката Ксенија Гавриш, за која мисли дека имала руско потекло, и ја опишува како многу фина, убава и културна жена. Според неговото сеќавање, подоцна работела во Телевизија Скопје на теми од културата и била блиска соработничка на неговиот татко. Во детските патувања со репортажните коли кон Охрид, вели Тунтев, токму таа се грижела за него, „за сѐ да биде во ред“. Тој дури спомнува и можни фотографии од неа во старите семејни албуми, кои би можеле да бидат уште една мала, но важна архивска трага.
За Ксенија Гавриш, пак, денес веќе може да се каже нешто повеќе од она што го даваат личните сведоштва. Јавно достапни траги ја покажуваат како активна културна авторка и уредничка во македонскиот јавен простор: на порталот „Критики“ е забележана како авторка на текстови во „Нова Македонија“ од 1965 година, што потврдува континуитет на нејзиното присуство во културната журналистика; на сајтот посветен на Ацо Шопов се појавува како соговорничка во разговор за првиот македонски препев на „Хамлет“; а библиографски записи ја бележат и како редакторка на „Споменица Климент Охридски, 916–1966“. Дополнително, архивски и театарски траги ја спомнуваат и како преведувачка. Сето тоа сугерира дека Ксенија Гавриш не била маргинален потпис во едно старо списание, туку фигура со пошироко и подолго присуство во македонската културна сфера.
Кој е Гоце Тунтев и зошто е важно што токму тој сведочи
Не е небитно ни кој го кажува тоа. Гоце Тунтев е човек од културна и медиумска средина, со биографија што сама по себе заслужува да биде запишана. Студирал новинарство, во 1980-тите свирел во рок групи, меѓу кои и „Шминкер Бинг и тајните агенти“. Во 1990 свирел клавијатури во групата „Берза“, со која настапувал и на заеднички концерти со „Мизар“ во Штип и Велес, каде двата бенда имале одделни сетови, како и на финалето на Рок-фест во Скопје. Глумел во аматерски театар, од Сидо учел снимање и кадрирање со камера, а фотографија учел кај професорот Ацо Кондев на летната фото-школа во Струга и кај Румен Ќамилов на Ликовната академија во Скопје. Добитник е и на неколку награди за камера. Активен е и на социјалните мрежи, а до скоро беше и админ на групата „Графит.мк“, поврзана и со единствениот графити магазин во Македонија.
Но, можеби уште поважно од оваа листа е впечатокот што го оставаат луѓето што го познаваат: Гоце живее повлечен, неекспониран живот, човек со многу таленти – од фотографија и камера до креативно владеење со пишаниот збор – кој упорно одбива да напише и објави книга. Самиот се опишува како некаков човек-дух, некој што еден ден можеби ќе го напише романот „Невидливиот човек“. Во таков профил има нешто речиси симболично за оваа приказна: сведок на туѓи траги, а и самиот делумно невидлив за официјалните културни регистри.
Едно семејно и интелектуално окружување

И семејниот контекст на Гоце Тунтев е значаен. Неговиот татко Ахил Тунтев (1939–2020) е македонски дипломат, новинар и советник на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Бил главен и одговорен уредник на „Студентски збор“, а од 1968 до 1974 година и главен и одговорен уредник на информативно-политичката програма на Телевизија Скопје, како и автор на повеќе телевизиски емисии. Тој контекст помага подобро да се разбере како едно лично детско сеќавање на Ксенија Гавриш не доаѓа од празно место, туку од средина во која медиумите, културата и јавниот живот биле дел од секојдневието.
Во поширокото семејно стебло на Гоце влегуваат и неколку значајни имиња. Неговиот дедо по мајка е Славчо Темков, личност со пошироко културно присуство. Локални и архивски извори го бележат како еден од основоположниците и двигатели на културно-уметничкото и спортското живеење во Кавадарци меѓу двете светски војни; роден е во Кавадарци на 28 ноември 1911 година, бил поврзан со раните театарски и културни иницијативи во градот, а се спомнува и како прв претседател на новоформираниот ФК „Тиквеш“. Во книжевно-културната сфера се јавува и како преведувач, а библиографските записи го врзуваат и со детскиот забавник „Наш свет“, каде се појавува како еден од уредниците.
Во тој поширок роднински и културен хоризонт се и Кирил Темков, познат професор по етика и естетика, син на братот на Славчо Темков, Диме, како и сликарката Ана Темкова. Во истата линија е и неговиот брат Ане – првиот Македонец што победил на „Квискотека“ во Загреб, а подоцна и на голем квиз на МТВ – кого Гоце го опишува и како познат професор по физика и математика, но и како голем познавач на филмот и рок-музиката.
За крај… нов почеток
И тамам кога се подготвувавме да го затвориме овој напис, се појави ново сознание. Импресум од весникот „Лик“ бр. 3.

Импресумот конечно ни расчистува неколку важни работи: списанието го издавало Новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“ – Скопје, излегувало еднаш месечно, а како одговорен уредник е наведен Јован Бошковски, со Кирил Билбиловски како фотоуредник. Овој податок е значаен не само затоа што документарно потврдува дека „Лик“ бил месечник, туку и затоа што му дава дополнителна тежина на самото издание. Јован Бошковски не е случајно редакциско име: Институтот за македонска литература го бележи како поет, раскажувач, книжевен и филмски критичар, преведувач и филмски сценарист, автор чие творештво има посебно место во историјата на македонската литература, а збирката „Растрел“ од 1947 се смета за прва збирка раскази во современата македонска литература. Тоа значи дека Лик“ уште во својот импресум покажува врска со сериозни книжевни и културни имиња, а не само со тековна информативна продукција.
Еден заборавен месечник како јазол на прекината меморија
Токму тука доаѓа и пошироката причина зошто воопшто вреди да се запишуваат вакви нешта. Во нашата средина хронично недостигаат податоци за многу значајни луѓе. Страдаме од колективна амнезија! Јавниот простор често е преполн со минливи сензации и површни биографии, а премалку внимание им се посветува на интелектуалците, новинарите, авторите, снимателите, уредниците, културните работници и тивките носители на медиумската меморија. Затоа и ваков запис – и за „Лик“, и за Ѕвездан Георгиевски, и за Гоце Тунтев, и за луѓето околу него – има смисла дури и ако е делумно отворен, недовршен, во настанување. Веруваме дека оваа приказна ќе отвори и многу други приказни кои еден ден ќе влезат во некоја архива.