„Кафе и книги“: истрајност, љубов и книжевно прибежиште

Во време кога вниманието сè повеќе ни го одземаат кратките формати, брзите реакции и површните содржини, ретки се местата што опстојуваат тивко, упорно и со јасна љубов кон пишаниот збор. „Кафе и книги“ е токму такво место: блог што не настанал како проект, стратегија или медиумски план, туку спонтано, од лична потреба и од искрена приврзаност кон книгите.

Ние од Арно.мк се заинтересиравме за „Кафе и книги“ не само поради интересните и внимателно избрани книжевни содржини, туку и поради една сè поретка доблест на интернет-просторот: доследноста. Во време кога многу платформи се гасат, паузираат или објавуваат повремено, авторката на „Кафе и книги“ веќе 11 години одржува жив ритам на објавување – секој ден на блогот, а на Фејсбук страницата и по неколку пати дневно. Токму таа истрајност, заедно со љубовта кон литературата, го прави овој блог не само препознатлив книжевен простор, туку и вредна архива на содржини за книги, автори, поезија, книжевни настани и читателски препораки на македонски јазик.

Блогот „Кафе и книги“ има ненаметлив, топол, посветен и длабоко личен тон. Зад блогот стои една девојка (Марија) што не ја третира книжевноста како обврска, туку како прибежиште, душевен мир и простор за споделување. Во ова интервју разговараме токму за тие почетоци, за љубовта кон книгите како двигател, за блогот како временска капсула и архива, но и за тоа дали денес пишувањето за книги е и еден тивок облик на отпор кон површноста на времето во кое живееме.

Како настана „Кафе и книги“ и што беше почетниот импулс да се отвори блог посветен на книги?

Искрено, целиот процес беше некако спонтан и случаен. Најпрво сакав да отворам страница на Фејсбук на која ќе објавувам слики од книги кои би биле препорачани за читање, ама потоа решив да се охрабрам и да одам чекор понатаму и да отворам блог. Немав многу искуство, ниту пак конкретни цели, делумно инспирацијата дојде што постојано читав анализи и интересни вести за книги на веб-страници на англиски јазик и сметав дека е потребно едно место каде повеќе ќе се пишува за книги и кое ќе биде фокусирано само на книги, по примерот на многу други странски блогови. Секако, секоја почит за редакциите и веб-страниците што веќе многу имаат направено за да пишуваат за книги на македонски јазик, кои и денес многу ги сакам и следам, мојата желба беше само некако да придонесам кон сето тоа.


На „About“ страницата пишува дека блогот е направен „за сопствен мерак и задоволство“. Како тој личен мотив се одржа толку долго?

Љубовта кон книгите. За мене, пишувањето за книги или зборувањето на книги е нешто што ми ја храни душата и ми го затоплува срцето и никогаш не сум го гледала ова како обврска. Напротив, на еден начин ми е бегство од напорното секојдневие. Секојпат кога читам книга или пишувам за книги или истражувам нешто поврзано со книжевноста – тоа ми дава некој вид душевен спокој и мир. Дополнително, кога видов дека има публика за моите текстови и дека има луѓе кои го следат блогот – тоа дополнително ме окуражи да продолжам.


Што ве води при изборот на темите: личен вкус, актуелност, книжевна вредност или нешто друго?

Мислам дека се работи за комбинација: од сѐ по малку. Во принцип најчесто се водам од личниот вкус, односно теми што и мене ми предизвикуваат задоволство и среќа и со голем мерак посветувам внимание да ги истражам и напишам. Мислам дека токму и затоа и блогот трае толку долго, затоа што секогаш ми е задоволство и ми дава можност да нурнам во убави теми, анализи и книги. Но, сепак се трудам да посветам внимание и на актуелните теми и трендови, односно да пренесам вести, актуелни новости, нови изданија, промоции, отворање на нови книжарници и други слични нешта, бидејќи сепак се работи за информативен блог и убаво е читател(к)ите да бидат информирани и за новите работи и новости што се случуваат во книжевниот свет. Книжевната вредност мислам дека доаѓа сама по себе и се подразбира, инаку не би ни започнала да го водам блогот.

На блогот има и македонска поезија, и светски автори, и книжевни настани, и интересни факти. Како ја градите таа рамнотежа?

Мислам дека на некој начин, таа самата се воспостави со текот на времето. Поголемиот дел од рубриките се создаваа низ годините, бидејќи самиот развој на блогот го бараше тоа. На пример, на почетокот не постоеше рубриката „Кафе и книги препорачува“ и немаше класични месечни препораки како што тоа е сега случај, но со оглед на тоа дека сум посветена читателка, одлучив да почнам да објавувам такви препораки. Слично беше и со македонската поезија, понекогаш ми требало повеќе време да најдам некоја песна на интернет, па решив ете на некој начин да правам архива од прекрасна македонска поезија што ми оставила впечаток.

Понатаму, кога некогаш пребарувам низ интернетот за автори и авторки што ги сакам, си помислувам дека тоа би можело да е интересно и за другите, па решавам да објавам нешто за тоа. Објавувањето вести за книжевни настани исто така се случи затоа што сфатив дека понекогаш промоциите не се многу широко медиумски покриени па и мене ми се случувало доцна да дознаам за некој настан, па решив да објавувам за тоа со цел другите да бидат информирани. Сакам да кажам, сите овие рубрики спонтано настанаа, бидејќи сум почувствувала дека треба да бидат дел од блогот, па оттаму и рамнотежата сама се воспостави. Сега можеби е малку поструктурирано и со план бидејќи веќе имам поголемо искуство, но самото време помогна сето тоа да се искристализира и да се направи баланс.


Колку ви е важно што покрај препораки, блогот денес функционира и како архив на книжевни содржини?

Ова е многу интересно прашање, бидејќи всушност како што и спомнав малку претходно, првичната замисла и мотивација за да го започнам блогот беше да понудам повеќе книжевни содржини на македонски јазик, да објавувам интересни книжевни анализи, текстови за писатели и писателки и сето тоа да биде спакувано на македонски јазик со цел да има поразновидна и поголема архива на содржини за книги (и теми поврзани со книжевност) на македонски јазик.

Во Македонија има неколку одлични портали и веб-страници кои ја покриваат културата и книжевноста, но ете сакав и јас да придонесам кон збогатување на интернет просторот со текстови за книги на македонски јазик, бидејќи има многу љубители на книги и книжевност кои можеби не го владеат толку англискиот јазик (кој е најдоминантен кога станува збор за оваа тематика) и штета е и да немаат и тие пристап до одлични текстови, препораки, колумни или воопшто содржини за книги.

Препораките започнаа малку подоцна, сосема спонтано, некако си ги доживувам и како сопствен дневник и времеплов низ мојата читачка историја, а секако можеби и некој ќе најде интересна инспирација за читање кога не знае која книга следно да ја фати во рака. Да напоменам, јас не сум книжевна критичарка и книжевноста не е моја примарна професија, па оттаму јас не се сметам за книжевна експертка, туку пишувам за книгите онака како што јас лично ги доживувам.

Како се смени книжевната публика во Македонија откако постои „Кафе и книги“? Дали читателите денес бараат поинакви содржини?

Мислам дека книжевната публика како публика не се менува многу, во смисла на тоа дека оние што ги сакаат книгите секогаш со задоволство ќе читаат за книги, за нивните омилени автори и авторки, некои повеќе сакаат поезија и извадоци од книги. Во тој дел нема големи промени. Мислам дека најголемата промена е експанзијата на социјалните мрежи и покусиот фокус на луѓето, па поатрактивни се кратки видео-содржини или слики со куси описи. Но, мислам дека и тоа си има своја убавина и секој може да си го најде она што му треба на интернет, сепак мојот пристап се содржини во подолг формат и не верувам дека нешто би променила во врска со тоа, бидејќи оние што ги интересира секогаш можат да го најдат тоа што им треба.

Дали книжевниот блог денес е форма на културен отпор?

Искрено, мислам дека на некој начин е некаков вид на отпор. Можеби не во класичната смисла на зборот и не во насока на тоа со цел да биде форма на бунт и отпор, но со оглед на околностите и времињата во кои живееме, мислам дека е некаков вид на индивидуален бунт и отпор. Во време на сѐ помал фокус и помало внимание на подолги содржини и префрлување на краток формат во форма на видеа и кратки коментари, платформите кои се фокусираат на подолг формат и пишување се отпор кон краткотрајното задржување на вниманието и еден вид повик да се вратиме назад кон читањето, но не само читање за површно да се прочитаат информации, туку читање кое бара нурнување и спознавање на себеси, кое го приморува човек да се соочи со себеси и со општественото огледало кое ни го покажуваат книгите.

Времето во кое живееме го обесхрабрува тоа, тоа претпочита да се насочиме кон работите што ни го одвлекуваат вниманието од себеси и да се фокусираме на површни видеа, површни забави, површни односи со другите, па затоа мислам дека водењето книжевен блог е еден вид отпор кон површноста и бегањето од длабочината и обид за нежно поттурнување и враќање кон работите што се наоѓаат под беглата површина.

Кои автори, книги или книжевни појави од поновата македонска сцена ви се чинат недоволно видливи?

Уф, ова е добро прашање. Мислам дека македонската книжевна сцена е мала, но разновидна и многу интересна и штета е што не е подобро покриена од пошироката медиумска сфера и јавноста. Покрај стандардните и веќе етаблирани писатели и писателки, имаме една цела нова генерација писатели и писателки кои дефинитивно го заслужуваат нашето внимание, кои внесуваат разноликост, но и се трудат да отворат теми кои се многу актуелни, а не се многу разработени во јавноста. Не би сакала премногу да издвојувам, но вака прво напамет ми паѓаат: Хана Корнети, Катерина Шошко, Фросина Пармаковска, итн. Но, се трудам колку што е можно повеќе да им отстапувам простор на македонски писатели и писателки.

Имаше ли периоди кога сакавте да престанете, и што ве натера да продолжите?

Искрено – не. Никогаш не ми паднало на ум да престанам да објавувам, иако истовремено на некој начин не очекував дека блогот ќе опстои повеќе од 10 години, не знам точно од која причина, но кога ќе се навратам назад и гледам дека поминале 11 години, сето тоа ми е малку неверојатно. Имало моменти кога сум објавувала помалку текстови, но тоа било од објективни причини, се попречил реалниот живот, професионалните обврски, приватни случувања и патувања, но никогаш не сум помислила дека ќе престанам да пишувам.

Едноставно уживам во пишувањето за книги, тоа е нешто што ми дава радост на срцето и ме прави среќна. Секојпат кога ќе навлезам во некоја тема и ќе објавам текст кој особено ме прави среќна, тоа ми дава неверојатна радост. И сѐ додека се чувствувам така за блогот и за објавувањето на блогот – ќе продолжам да пишувам. Секако, помага и фактот што имам читатели и читателки кои ги следат содржините, коментираат, даваат предлози и сугестии, тоа исто така е неверојатно чувство што ми дава инспирација и мотив.

Ако треба со неколку наслови да им препорачате на новите читатели од каде да почнат со „Кафе и книги“, кои текстови би ги издвоиле?

Хм… интересно прашање… баш се замислив…

Мислам дека во целина дефинитивно би ја препорачала рубриката „Кафе и книги препорачува“ бидејќи сите текстови и препораки таму се чисто авторски и мои, онака како јас лично сум ги доживеала и во нив секогаш внесувам мој личен печат и сензибилитет, освен месечни препораки, имам и сезонски препораки, препораки за книги од домашни автори и човек може да најде нешто за својот вкус бидејќи гледам секогаш да има баланс меѓу издавачки куќи, автори, жанрови, итн.

Рубриката „Цитати и извадоци од литературата“ е одлична за оние што сакаат да ѕирнат во одредени дела или размислување на писател(к)и, филозофи, мислители и мислам дека секогаш привлекува големо внимание. Рубриката „Писатели и писателки“ ми е секогаш интересна затоа што се труди да фрли светлина врз различни писатели и писателки. Не знам дали можам да издвојам конкретни текстови бидејќи ги има многу, но секогаш ми се најдраги оние за кои ми треба повеќе време за да ги истражам, со наведување повеќе извори, а секако секогаш ја препорачувам и секцијата за поезија бидејќи може да се најдат одлични песни и стихови.

На вашата профилна слика сте на позадина на едниот од култните Скопски графити: „Идам да се надминам“. На таа тема, што посакувате „Кафе и книги“ да биде во следните пет години: блог, архив, заедница, медиум или нешто сосема друго? Дали и како може да се надминете?

Многу добро прашање, мислам дека бара подлабока интроспекција, но вака на прва можам да кажам дека посакувам блогот да продолжи да биде катче за оние кои бараат прибежиште од сета црна хроника и светска неизвесност со која сме опкружени. Јас секогаш сум многу среќна кога некој ќе ми каже дека пронашол некоја книга или автор благодарение на блогот или ќе ми рече дека одреден текст го замислил или уживал во него. И сега за сега тоа е мојата среќа и тоа ме храни.

Секако, сакам блогот истовремено да е временска капсула и архива која ќе го издржи тестот на времето, но познавајќи се себеси, ќе продолжам да воведувам и новитети што ќе ме освежуваат и мене како онаа што ги пишува и објавува текстовите, но и ќе ги прави читателите и читателките среќни, а уште поубаво ако привлече и нови читател(к)и.


Од одговорите станува јасно дека Марија не ја доживува книжевноста како повремено хоби, туку како тивка, секојдневна и верна практика. Во нејзините зборови има и посветеност, и мир, но и подготвеност (дури и радост) да се влезе во потешките, подлабоки прашања. Токму затоа останавме со впечаток дека овој разговор можеше да отиде малку повеќе во тие слоеви, наместо дел од разговорот, поради карактерот на нашите прашања, да се задржи на потехнички аспекти.

„Кафе и книги“ не е само блог за препораки, ниту само место каде се бележат книжевни новости. Тоа е личен, истраен и внимателно граден простор во кој читањето не се сведува на навика, туку станува начин на живеење, форма на внатрешен мир и начин човек да остане поврзан со подлабоките слоеви на светот и на себеси. Токму затоа овој блог денес делува и како архив, и како мало засолниште за читателите што сè уште веруваат во моќта на подолгиот, побавен и посмислен допир со литературата.

Во свет што постојано нè оттурнува кон површина, „Кафе и книги“ потсетува дека вреди да се остане малку подолго со текстот, со мислата и со чувството. А можеби токму во тоа и е неговата најголема вредност: не само да препорача книга, туку да сочува еден начин на читање, еден ритам на внимание и едно книжевно засолниште што му пркоси на забрзаниот заборав.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *