Во Џо Роган веруваме!

Joe Rogan Experience почнав да го слушам, поточно да го гледам на YouTube, можеби уште во првите години од постоењето на подкастот (околу 2010-та). Ме интересираа необичните и откачени гости и неформалниот тон на разговор кој го водеа Џо, заедно со техничарот Брајан Редбан (Brian Redban). Во почетокот тоа најчесто беа колеги комичари на Џо, но во следните години палетата на гости се зголеми и се збогати.

Joe Rogan Experience е навистина уникатно искуство! Она што особено нѐ интересира нас, секако не е виралното видео со Илон Маск како пуши трева за време на овој подкаст (JRE #1169 – Elon Musk). Како што потенцира уште еден генијалец, Нил Тајсон, тоа е сосема неинтересно, за разлика од другите делови од подкастот каде што се гледа генијалноста на Илон, како човек кој постојано ги процесира нештата, а мозокот му работи со брзина и фреквенција повисока од нашата, на обичните смртници.

Не, она што нѐ интересира нас се „неочекуваните“ гости на овој подкаст, контроверзните научници, доктори на науки кои не се плашат да ги предизвикаат парадигмите и да постават теории кои потенцијално можат да сменат цели научни дисциплини, како на пример алтернативните археолози Рандал Карлсон (Randall Carlson) и Греам Хенкок (Graham Hancock).

Задолжително погледнете ги нивните фасцинантни гостувања на JRE! (#417 – Graham Hancock, 501 – Randall Carlson, 606 – Randall Carlson, 961 – Graham Hancock, Randall Carlson & Michael Shermer, 725 – Graham Hancock & Randall Carlson) Секоја епизода е поинтересна од претходната и честопати се предизвикуваат археолошките „госпели“ и се дискутира за доказите на пр. за староста на Сфингата од 12.000 години, периодичните истребувања на Земјата предизвикани од астероиди, новите археолошки пронајдоци како Гебекли Tепе во Турција кои можат да ја свртат науката за настанувањето на цивилизациите наопаку!

Освен нив, на JRE гостувале и реномирани научници и популаризатори на науката како Нил Тајсон (Neil deGrasse Tyson), Брајан Кокс (Brian Cox), двајцата најголеми популаризатори на астрономијата на денешнината, Џордан Питерсон (Jordan Peterson), контроверзна фигура, реномиран психолог и истражувач, Сем Харис (Sam Harris), невролог, филозоф и автор, и многу други.

Од попознатите и поинтересни фаци гостувале култниот режисер Кевин Смит (Kevin Smith), култниот документарист Луис Теро (Louis Theroux), актерот, комичар и активист Расел Бренд (Russell Brand). За нив, особено за Нил Тајсон, ќе ви раскажеме друг пат, а во меѓувреме, гледајте Joe Rogan Experience!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *