Dune и Foundation се мегаломански научно-фантастични дела за големи империи, за нас е добар само Stalker!

Dune, Star Wars, Foundation… дела за галактички империи, борба за власт, „и ти ли Бруте!“ муабети… тоа се теми за кои се заинтересирани поранешните и сегашните империи, со гордо и признаено минато.

И ние имаме гордо минато – ама „што фајде“ кога ниту една од тие признаени земји не ни го признава! По ѓаволите, ако живееш во Македонија и направиш нешто значајно, не само што ќе те повлечат внатре во „Дантеовиот казан“, туку од страна ќе направат се за да докажат дека си нивни, а Македонија не ни постои!

Затоа совршени СФ теми за нас се нуклеарни катастрофи, дистопија во која нема живот над површината заради загадување, зомби-апокалипса и слично.

Дистопиското дело „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, ни паѓа на ум…

Големите сцени со хали високи десетици метри, аристократски муабети водени на долги кралски маси помеѓу мајката кралица и синот кој го вежба „гласот“ со кој може да го контролира умот на поданиците се толку далечни за нас. Тие се одлични за англо-саксонската публика која од памтивек цицала од дојката на магиска реалност (Брате Мерлине!) во која еден (The one, Neo) ќе ја смени судбината на светот (галаксијата, универзумот!) со магија(та на умот)!

Млади, згодни и плавооки!

Ние сме толку заглавени во нашата „жабокречина“ што единствена верна репрезентација на реалноста со поглед кон иднината (а научната фантастика е тоа) за нас би можела да биде „Geek Love“. Но, веќе пишувавме за тоа.

Сепак тоа не значи дека не можеме да ја цениме генијалноста на авторите. Френк Херберт е генијалец. Исак Асимов е генијалец со дела во сите каталогизирани области (единствен таков!). Dune и Foundation се долго-чекани филмувани верзии на епски книги со голема уметничка вредност (btw и општо критикуваната верзија на Дејвид Линч има добри елементи и буди спомени од детството за секој над 40-годишен човек).

Но, исто така генијалец е и Тарковски и неговиот Сталкер, но на еден многу поинаков, словенски, напатен начин.

„Една област, позната како „Зона“ е целосно заградена и под строга контрола на полицијата, така што во неа е забранет пристапот… Еден човек, кој штотуку излегол од затвор, живее во сиромашен стан со својата жена и ќерката. Тој е Сталкер, т.е. човек кој веќе бил во зоната и кој знае како сигурно да се дојде во нејзиното централно место. Сталкерот се нафаќа да однесе двајца луѓе, Професорот и Писателот во Зоната.“

Исто к’о сцена од нашата реалност/иднина, или некоја СФ верзија на „Буре барут“, нели!

Stalker (1979) | MUBI
Една од депониите на влезот од Драчево, каде што се фрла градежен шут и отпад, за која пишувавме во нашиот „Туристички водич низ депониите на Македонија“, неодоливо потсеќа на „Зоната“ од Сталкер!

Ни треба таква научна фантастика за да му покажеме на светот кои сме. Да го прашаме Дејан Дуковски, може ќе се нафати!

One thought on “Dune и Foundation се мегаломански научно-фантастични дела за големи империи, за нас е добар само Stalker!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *