Со виолина, флејта, хармоника и мандолина, сопствени композиции и стихови од македонски поети, „Скрб“ бил необична појава на скопската сцена од почетокот на седумдесеттите. Иако зад групата, барем засега, не се пронајдени официјални снимки, нејзините членови и соработници подоцна се појавуваат во приказните за „Леб и сол“, Den Za Den, „Пасквелија“ и други важни состави. Прочитајте до крај – таму ве чека и музичкото семејно стебло на „Скрб“, кое ги прикажува овие премини, повторни средби и подоцнежни проекти.
Историјата на македонската рок-музика не е составена само од албумите, фестивалските настапи и големите имиња што останале во колективната меморија. Дел од неа е скриен во кратки новинарски текстови, стари фотографии, нецелосни потписи и во сеќавањата на луѓето што биле присутни на сцената.
Еден таков речиси заборавен фрагмент е скопскиот состав „Скрб“, за кој во 1973 година пишувало списанието „Екран“.

Скопје со малку активни состави
Написот, објавен во рубриката „Диско“, започнува со забелешка дека поп-составите, иако биле широко распространета „институција“ во светот, во Скопје како речиси и да не постоеле. Времето кога секое маало имало сопствен бенд веќе било опишано како далечно минато, а активните состави во главниот град можеле да се избројат на прсти. Ова соодветствува со бумот на т.н. ВИС состави во 1960-тите кога по наша проценка во Македонија биле активни речиси 100 состави, но е зачудувачки што само 10 години подоцна бројот на составите драстично се намалил.
Во таква атмосфера, „Екран“ го претставил „Скрб“ како нов скопски состав за кој „со право може да се каже дека ветува“.
Групата во моментот на пишувањето постоела само четири месеци, но, според авторот, веќе стекнала убава репутација. Нејзините членови биле главно студенти и музиката сè уште не им била професионална преокупација. Името „Скрб“ во написот е објаснето како старословенски збор што означува тага.

Акустичен рок со фолклорни елементи
Она што ја издвојувало групата бил нејзиниот некомерцијален пристап. Авторот на текстот се обидел музиката на „Скрб“ да ја определи како „акустичен рок“ во кој доминираат елементи од македонскиот фолклор.
Инструментариумот навистина бил невообичаен за еден рок-состав: виолина, хармоника, флејта, гитара, бас и мандолина!
„Скрб“ изведувал главно сопствени композиции, кои во „Екран“ се опишани како интересни од повеќе аспекти и пријатни за слушање. За текстовите на песните, членовите се свртувале кон поезијата на познати македонски поети, со што, како што било забележано, нивната музика добивала „една нова димензија“.
Ова ја прави групата интересна не само во контекст на рок-музиката, туку и како ран обид за поврзување на современ музички израз, македонски фолклорни елементи и домашна книжевност.
Во архивскиот текст се наведува дека првиот настап на групата се одржал во Домот на младите „25 Мај“ во Скопје.
Во 1973 година групата планирала да набави нова опрема, да приреди неколку концерти и да направи снимки за Радио Скопје. Засега не се пронајдени податоци што би потврдиле дали планираните радиоснимки навистина биле реализирани или зачувани. Од нашето претходно истражување, и сведоштвата на многу музичари, како Зорица Поп-Панкова, претпоставуваме дека снимките сепак не се зачувани.

Кои биле членовите на „Скрб“?
Написот од „Екран“ ги наведува членовите само со нивните имиња или прекари. Подоцнежна фотографија насловена „Grupa SKRB, Skopje (1972/1973)“, објавена од Лајшо Римац во фејсбук-групата „Стари Скопјани“, помага барем делумно да се идентификуваат музичарите.
Во описот и дискусијата поврзана со фотографијата се појавуваат имињата: Борче Матевски-Мате, Љупчо Ристевски-Крцко, Владимир Акимовски-Пајо, Наталија Спасовска и Ѓоко Панајотов

Подоцнежни постави, вокалисти и проектни соработници
Сведоштвата во коментарите под фотографијата покажуваат дека „Скрб“ најверојатно не функционирал само како затворена петчлена група, туку вклучувал и други музичари и вокалисти, зависно од проектот.
Мила Митевска во групата Стари скопјани пишува дека во еден период на тапани свирел Добри Милевски-Допче. Ова се совпаѓа со понов текст посветен на музичарот, според кој, по членувањето во „Безимени“ и „Република 903“, последното поглавје од својата активна кариера го поминал во „Скрб“.
Зорица Поп-Панкова, која била поврзана и со групите „Мост“ и „Македонија“, а подоцна продолжила со соло-кариера, пак, во коментарите сведочи дека пеела со групата „Скрб“ во 1973 и 1974 година, а со неа настапувала и Гордана Акимовска. Двете заедно пееле во етидата „Смртта на цар Самоил“.
Зорица Поп-Панкова се сеќава и на џем-сешн свирките во таверната „Бристол“ во 1974 и 1975 година, во кои учествувале музичари поврзани со „Скрб“ – Крцко, Фили, Боби, Лабиш, Пепо и други. Просторот за настап бил мал: дел од музичарите свиреле долу, а дел на малото „балконче“. Таа седела на скалите и пеела, додека зад неа се собирале редици млади слушатели; според нејзиното сеќавање, дел од публиката останувала дури и на улицата за да ја слуша свирката. Поп-Панкова додава дека, според потребите на определени проекти, со составот настапувале и други музичари како гости.

