Депонијата на влезот на Драчево доби втора шанса – за отпадот!

Пред четири недели започна акцијата за чистење на депонијата во Драчево. Иако беше најавено дека ќе трае 10 дена со рамнење и инспекциски надзор, ништо од тоа не се случи и траеше 1 ден – со задолжителни селфија на политичарите. Наместо решавање на проблемот, само се ослободи место за нов отпад и тој веќе се натрупа. Има ли план за трајно решение или акцијата беше само „Сизифовска работа“?

Во неколку наврати пишувавме за депонијата во Драчево. Линкови кон тие текстови има подолу во текстот и во иднина ќе известуваме за истото додека проблемот не се реши.

На 4 мај нѐ изненади акцијата за чистење на депонијата на влезот на Драчево од страна на Град Скопје во соработка со Општина Кисела Вода и јавните претпријатија и ја пофаливме истата.

Депонијата пред акцијата
Депонијата по акцијата

Беше најавено дека акцијата ќе трае десеттина дена и дека просторот ќе биде исчистен, израмнет и под засилен инспекциски надзор. По првичното чистење ја посетивме депонијата во неколку наврати и повторна акција немаше.

Вештачкиот рид од шут не беше израмнет, инспекција не видовме. Локалните жители со кои разговаравме коментираа дека политичарите „дојдоа, се сликаа и си заминаа,“ но не сакавме да веруваме во таа реторика која ни се чинеше премногу стереотипна.

Наместо тоа апелиравме просторот да се израмни, да се засади со вегетација и да се огради за да се спречат повторните натрупувања на отпадот. По десет дена не дојде никој од надлежните, а ни по четири недели, но затоа новото ѓубре дојде. Помислете како ќе изгледа локацијата по четири месеци или по четири години!

Се чини дека во Македонија единствено ѓубрето има просперитет!

Да заклучиме, акцијата е за пофалба, но таа не е завршена целосно, ниту дава гаранција дека отпадот нема да се натрупа повторно. Не бараме моментални и парцијални решенија, туку трајни и целосни. Наместо инспекции, се што треба се дронови со кои ќе се снимаат сторителите.

Ние од Арно упативме апел кон компјутерските компании да ни обезбедат опрема за ние лично и волонтерски да вршиме надзор, но тие не се заинтересирани за заштита на околината. Се разбира, ниту еден план, технологија, општина или државно претпријатие не може да ни помогне ако самите како граѓани немаме свесност и совесност.

Сепак, свесноста се гради преку вложувања, контрола и казни од државата, не со селфија и празна реторика.


Линкови кон нашите претходни текстови на тематикава:

  • Во март, како дел од нашиот проект „Туристички водич низ депониите на Македонија“ пишувавме за депонијата на влезот на Драчево
  • Повторно во март пишувавме и за очајната состојба на гробиштата на Марков рид и околу нив каде нема ниту еден контејнер, а се фрла отпад и шут насекаде.
  • Во април ја мапиравме целата област и означивме неколку помали и поголеми депонии.
  • Во мај пишувавме за масовната акција на дел од општините во Скопје и комуналното претпријатие за собирање кабаст отпад. Ваква акција за жал во населбата Драчево немаше.
  • Повторно во мај известивме за еднодневната акција за чистење која резултираше со повторно натрупување на отпадот.

One thought on “Депонијата на влезот на Драчево доби втора шанса – за отпадот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *