Четири чекори до постабилен ПИОМ
Пишува: Тимурленк Чековиќ
Македонскиот пензиски систем одамна функционира под силен притисок. Денес дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) достигнува околу 677 милиони евра годишно – огромна сума која државата е принудена да ја обезбеди од Централниот буџет преку годишни трансфери. Според ревизорските извештаи, овие буџетски дотации учествуваат со над 40 % од вкупните приходи на Фондот, што јасно покажува колку системот е зависен од фискални инјекции.

Во услови на демографски пад, масовно иселување на младо население и влошен однос меѓу бројот на вработени и пензионери (кој сега изнесува 1,63 на 1, додека за одржливост е потребен најмалку 3 на 1), овој тренд е неодржлив на долг рок. Прашањето повеќе не е дали постои проблем, туку дали имаме храброст да ги искористиме механизмите што веќе постојат за да го решиме – без нови даноци, без продолжување на годините за пензионирање и без дополнителен товар врз стопанството и граѓаните. Во оваа анализа предлагам четири конкретни мерки – една од нив веќе е законски усвоена, две се на маса, а една чека политичка волја. Заедно, според проценките на авторот, тие можат да го намалат дефицитот за повеќе од 40%, отворајќи простор за долгорочна стабилизација на пензискиот систем.

1. Наместо пари од „Мој ДДВ“, лична пензиска инвестиција
Првата мерка се однесува на програмата „Мој ДДВ“, која беше воведена како алатка за сузбивање на сивата економија и како директен готовински надоместок за граѓаните. Механизмот е едноставен, граѓаните скенираат фискални сметки, а на секои три месеци добиваат поврат на дел од платениот данок.

Моменталната состојба:
- Над 528.000 корисници учествуваат во мерката
- Квартален поврат: околу 836 милиони денари (13,6 милиони евра)
- Годишен износ: околу 55 милиони евра
Овие пари, иако се добредојдени за граѓаните, завршуваат во тековна потрошувачка – се трошат за храна, сметки, кафе, облека. Краткорочниот ефект е позитивен, но долгорочниот акумулативен ефект е речиси никаков. За 2100 денари максимални, кои тешко се исполнуваат без да се позајмат сметки од баби и чичковци, пореално е секој денар да се префрли во идна инвестиција или заштеда.
Што предлагам?
Наместо повратот да се исплаќа во готовина на трансакциска сметка, средствата автоматски да се уплаќаат како директен бонус на личната сметка на секој граѓанин во вториот (задолжителен) или третиот (доброволен) пензиски столб.

Како би изгледало во пракса?
- Апликацијата „Мој ДДВ“ останува иста – граѓаните продолжуваат да скенираат сметки
- УЈП наместо готовина, уплаќа бонус на пензиската партија
- Во апликацијата се додава дигитален пензиски новчаник кој во реално време покажува како секоја скенирана сметка го зголемува идното пензиско салдо.
Што добива граѓанинот?
Кога би извршиле пресметка на денешните максимални 136 евра годишно (8.400 денари), реинвестирани 30 години со просечен годишен принос од 5% (каков што остваруваат приватните пензиски фондови во Македонија), на крајот на периодот тие ќе вредат над 9.500 евра. Кога оваа сума ќе се подели на просечни 15 години поминати во пензија, тоа значи месечна пензија би била поголема за околу 3.200 денари во однос на редовната пензија.
Што добива државата?
55 милиони евра остануваат во системот и веднаш покриваат 8 до 9 проценти од дефицитот на ПИОМ. Дополнително, се намалува притисокот врз Централниот буџет за социјални трансфери, бидејќи овие пари не излегуваат од системот како готовина. При тоа е клучно дека мотивот за скенирање не се губи, туку се трансформира. Граѓанинот и понатаму има директна корист, но таа корист е долгорочна со повисока пензија, а не моментална потреба на дополнително пазарење. За реализација на овој модел, потребно е Собранието да интервенира со измени и дополнувања во следните три законски решенија:
- Закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица (Мерка Мој ДДВ): Потребно е да се интервенира во членовите кои го уредуваат начинот на исплата на остварениот поврат (Член 7 и Член 8). Наместо досегашната исплата во готовина на трансакциска сметка, со законска измена се дефинира дека Управата за јавни приходи (УЈП) средствата наменски ги префрла во пензискиот систем.
- Закон за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Втор пензиски столб): Потребна е измена во делот на приливи на средства на индивидуалните сметки на осигурениците. Се додава нова одредба со која се овозможува личната сметка на граѓанинот во приватниот фонд да се дофинансира преку бонуси остварени од повратот на ДДВ.
- Закон за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (Трет пензиски столб): Се интервенира во одредбите за уплата на доброволни придонеси, каде државата го воведува повратот на ДДВ како директен стимул и државна кофинансирачка мерка за доброволно штедење на граѓаните.
Имплементацијата на ова решение би барала ограничени законски и подзаконски измени, пред сè во правилниците што го регулираат работењето на вториот и третиот пензиски столб. Посложено прашање е уплатата на дополнителни средства во вториот задолжителен пензиски фонд, бидејќи тој функционира според строго утврдени правила за финансирање. Сепак, со соодветни законски измени и јасно дефиниран механизам, и ова прашање може успешно да се регулира. Кај третиот доброволен пензиски столб не би биле потребни суштински промени, туку само техничко усогласување на процедурите за прием на средствата.
2. Закон што веќе го носи првиот резултат
Втората мерка веќе не е предлог. Таа е законски усвоена на 30 јуни 2026 година и претставува класичен пример за паметна реалокација на постојните средства без зголемување на даноците.

