Кој е појак – Ристо Бомбата или Бананамен!?

Групата Ристо бомбата и Кучешка тенија е формирана во 1993 година во состав Борче Шабаноски – гитара, Кристијан Габроски – вокал и Валентино Лауцоски – бас. Но, дали знаевте дека тие се и ликови од стрип?

Ристо и компанија беа навистина успешен бенд, со куса кариера, а за нив се велeше дека биле единствениот домашен бенд кој, по „Леб и сол“, успеале да ја преполнат салата во скопско „Кале“. Нивните касети биле продадени во повеќе од 50.000 примероци.

На времето дури и легендата на сатиричните песни и текстови, балканскиот филозоф, поетот на необичното „наше“ секојдневие, најголемиот раскажувач од времето на Његош, Рамбо Амадеус ги нарече Ристо бомбата негови наследници.

Веројатно Рамбо го прелажале хумористичните елементи, мешањето на жанровите, „рапувањето“ измешано со народните песни. Што е уште поверојатно, песната „Има ли тесна“ која е директно инспирирана (копирана?) од песната „Балкан Бој“ на Рамбо Амадеус.

За жал хуморот на Ристо остана на детско ниво, преполн со сексуални алузии и незрел хумор. Кај нив нема ништо длабоко или повеќеслојно. Всушност има, но тие слоеви на значења се ограничени повторно на површните нешта и веднаш се препознаваат. Во песната „пица“, пица е… си знаете, а „Педро дава гас…“ би била незамислива во денешната „писи“ култура.

Интересно откритие е стрипот „Жаклина“ издаден од Еми во 1993 година, според идеја на Валентино Лауцоски, со текст на Кристијан Габроски и нацртан од Чатлески Тони – Чатле.

Видете го стрипот тука.

Стрипот е повторно на истата тема, авантурите на Ристо во потрага по понежниот пол и има интересни референци на домашната реалност од 1990-тите. Ликот на началникот на полицијата неодоливо потсеќа на стриповите на познатиот стрип цртач Горанд.

Стилот на цртањето е одличен, професионален, ликовите се конзистентни, анатомијата сочувана, на места карикатурниот стил има функција, и навистина е штета што стрипов не се нашол во некоја пошироко антологија на македонската стрип-сцена од 1990-тите. Таа сцена беше активна и жива, делумно сочувана во изданијата Лифт на Темплум.

Се чини дека талентот на Ристо како музичар и текстописец можел да биде искористен за многу повеќе отколку за детските тематики и површниот хумор. Но, да било така, бендот немаше да биде толку популарен. Веројатно истото важи и за бендот Студени нозе.

Ристо бомбата е олицетворение на Македонија во 1990-тите, на урбаната мејнстрим култура измешана со транзициските претурбофолк афинитети. Тие се музичка верзија на К-15 и како такво такви да биде овековечени во халата на славните.

А кај е Бананамен? Во следната епизода…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.