Стрипот како реалност

Што претставуваше порано, а што претставува стрипот денес? Колку работите се сменети со новите технологии и времињата заради кои понекогаш помислуваме дека сме живееле во две различни реалности, една од која сме се разбудиле, а друга во која сѐ уште чекаме да се разбудиме. Сепак, да почнеме од почеток…

Беше есен 1989-та и воздухот стануваше студен и бурен. Стоев на прозорецот од дневната соба и гледав надвор. Ветрот дивееше и виткаше една млада бреза речиси до асфалтот заканувајќи се дека ќе ја прекрши. Ми се чинеше дека ветрот се бори со природата, но воедно и танцува со неа во некој праисконски ритам на нештата.

Зад мене се слушаше заднинската мантра на вечерните вести, во природниот ритам на домот кога детската врева од улицата ќе замреше. Воздухот во собата беше зачаден, а дедо ми чуреше по кој знае која цигара по ред. Мустаќите и прстите од ден за ден му стануваа сѐ пожолти, но тој не планираше да сопре. Се симнав од прозорецот и запливав градно низ маглата до мојата соба.

„Каде одиш?“ се слушна зад мене.
„Да учам,“ одговорив кратко за момент земајќи воздух.

Ја затворив вратата од мојата соба, го извадив учебникот по биологија, и во природниот ученички ритам на нештата, го ставив новиот број на Алан Форд врз учебникот. Тоа изгледаше утешително во еден свет кој не секогаш го разбирав. Алан Форд раскажуваше за еден поинаков свет од тој на хероите и победниците. Раскажуваше за луѓе кои се бореа на секој начин да успеат во животот и да излезат како победници, но тоа не им успеваше.

Од плакарите во болниците ѕиркаа раце и нозе од пациенти од кои и лекарите се откажале, а аристократите имаа крпеници на колената и лактите од костумите. Токму тој откачен свет на црн хумор и социјална неправда мене ме интересираше, зашто тој беше поблизок до реалноста на моето опкружување.

Но, ерата на Алан Форд заврши со смртта на Југославија, како единствена држава каде што овој стрип успеал, освен во матичната земја Италија. Во нашата нова Македонија овој стрип никогаш не се проби и времињата се сменија, пораснавме, се осамостоивме, бевме во потрага по други стрипови и поинакви реалности.

Моите осамени возења низ Скопје во раните 1990-ти на мојот Беемикс излепен со лепенки ме водеа од Дебар Маало, покрај кејот, преку Камениот мост до „Култура“, во зградата на музичкото училиште. Поминував часови и часови во големата книжарница „Култура“, во нејзиниот голем темен хол, додека тетките зад касата и фикусите до полиците со книги поминуваа со поглед низ мене, низ книжарницата, низ универзумот, како немо и неминовно постоење.

Надвор верно и секогаш ме чекаше мојот велосипед и потоа со новата книга или стрип во ранецот се упатував пред МНТ кон закривените странични површини одлични за залетување и отфрлување и безбројните скали кои ја прекршуваат рамнината на бескрајно рамното Скопје, платото пред МНТ и потоа, ново откритие – Табернакул! Новата книжарница во самите простории на МНТ, а внатре – новиот свет на алтернативната книжевност, стрип и уметност, графички новели и мојата прва „Маргина“ (број 2).

Image result for маргина списание

Табернакул беше моето психоделично искуство, проширување на умот без дроги, киберпанк, книгите на Quorum, списанијата New Moment, стриповите со откачени и дотогаш невидени приказни за андроиди со душа и авантурите на еден зајак во темните лавиринти на Холокаустот. Да, освен за литературата, Маргина (а подоцна и Лифт) беа извонреден извор за алтернативниот стрип, од зајачето од холокаустот „Маус“ на Арт Спигелман, преку иранската бегалка Марџан Сатрапи со нејзините извонредни „Персеполис“ или „Пиле полнето со сливи“, преку уште едно, но овој пат македонско домашно глувче, „Лабрис“ на Станковски, до другите наши одлични автори како Горанд, Пешев, Шуки, Кирчо Арсовски и други… стрипови кои ве тераат на размислување и преиспитување на сѐ она што ви се чини познато.

Табернакул веќе не постои, како ни многу други топоними на некогашното Скопје, но денес можете да најдете одлични алтернативни стрипови (и книги) од Темплум или во Академска книга, за љубители на Манга, Марвел и целиот тој мејнстрим фазон, па ајде!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *