Понекогаш архивирањето изгледа како тивка, монотонa работа: скенирање, чистење, OCR, проверка. Ама кога еднаш ќе му дадеш на документот „глас“ (буквално, преку чет-бот!), архивата престанува да биде мртов весник укоричен во папка и станува алатка за истражување, хартијата не молчи и не чека пасивно да биде прочитана. Таа е подготвена за муабет.
Овој текст е еден таков мал експеримент – и една мала лекција за тоа што сè може да биде „архива“ во 2026.
Што има во овој текст?
- Општ дел за можностите на примена на АИ во разни области
- Конкретна примена на АИ во архивирањето
- Chatbot „Спортски глас“ од 04.01.1949
- Searchable PDF од весникот „Спортски глас“ од 04.01.1949
- Колаж на Берт Стајн инспириран од весникот (рачно правен – без АИ!)
- Анимација на колажот со помош на Midjourney
Општо: АИ како алатка, не како замена
Ако нè следите, знаете што правиме. Ако не – еве на кратко: ги испитуваме можностите на вештачката интелигенција како алатка за унапредување на култура, уметност, наука, екологија, образование и уште многу нешта што кај нас предолго зависеле од ентузијазам наместо од систем.
Каде што има смисла – ја користиме. Каде што нема – не глумиме „иновација“. Направивме апликации за креативно користење на јазикот, алатки и содржини за екологија, користевме АИ и во моменти кога се брани идентитет, правевме едукативни формати, анимиравме графити… не за да „ја замениме“ човечката работа, туку за да ја забрзаме, направиме помасовна и подостапна.
Примена на АИ во архивирањето: „Временска капсула“
Интензивно работиме и на архивирањето преку проектот „Временска капсула“. Нашата цел не е само да архивираме (и да ги поттикнеме институциите да го прават истото – дигитализација, OCR за препознавање текстови од постари весници), туку и архивите да почнат да се користат правилно и паметно.
Неколку примери од тоа размислување се и овие наши текстови (каде архивата е почетна точка, а не крајна станица):
- Ретро вести: 18 јануари 1978 година – анатомија на едно исчезнато општество
- ВЕЧЕР ПРЕД „ВЕЧЕР“: Избришаниот прототип на Бранко Заревски
- Ретро вести: Визијата за Скопје од 1929 година што може да нѐ засрами денес
- Архива на електричниот пркос: дефинитивен попис на македонските бит-состави (ВИС-ови) во 1960-тите
- Урбана археологија: „Ванила“ – од времето на „Валенсии“ и јадењето бурек со две виљушки
- Ретро вести (15 ноември 1969): „Скопје 69“, кога Скопје сонуваше да биде Санремо
- Ретро вести: 01.09.1970, еден ден во исечоци од минатото на Скопје и Македонија
И логичното прашање е: што понатаму?
Chatbot „Спортски глас“ (04.01.1949): архивата што ви прави „муабет“
Она што го покажа „Духот на ВБУ“ е дека АИ може да помогне и во архивирањето – не само во „средување“ на материјали, туку и во нивно користење. Тие направија чет-бот со своја архива на музички вести. Идејата ни е многу интересна, бидејќи радикално го менува начинот на кој човек пристапува до архивски материјал.
Мислиме дека тој концепт може да се примени и пошироко и еве ја нашатазамисла:
Замислете библиотека што ги дигитализира сите примероци од „Вечер“ за јули 1969. Ако сте седеле по периодики, знаете дека весниците често се укоричени по месеци — една папка, еден „том“. Под „дигитализација“ подразбираме финален резултат како searchable PDF. Потоа тие PDF-а се аплоадираат во GPT и се прави чет-бот: „Вечер, јули 1969“.
И тој чет-бот се споделува јавно. Секој корисник ќе може да праша што сака:
- Дали во јули 1969 се споменува слетувањето на Аполо на Месечината – и во кој број?
- Дали се споменува ВИС „Комети“?
- Кои се спортските резултати на 27 јули 1969?
- Што се давало во кината?
Потоа одговорите не се „крајна вистина“, туку почетна карта: насока за сопствено истражување во самите PDF документи. Интересно, нели?
Е па – направивме уште еден proof-of-concept, овојпат со весникот „Спортски глас“ од 04.01.1949, со кој може да направите муабет – пробајте го тука:
Весникот можете да го преземете тука. (Напомена: GPT и OCR се правени пред да го направиме ArnOCR, така што можно е да има грешки. Поентата тука не е „совршенство“, туку демонстрација на концептот.)
Колажи од стари весници: рака, хартија, ножичка – без АИ
Инспириран од содржината на овој весник, нашиот Берт Стајн, за вас направи и еден колаж – рачно, старински и без употреба на вештачка интелигенција.
Зошто? Затоа што архивата не е само податок, туку и време: јазик, типографија, ритам на реченици, чудни реклами, спортски табели, наслови што денес звучат како од друг универзум. Колажот е наш начин да го „преведеме“ тој свет во денешна слика – не како носталгична декорација, туку како коментар: што земаме од минатото, што отсекуваме, што премолчуваме, што ставаме во прв план.
Исто така, важно ни е да се види разликата: АИ овде е алатка за пристап и пребарливост, но естетскиот чин – сечењето, лепењето, грешката, случајниот спој – останува човечки. Во колажот има и намерна „недисциплина“: хартија што не се поклопува совршено, линии што бегаат, текст што прекинува сред збор. Баш тоа е материјалноста што дигиталното ретко ја има.

Анимација: истата хартија, но во движење
Потоа направивме уште еден чекор: од истиот колаж изработивме анимација со помош на Midjourney.
Тука идејата не е „да се направи цртан“ ниту да се глуми филмска продукција. Идејата е колажот – кој инаку е статичен артефакт – да добие времетраење, како да ја враќаме страницата во некоја чудна, современа кинематека. Мали поместувања, дишење на елементите, микродвижења што прават да се почувствува енергијата на материјалот, без да се изгуби неговата грубост и рачна логика.
На некој начин, ова е симболичен мост меѓу две епохи:
- 1949 како печатена реалност (вест, табела, наслов),
- 2026 како дигитална алатка што ни дозволува тоа минато повторно да го „прочитаме“, но и да го прераскажеме визуелно.
Погледнете ја анимацијата тука:
Архивата не мора да биде папка исполнета со правливи весници: ако ѝ дадеш пребарливост, разговор и визуелна реинтерпретација, таа станува жива алатка – место каде минатото не се чува само, туку повторно се чита, се прашува и се преосмислува.