Што е променето?
Со измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, стапките се прераспределени на следниов начин:
| Стапка | Пред измената | По измената |
| Придонес за ПИОМ | 18,8% | 19,9% |
| Придонес за невработеност | 1,2% | 0,1% |
Разликата од 1,1 процентен поен од бруто-платите на сите вработени сега се насочува кон ПИОМ.
Колку пари се тоа?
На годишно ниво, оваа рокада носи дополнителни 45 до 50 милиони евра свеж капитал директно во пензискиот фонд.
Агенцијата за вработување (АВРМ) располагаше со акумулиран вишок средства. Причината е едноставна – невработеноста е значително намалена (под 13%), а пазарот на труд се соочува со критичен недостиг на работна сила. Бидејќи има помалку невработени лица кои бараат паричен надоместок, Агенцијата нема потреба од толку голем буџет.
Што значи ова за граѓаните и фирмите?
Ништо. Вкупната стапка на социјални придонеси останува 28% од бруто-платата. Нема нов товар – само поинаква распределба на постојните пари. Овој пример покажува дека со паметна реалокација може да се постигнат значајни резултати без политички непопуларни мерки.
Ефект: Покрива околу 7% од дефицитот на ПИОМ и веднаш ги подобрува ликвидните капацитети на Фондот за редовни исплати. Ова е одлично решение и трба да се проверат и други можности за рефинансирање на ПИОМ на овој начин.
3. Сивата економија – најголемиот неискористен потенцијал
Третата мерка е веројатно и најважната. Таа се однесува на долгогодишниот проблем на непријавена работа и исплата на плати „на рака“.

Колкав е проблемот?
Според економските проценки, околу 30% од македонската економија се наоѓа во сива зона. Ова значи дека стотици илјади работници официјално се пријавени на минимална плата (околу 350 евра), додека остатокот од приходот го добиваат во готовина, неопданочен и без придонеси.
Зошто ова е проблем за ПИОМ?
- ПИОМ не наплаќа придонеси на реалниот приход, туку само на пријавениот дел
- Идните пензии на овие работници ќе бидат минимални
- Државата губи десетици милиони евра годишно од неплатени даноци и придонеси
Што предлагам?
УЈП треба драстично да ги засили теренските контроли во секторите каде што оваа пракса е најраспространета – угостителство, градежништво, трговија, текстилна индустрија и земјоделство. Не станува збор за репресија, туку за фер конкуренција и социјална правда. Доколку само една третина од овие работници се пријават на реалниот износ на нивната плата, ПИОМ би добивал дополнителни 120 до 150 милиони евра годишно.
Ова не е само даночен проблем – тоа е и прашање на достоинството на работниците. Секој што работи заслужува идна пензија што одговара на неговиот реален придонес, а не социјална помош. Ова е најголемиот поединечен потенцијален извор – може да скрати речиси 22% од дефицитот, додека истовремено ги зголемува вкупните даночни приходи во централниот буџет. Значи, треба да се сменат навиките на фирмите, како и навиката на народот, односно работникот да не прифаќа непријавен да работи, тоа е директно задирање на неговите права и обврските на работодавачот.
4. Доброволно продолжување на работниот век – избор, а не принуда
Четвртата мерка се однесува на демографскиот предизвик. Наместо задолжително зголемување на старосната граница за пензионирање (што во моментов изнесува 62 години за жени и 64 години за мажи), сметам дека треба да се понуди избор.

За кого е ова?
Мерката е наменета за дефицитарни и високостручни кадри каде искуството е незаменливо, а помлад кадар не постои во доволен број:
- лекари-специјалисти
- универзитетски професори
- инженери
- судии и обвинители
- врвни менаџери во стратешките претпријатија
Како би функционирало?
Државата понудува бонус за одложување: за секоја дополнителна година што работникот ќе остане на работа, неговата идна пензија се зголемува за одреден процент. Максималната граница е 73 години, по примерот на скандинавските земји. Физичките работници (градежници, рудари, текстилци) реално не би ја користеле оваа опција, но за нив и не е ниту наменета – тие и понатаму се пензионираат според редовната граница.
Што добива државата a со тоа и ПИОМ?
Двојна заштеда:
- Не ѝ исплаќа пензија на таа личност во периодот додека работи
- Продолжуваат уплатите на придонеси од платата на тој работник
Ако само 10% од дефицитарниот кадар ја искористи оваа опција, ПИОМ се растеретува за 15 до 25 милиони евра годишно. Оваа мерка помага да се задржи искусниот кадар таму каде што најмногу недостасува – во училниците, операционите сали, судниците и инженерските бироа.