Драгиша Солдатовиќ-Лабиш и врската со „Леб и сол“
Меѓу имињата поврзани со „Скрб“ во подоцнежните музички хроники се појавува и Драгиша Солдатовиќ-Лабиш.
Тој не е наведен во поставата од написот во 1973 година, ниту меѓу основните членови на фотографијата од 1972/1973 година. Оттука, најверојатно е дека на групата ѝ се приклучил во некоја подоцнежна фаза или учествувал во некој од нејзините проширени проекти.

Во делот за „Леб и сол“ во „Македонска рок енциклопедија“, Тошо Филиповски пишува дека по заминувањето на Кокан Димушевски, неговото место го зазел Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, кој дотогаш бил член на „авангардниот експериментален состав Скрб“.
Онлајн објавената историја на „Леб и сол“, која како главен извор ја наведува токму енциклопедијата на Филиповски, го повторува истиот податок.
Лабиш со „Леб и сол“ учествувал во периодот кога групата почнала да се оддалечува од каверите и да се насочува кон авторска музика. По самостојниот концерт на „Леб и сол“ во Домот на младите „25 Мај“ во септември 1976 година, Лабиш ја напуштил групата.
Од „Скрб“ кон Den Za Den
Кон крајот на 1977 година, Лабиш го формирал составот Den Za Den, барајќи звук што повеќе ќе одговара на неговиот темперамент и на тогашното џез-рок движење.

Во првата постава биле Драгиша Солдатовиќ-Лабиш на клавијатури, Димитар Чочоровски-Чочор на тапани, Владимир Јанкуловски-Цане на бас и Синиша Стојановски, а потоа и Аријан Дема на гитара. Групата дејствувала од 1978 до 1980 година и оставила еден студиски албум.
Во оваа смисла, музичката линија на Лабиш може да се следи од експериментите на „Скрб“, преку краткиот престој во „Леб и сол“, до појасно оформениот џез-рок израз на Den Za Den.
Тоа не значи дека „Скрб“ треба директно да се прогласи за претходник на „Леб и сол“ или Den Za Den. Но, групата очигледно била една од средините во кои се среќавале и експериментирале музичари што подоцна ќе имаат значајна улога во развојот на македонскиот прогресивен и џез-рок.
Повторна средба во „Пасквелија“
По распаѓањето на Den Za Den на крајот од 1980 година, Лабиш заедно со тапанарот Димитар Чочоровски-Чочор го формирал џез-составот со латино-примеси „Пасквелија“. Во почетокот „Пасквелија“ дејствувала како музичка работилница во рамките на театарската трупа „Зелена гуска“.

За комплетирање на составот Лабиш ги повикал своите поранешни соработници од проектот „Скрб“: Љупчо Ристовски-Крцко – бас; Борис Матевски-Мате – гитара.
Ова повторно обединување покажува колку била поврзана релативно малата скопска сцена. Музичарите преминувале од еден во друг состав, создавале нови комбинации и го пренесувале искуството од акустичниот и експерименталниот рок кон прогресивниот рок, фјужн, џезот и латино-музиката.
Продолжението со Labish Trio
По повеќегодишна пауза од активното учество во музички состави, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш во почетокот на 1995 година го оформил Labish Trio. Во проектот ги вклучил Зоран Павловски на бас-гитара и Никола Димушевски-Кокан на тапани, негов зет и соработник од претходни музички проекти, додека самиот Лабиш компонирал и свирел клавир.

Првиот албум на триото бил објавен во 1996 година, а вториот, „Dream“, во 1998 година. Во јануари 2001 година Labish Trio бил проширен во квинтет со Алек Секуловски, Тони Китановски, Александар Икономов и Густав Агилар, со кои биле снимени неколку композиции што останале необјавени. Последното издание на проектот се појавило во 2004 година, а Драгиша Солдатовиќ-Лабиш ненадејно починал на 22 март 2008 година. Скопскиот џез-фестивал подоцна ги вклучил изданијата на Labish Trio во програмата за дигитално обновување на каталогот на SJF Records.
Патот на Лабиш, од „Скрб“ до Labish Trio, покажува повеќедецениски континуитет на музичко истражување, во кој постојано се преплетуваат рокот, фолклорот, џезот и импровизацијата.
За крај: музичкото стебло на „Скрб“

Музичкото стебло на „Скрб“ ги прикажува различните постави на составот и понатамошните патишта на неговите членови и соработници – од раните седумдесетти до Labish Trio и последните изданија во 2004 година. Поголема резолуција на музичкото стебло тука.