Јазикот не е само артефакт заклучен во прашливи депоа, туку жив организам кој пулсира. Но, во ерата на доминантни глобални алгоритми, нашиот збор често е третиран маргинално. Ако не си создадеме сопствен простор за игра и истражување, јазикот ќе се сведе на стерилна алатка само за основна комуникација и научни студии заклучени во архивите и периодиките на Национална библиотека. Затоа, наместо само да го чуваме како музејски експонат, решивме да го ставиме на тест, да го провоцираме и да го славиме.

Шчо направивме?
За неполни 15 месеци (од 25.01.2025 до 03.04.2026) конструиравме база од 15 експериментални јазични алатки. Овој проект е доказ за четири важни принципи според кои се водиме:
- Дека алатките можат да се создадат со помош на вештачка интелигенција.
- Дека тоа е возможно без подлабоко познавање на програмирањето.
- Дека кодот треба да биде отворен за сечие преземање, користење и модифицирање.
- Дека сѐ ова може да се направи потполно бесплатно!
Зошто? Затоа што сметаме дека овие принципи не се само празни фрази, туку суштински алатки за преживување. Ова се конкретни чекори од корист за нашиот јазик, култура и креативност. Сметаме дека тоа е еден од начините да го зачуваме минатото, да го одбраниме идентитетот и да осигуриме простор за нашата иднина и опстанок.
Еве ги апликациите:

ArnOCR на македонски јазик: Нашиот најзначаен проект. Локален систем кој користи компјутерски вид на Google Vision AI во Python околина за прецизно читање на застарени материјали на кирилица. Ги зема „мртвите“ скенови и ги претвора во перфектно пребарливи PDF архиви, чувајќи го оригиналниот прелом.
Чет-бот асистент во архивирањето: Апликација која ги трансформира пасивните дигитални архиви во активни соговорници. Демонстрирано преку proof-of-concept на „Спортски глас“ (1949) – вистински дигитален времеплов со кој буквално можете да направите муабет. (линк до текст)
МК Lorem Ipsum: Кога ви треба привремен текст за лејаут во графичкиот или веб дизајнот, оваа алатка генерира пасуси на македонски, наместо бесмислениот латински стандард. (линк до текст)
Панграм проверувач: Создавате реченици кои ги содржат сите букви од македонската азбука? Ова е вашиот дигитален лектор за тестирање на креативноста. (линк до текст)

МК Fortune Cookies & Генератор на поговорки: Две алатки кои копаат по македонската мудрост. Првата нуди автентични поговорки за секој ден, додека втората овозможува генерирање нови, неочекувани варијации на народното творештво. (линк до текст)
Збороколаж: Интерактивна игра за создавање на оригинални фрази и реченици, покажувајќи ја флексибилноста на нашиот вокабулар. (линк до текст)
Хаику генератор и Проверувач: Алатки за љубителите на кратката форма. Генерирајте оригинална поезија или проверете дали вашето авторско хаику ја следи строгата структура од 5-7-5 слогови. (линк до текст)

Генератор на азбучен расказ: Создава микро-фикција во која секој следен збор почнува со следната буква од азбуката (од А до Ш). (линк до текст)
Генератор на благослови и клетви: Игра со народните контрасти. Со еден клик вадиме случајни клетви и благослови од традицијата што ќе ве насмеат или длабоко замислат. (линк до текст)
Букволовка: 60 секунди за да ги пронајдете сите 31 букви од азбуката. Чист адреналин за брзина и меморија. (линк до текст)
Проверувач на палиндроми & Генератор на анаграми: Алатки кои ја сецираат симетријата и скриените комбинации во македонските зборови и фрази. (линк до текст)
Брз правопис: Интерактивна арена каде во ограничено време се тестира вашата правописна прецизност. (линк до текст)

И шчо требит да праиме за однапред?
Ова е дигитален културен активизам во негова најчиста форма. Комерцијалните софтвери крахираат пред стариот македонски печат, а големите платформи нудат премалку простор за креативно истражување на помалите јазици. Не чекавме дозвола или грантови од институциите. Не конкуриравме во МИНИстерства кои немаат големи визии. Ги споивме модерните AI технологии со личен ентузијазам за да создадеме јавен сервис. Целта е да им дадеме на писателите, учениците, дизајнерите и љубителите на јазикот полигон за негово креативно денонструирање, составување и збогатување.
Целиот овој систем е систематизиран и достапен преку едноставно копче – „Јазични алатки“ на нашата главна страница. Листата ќе продолжи да се надополнува. Без разлика за што ги користите, овие алатки се тука за вас.
Браво