Дополнителни механизми кои сè уште чекаат официјален предлог
Покрај овие четири мерки (од кои една веќе е донесена, две се на маса, а една чека политичка волја), постојат и дополнителни можности кои заслужуваат сериозна јавна дебата. Иако за нив сè уште нема официјален предлог во Собранието, нивниот потенцијал е огромен:
| Механизам | Надлежно министерство | Годишен потенцијал |
| Дигитален данок за Meta, Google, Netflix, Booking | Финансии / Дигитална трансформација | 15–20 милиони € |
| Легализација на фриленсери (програмери, дизајнери, маркетери) | Економија и труд / Финансии | 35–40 милиони € |
| Дигитализација на администрацијата – кратење на хартија, печатење и архиви | Сите министерства | 25–30 милиони € |
| Државен инвестициски фонд – монетизација на неискористен државен имот | Економија и труд | 40–50 милиони € |
За првите две мерки (дигитален данок и легализација на фриленсери) постојат нацрт-предлози и јавни дебати, но сеуште немаат влезено во собраниска процедура. За државниот инвестициски фонд, пак, воопшто нема иницијатива во јавноста. Заедно, овие четири механизми би можеле да донесат уште 115 до 140 милиони евра годишно во пензискиот систем, без дополнителни даноци врз домашните компании и граѓаните.
Монетизацијата на неискористен државен имот, од одмаралишта до игралишта, па и други ненаплатени давачки за узурпација и користење државно земјиште, лесно би можела да се подобри состојбата со буџетот.
Што значи ова за буџетот – вкупна слика
Доколку сите мерки се спроведат координирано, ефектот врз дефицитот на ПИОМ би изгледал вака:
| Мерка | Годишен ефект | % од дефицитот (677 млн €) |
| Реинвестиран „Мој ДДВ“ | 55 милиони € | 8–9% |
| Трансфер од АВРМ (веќе донесен) | 45–50 милиони € | ~7% |
| Борба против сива економија | 120–150 милиони € | ~22% |
| Доброволно работење до 73 години | 15–25 милиони € | ~3% |
| ВКУПНО ОД ОВИЕ 4 МЕРКИ | 235–280 милиони € | ~40% |
| Дополнителни механизми (4 нови) | 115–140 милиони € | ~17–20% |
| ВКУПЕН ПОТЕНЦИЈАЛ | 350–420 милиони € | ~55–60% |

Дефицитот од 677 милиони евра може да се намали за над половина без воведување ниту еден нов данок, без зголемување на давачките за фирмите и без укинување на стимулот за граѓаните да се борат против сивата економија.Каде сме сега и што недостига?
Веќе донесено:

- Трансфер од Агенцијата за вработување (закон од 30 јуни 2026)
Има иницијативи, но сè уште нема законски предлог:
- Борба против сива економија (УЈП веќе спроведува контроли, но законски механизми се уште се недоволни)
- Доброволно работење до 73 години (се дебатира, но нема официјален предлог)
- Легализација на фриленсери (постои нацрт, но не е ставен на собраниска процедура)
Сè уште НЕМА официјален предлог:
- Пренасочување на „Мој ДДВ“ кон пензиските фондови.
- Дигитален данок за технолошките гиганти.
- Државен инвестициски фонд за монетизација на државниот имот.
Како граѓаните можат да влијаат?

Ако рокот за коментари на тековниот закон преку системот ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи) истече, постојат други канали:
- Директно до Собранието – преку е-пошта на info@sobranie.mk
- До пратениците – секој пратеник има обврска да прима граѓански иницијативи и да ги проследува до надлежните комисии
- Преку медиумите – јавната дебата е најмоќното оружје за притисок врз институциите, особено преку дописи до електронски медиуми и други новинарски здруженија.
- Преку стопанските комори – СКМ и МАСИТ можат да ги поддржат ваквите предлози како официјални препораки до Владата
Постојат решенија!
Мојата анализа покажува дека решенијата постојат. Парите не недостасуваат – тие во повеќето случаеви се само погрешно насочени. Доколку се комбинираат:
- реинвестирањето на повратот од ДДВ во пензиските сметки,
- веќе донесените законски измени за трансфер од Агенцијата за вработување,
- засилената борба против сивата економија,
- и доброволното продолжување на работниот век за дефицитарните кадри,
Македонија може да обезбеди 235 до 280 милиони евра годишно, односно да намали околу 40 проценти од дефицитот на ПИОМ.
Со дополнителните структурни реформи – дигитален данок, легализација на фриленсери, дигитализација на администрацијата и формирање на државен инвестициски фонд – потенцијалот достигнува до неверојатни 350 до 420 милиони евра, што претставува приближна сума од сегашниот дефицит.
Прашањето не е дали имаме пари. Прашањето е дали имаме визија и храброст да престанеме да ги трошиме краткорочно, а да почнеме да ги инвестираме во иднината. Наместо кафе од ДДВ – повисока пензија. Наместо краткорочна потрошувачка – долгорочна сигурност.