Аркадија: сендвичарата што го хранеше Скопје до пред зори во 1990-тите

Урбана археологија на еден fast food мит од 90-тите

Има места што исчезнуваат, а сепак остануваат во градот. Не како објекти, не како фирми, не како неонски реклами, туку како насоки: „кај бивша Аркадија“, „карши Кинг Бургер“, „од Соборна према Кузман“. Така опстојуваат старите скопски топоними – во меморијата на луѓето кои таму јаделе сендвич во три наутро, со малку премногу мајонез, со забава зад себе и уште малку град пред себе.

Една од тие точки е Fast Food Аркадија, култна скопска сендвичара од 90-тите, на булевар „Св. Климент Охридски“. За многумина, Аркадија не била само место каде се јаде. Била последната станица по излегување, продолжение на ноќта, скопски ритуал: од диско, од клуб, од МНТ, од Булевар, од некоја шема што денес звучи како урбана легенда – право на тост, хамбургер, гиро или нешто „појачано“.

AI реставрација на натписот над сендвичарата. За повеќе погледнете ја објавата во групата Временска капсула: фирми и натписи.
Старата веб-страница: Аркадија како дигитален фосил

За Аркадија денес има малку официјални траги. Но има една особено интересна: зачуван стар SkInfo/FortuneCity сајт (градски информатор од доцни 90-ти или рани 2000-ти), на кој постојат две посебни презентации – една за ресторанот Аркадија, и друга за Fast Food Arkadija.

Ова е важно, затоа што покажува дека „Аркадија“ не била само обична сендвичара, туку поширок угостителски бренд или барем објект со повеќе лица: ресторанска и fast food. На ресторанската страница Аркадија е претставена како „ексклузивен ресторан“, а од таму се упатува кон посебната fast food страница.

Сајтот е стар, недовршен и технички распаднат – делови не се отвораат како што треба, сликите не се вчитуваат, страниците се направени со рамки, а некои текстови изгледаат како да се копирани од други локали. Но токму затоа е драгоцен: како дигитален фосил од времето кога македонскиот интернет уште личеше на импровизирана огласна табла, а скопските ресторани и сендвичари почнуваа да добиваат свои први веб-страници.

Што ни кажуваат фотографиите и нивната реставрација

Се обидовме да ги реставрираме старите фотографии со помош на AI и да направиме некој вид reverse engineering на приказната за Аркадија преку нив.

Од зачуваните фотографии се гледа дека „Аркадија“ не била само сендвичара, туку поширок угостителски објект со две лица: надворешниот дел како силно брендиран fast food со големи светлечки табли „ARKADIJA FAST FOOD“, Pepsi-панели, арка над влезот, неонски детали, ограда и мала надворешна тераса, а внатрешниот дел како уреден ресторан со шанк, маси со чаршафи, дрвени столчиња, сини тапацири, огледала, слики на ѕидовите и класичен ресторански амбиент од 90-тите/раните 2000-ти.

Аркадија Fast Food AI реставрација на фотографија од поранешниот сајт на Аркадија.
Оригиналната фотографија е од VBB.mk – Порталот на ВББ од кој многу портали и објави на фејсбук преземале фотографии, а речиси никој не го кредитирал. Неговиот портал дава одличен увид во едно Скопје кое го нема – и многу повеќе од тоа – ви го препорачуваме. Фотографијата во прилог е AI реставрација.

На дневната фотографија се гледа и натпис Junior Pizza, што веројатно укажува дека во рамки на објектот или во поврзан дел имало и пицериски сегмент, што се совпаѓа со широкото мени.

Ноќните фотографии, пак, ја потврдуваат улогата на Аркадија како ноќна скопска точка: осветлени реклами, стаклени влезови, надворешни светилки и атмосфера на место што веројатно работело до доцна или 24 часа. На светлечката арка се гледаат и три стаклени шишиња со газирани пијалаци – веројатно 7Up, Pepsi и Fanta/Mirinda – што дополнително ја сместува Аркадија во визуелната култура на скопските fast food локали од 90-тите.

Аркадија Fast Food AI реставрација на фотографија од поранешниот сајт на Аркадија.

Но подеднакво важни се и фотографиите од ентериерот на ресторанот: таму се гледа уреден, речиси хотелски ресторански амбиент, со тркалезни маси покриени со розови чаршафи и потемни бордо под-чаршафи, дрвени столчиња со сина тапацирка, сини теписи, дрвени прегради, огледала, декоративни слики на ѕидовите, цветни аранжмани и внимателно поставени маси.

Аркадија ресторан, реставрација на фотографија од поранешниот сајт на Аркадија.

Посебно се издвојува и шанкот, со стаклени полици, огледална позадина, наредени шишиња, чаши, овошје и вино, што покажува дека ресторанот бил замислен како покласично и поелегантно угостителско место, не само како додаток на сендвичарата.

Аркадија ресторан, реставрација на фотографија од поранешниот сајт на Аркадија.

Ако fast food делот ја претставува ноќната, брза и урбана Аркадија, ресторанските фотографии ја откриваат нејзината друга страна – посмирена, уредена и „ексклузивна“, каква што веројатно сакале да ја претстават и на стариот веб-сајт.

Менито: повеќе од сендвичара

Најконкретната трага од стариот сајт на „Аркадија“ е менито. А тоа мени открива многу повеќе отколку што би очекувале. Аркадија имала хамбургер, чизбургер, шарска, „мафенс“, француски сендвичи – обичен, среден и појачан – сендвич со виршли, плескавица, пршута, бечка шницла, бифтек, пилешка вешалица, свински увијач, пилешки стек, кобасици, гиро телешко и гиро порција. Веќе од ова се гледа дека не станувало збор за обична сендвичара, туку за место каде што можело да се земе нешто брзо, но и нешто многу поконкретно.

Во менито постои цела логика на „обичен / среден / појачан“ – кај француските сендвичи, комбинираните сендвичи и тостовите, нешто што било стандардна скопска шема во 90-тите. Токму тоа директно се врзува со сеќавањата на скопјани кои денес ја паметат Аркадија по „најубавите појачани тостови“ и „турбо тостови со кајмак“. Во понудата стои и Тост Аркадија, house special, сендвичарски потпис на местото.

Аркадија Fast Food мени од поранешниот сајт на Аркадија.

Друга важна ставка е „Романа Чикен“ со бело пилешко месо. Ова речиси сигурно е производот што луѓето во сеќавањата го спомнуваат како „Roma Chicken“, а некои можеби го мешаат или го паметат како „Kentucky chicken“. Самото име звучи како локален fast food специјалитет – не обичен пилешки сендвич, туку нешто што имало свое име и затоа останало во меморијата.

Но тука не завршува понудата. Имало и детски комплет: сендвич, помфрит, играчка и лименка. Локална верзија на Happy Meal, без корпоративен сјај, со многу повеќе скопски шмек. Менито оди уште подалеку: салати на килограм – руска, француска, пилешка, телешка, урнебес, пинџур, мелиџано, печурки; омлети со кашкавал, шунка и печурки; пици; калцоне; пастрмајлија; милк шејк; сладолед; еспресо, макијато и дури „Калучино“ – симпатична грешка.

И пиците биле дел од понудата. Во менито стојат капричиоза, наполитана, везува, маргарита, калцоне и пастрмајлија. Нормално, тука е и гирото, за кое некои велат дека било најдобро во Скопје.

Од денешна перспектива, ова не е само мени. Ова е мала гастрономска карта на скопските 90-ти. Аркадија била fast food, но не во денешна стерилна смисла. Била мешавина од сендвичара, скара, пицерија, тост-бар, гиро-ресторан, салатара, омлет-кујна и ноќна станица за гладни скопјани. Место каде можело да се јаде нешто брзо, но и нешто „конкретно“ – сендвич што ќе те држи до сабајле, тост што се памети три децении подоцна, или „Романа Чикен“ што од мени станал урбана меморија.

Перо Аркадија

Во Фејсбук-сеќавањата на старите скопјани постојано се повторува едно име: Перо Ждрал, познат како Перо Аркадија. Според тие сведоштва, тој бил од Мичурин, работел како возач во „Раде Кончар“, а неговата сопруга Соња работела на истото место како секретарка. За него се зборува како за стар угостител, гурман, „скопска легенда“, човек кој пред центарската сендвичара имал кафана/ресторан во Лисиче.

Тука се отвора уште еден слој од приказната. Пред Fast Food Аркадија во Центарот, според повеќето сеќавања, постоела кафана / ресторан / ноќен клуб Аркадија во Лисиче, во трговскиот центар. Некои ја паметат како кабаре или ноќен бар, како скриено место, како локал каде „се вртеа ора“, но и како објект со некаква полумитска атмосфера. Во тие приказни се спомнуваат дури и познати гости, но тие детали треба да се земат со резерва додека не се потврдат од независни извори.

Сепак, линијата е јасна: Аркадија не почнува само како сендвичара. Таа доаѓа од угостителска приказна. А тоа објаснува зошто нејзиниот fast food бил толку широк во понудата и толку различен од класична „хамбургерџилница“.

Почетокот на 90-тите, Аркадија и Бургер Кинг

На старата страница на Аркадија на SkInfo има секција „Факти“, каде се вели дека „Fast Food Ресторанот Аркадија“ бил оформен во 1992 година, но веднаш до годината стои „???“. Веројатно админот не бил сигурен во информацијата. По првата реченица тој чудно преминува на историја на Кинг Бургер – со податоци за локали во Центар, Беверли Хилс и Куманово. Тие податоци не ни помагаат да ја дознаеме историјата на Аркадија, но можеби се увид во историјата на Кинг Бургер, уште една легендарна сендвичара која се наоѓала карши Аркадија.

Кинг Бургер – мала балканска анти-копирајт игра на зборови со познатиот Burger King – уште еден важен пункт од скопската сендвичарска географија. Се сеќавам дека некаде во 90-тите, кога ја воведоа забраната за ноќното работење на локалите, Кинг Бургер работеше речиси илегално. Можеше да дојдеш кога сакаш, и среде ноќ, пред сендвичарата, каде што те чекаше еден вработен кој им приоѓаше на гладните групи млади луѓе како продавач на забранета роба. Ги прашуваше што сакаат, им ги земаше парите, а во исто време ги прекоруваше да не се групираат и да бидат тивки. По десетина-петнаесет минути се враќаше со нарачката спакувана во најлонска кеса, им го тутнуваше кусурот во рака и ги бркаше со едно нервозно „ајде, заминувајте“. Целата таа covert activity беше возбудлива за младите, а сендвичите, токму затоа, изгледаа уште повкусни.

Затоа старата страница на Аркадија не може да се земе како сигурен извор за историјата на Аркадија. . Но првата реченица сепак е корисна како слаба трага: Аркадија најверојатно била отворена на почетокот на 90-тите, што се поклопува и со сеќавањата на луѓето кои велат дека центарската сендвичара се појавила токму тогаш. Еден коментар дури тврди дека на отворањето пеела Виолета Томовска. Ова е прекрасен детал, речиси филмски, но засега останува на ниво на усна меморија.

Фаст Фуд Булевар

Аркадија се памети и преку својата конкуренција. Ако била на бул. „Св. Климент Охридски“ 52, а стариот текст за Кинг Бургер наведува адреса на број 35, тогаш добиваме цела мала fast food оска околу Соборна, Кузман и тогашната ЈНА.

Во таа оска се редат имиња што денес звучат како мапа на едно исчезнато Скопје: Кинг Бургер, Биг Бургер, Неста, Булевар, Попе, 7ца, Лап Лап, Big Foot, Camel, Тропикана и Аркадија. Некој се сеќава дека Камел бил дневна шема, особено за ученици од Гимназијата „Јосип Броз – Тито“, додека Аркадија била ноќна: после диско, после излегување, во раните утрински часови.

Коментарите ја паметат Аркадија како локал што работел 24 часа. Некој пишува дека таму се одело „после искачанка“, друг дека од Булевар во 3:30 или 4 наутро се одело на хамбургер „да впие“. Овие сеќавања можеби не се архивски прецизни, но се културно точни.

Кога исчезна Аркадија?

Точна година на затворање засега нема. Но постојат траги дека до крајот на 2000-тите Аркадија веќе кон втората половина или крајот на деценијата била „бивша“. Во форумски сеќавања од 2009 година се спомнува како „бивша Аркадија“, каде што има урнатини, и како место што веќе не функционира како некогаш.

Денес името преживува во просторот преку „зграда Аркадија“ или „БЦ Аркадија“. Еден коментар вели: „Газдата таму направи зграда.“ Аркадија веќе не е сендвичара, туку топоним. Градски споменик без спомен-плоча.

Сендвичара што стана спомен

Денес, кога Скопје брзо ги губи старите локали, Аркадија е повеќе од носталгија за еден тост. Таа е пример како еден град се памети преку неформални институции: сендвичари, дискотеки, киосци, кафани, агли, редици, излози и светлечки реклами.

Не секое важно место има архитектонска вредност. Некои места имаат социјална вредност. Не се важни затоа што биле убави, туку затоа што таму поминал животот. Затоа што таму се завршувале вечери, се почнувале муабети, се лечел мамурлак, се чекала храна, се сретнувале луѓе кои немале мобилни телефони за да се најдат.

Аркадија била едно од тие места. И можеби затоа, иако ја нема, сè уште постои.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *