За „Боречки клуб,“ апсурдната уметност, домашниот стрип и парадоксалната Македонија!

Чак Паланик е најпознат како автор на „Боречки клуб,“ чија филмувана верзија (Fight Club, 1999) беше една од големите екранизирани претстави на егзистенцијалниот немир од крајот на милениумот.

Заедно со цела плејада слични филмови како Матрикс (The Matrix), Догма (Dogma), Магнолија (Magnolia), Канцелариски простор (Office Space), Две зачадени двоцевки (Lock, Stock and Two Smoking Barrels), Дух куче (Ghost Dog), Очи ширум затворени (Eyes Wide Shut) и Американска убавина (American Beauty) – сите од 1999 година! – го означија крајот на деценијата, векот, милениумот и почетокот на нешто ново и свежо – грешка!

Тие го означија крајот на надежите за похуман свет и почетокот на свет составен од „копија на копија на копија“ (како во една сцена од „Боречки клуб“).

Anamorphosis and Isolate — ― Fight Club (1999) “With insomnia, nothing's...

Можеби напредокот на интернетот и она што тогаш, на почетокот на милениумот, го нарекуваа интернет 2.0 (друштвени медиуми) донесе крај на сите големи револуции во уметноста поради (парадоксално!) неможноста да се направи силно и истакнато влијание врз поголема популација кое ќе оствари голем впечаток. MTV беше мртва и заменета со YouTube, а таму секој е свој медиум и, според пророчките зборови на Енди Ворхол, „секој има 15 минути слава“.

Во денешен свет, навистина, славата трае 15 минути и едно меме (meme) има повеќе шанси да стане тинејџерски идол отколку бенд како Нирвана!

Но, каде е Чак во приказнава? Чак Паланик скоро гостуваше втор пат кај Џо Роган и повторно се покажа како интересен, непредвидлив и провокативен. Секогаш подготвен да раскаже необична приказна и да се спротивстави на политички коректната Америка.

На почетокот на гостувањето тој зборува за апсурдниот егзистенцијализам како истакнато движење во уметноста:

Ја споменува авторката Кетрин Дан (Katherine Dunn) која во 1989 напишала роман „Изопачена љубов“ (Geek Love) за маж и жена циркузанти кои соочени со неуспехот на нивниот циркус се решаваат на драстичен чекор. Под дејство на различни штетни хемиски супстанци и радиоактивни влијанија го оштетуваат потомството и создаваат своевиден „freak show“ од мутирани деца – за да обезбедат материјална егзистенција, ја жртвуваат суштинската!

Апсурдизмот е интересен правец во уметноста затоа што (на апсурден начин:) ја доловува реалноста на многу поискрен и пореален начин отколку реализмот! Тој истовремено предупредува за можните реалности и со неговото претерување укажува на опасностите од неодговорноста на индивидуи или општества во целина.

Апсурдизмот во уметноста е симптом на едно изопачено општество! Или е обратно?…

Во нашата средина за жал нема многу апсурдистички автори, можеби затоа што живееме една апсурдна реалност на вистински „freak show“ во кој дишењето штетни хемикалии е секојдневие. Се разбира, горното е кажано со доза цинизам, апсурдистички автори има, но подобрите ги оставија своите дела во последната деценија на 20-тиот век, во времето кога нашиот град ја живееше алтернативната уметност, и таа беше добредојдена и масовно прифатена.

Geek Love by AvatarRutger on DeviantArt
Geek Love by AvatarRutger on DeviantArt

Од едно такво време се истакнува и серијата стрипови „Копиљ“ на Горанд Дач објавени во списанието за стрип Лифт. За „Лифт“ денес никој не зборува, освен можеби во контекст на актуелната награда за стрип, но во 1990-тите списанието беше одличен извор на американски андерграунд стрипови и одличен медиум за претставување на македонските стрип-цртачи и илустратори кои ги имаше многу и беа квалитетни. И за Горнд никој не зборува, барем не во нашите медиуми (освен на okno и arno.mk, се разбира), а во српските зборуваат. Тоа е доследно на вицот со казаните во пеколот каде за секоја земја има ѓавол кој ги враќа душите внатре со тризабец, освен во македонскиот казан каде душите сами го тегнат за нозете оној кој ќе успее да исплива – тоа е нашата парадоксална (пеколна) реалност!

„Копиљ“ е апсурдистичко-реалистичка слика на нашата грда реалност

Горанд даваше хируршки прецизна фелиниевска (грда, но вистинита!) слика на нашето транзициско општество преку „педери и наркомани и други глупости“ (како во песната на Суперхикс, уште едни мајстори на пародијата на секојдневието). Неговиот Копиљ беше анти-херој на 1990-тите, на транзицијата, војните, стереотипите, примитивизмот, национализмот и се она што не чини – а со што растевме!

Горанд, Пешев, Шуки, Кирчо Арсовски, Ацо Станковски… помеѓу стриповите во Лифт една сцена – едно типично македонско семејство, таткото меле пиперки за ајвар и случајно си ја фаќа и меле раката! Во паниката мајката изјавува дека барем ќе имаат „мевце“ за ручек.

Се работи за одличен пример за парадоксалноста (и да, апсурдноста) на нашата егзистенција и преминот од добросостојба во сиромаштија во која се нашла нашата земја во 1990-тите. Како во романот каде сопствените деца се жртвуваат за опстанокот (а со тоа парадоксално им се загрозува опстанокот), така и во македонското семејство се радуваат на мевцето на раката која (претпоставуваме) ги рани, парадоксално жртвувајќи ја иднината за моментот.

Апсурдот е во нашата суштина – македонска или човечка, останува да просудите сами!

One thought on “За „Боречки клуб,“ апсурдната уметност, домашниот стрип и парадоксалната Македонија!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *