За депонијата на влезот од Драчево (сега исчистена и заградена) и други депонии во околината

Во 2021 година направиме 6 (шест) посети на депониите на влезот од Драчево, ги документиравме, напишавме текстови и, го контактиравме Државниот инспекторат за животна средина, ја критикувавме општината Кисела Вода и луѓето кои непрописно фрлаат отпад., Но, и ја пофаливме општината кога направи акција за чистење! За жал моравме пак да ги критикуваме кога депонијата повторно почна да се полни. Апелиравме дека истата треба да се огради, да се засади вегетација и да се постави некој систем на надзор (камери, чувари, повремена инспекција).

Февруари 2022

На 21.02.2022 повторно ја посетивме локацијата и бевме пријатно изненадени од иновативниот систем на „заградување“. Околу две од локациите (поранешната голема депонија и околу гробиштата) е поставен голем ров кој ги спречува (зло)сторниците повторно да натрупуваат отпад. Ние апелиравме „просторот да се израмни, да се засади со вегетација и да се огради за да се спречат повторните натрупувања на отпадот.“ Моменталното решение е сепак некој компромис…

Не изгледа убаво, но врши работа!

Околината на депонијата

Во околината на депонијата состојбата не е совршена, сеуште постои расфрлан отпад насекаде, но во помали количини.

Состојбата под и на Марков рид

Состојбата во горниот дел, под и на Марков рид, не е подобрена. Од фотографиите кои ги објавивме претходно може да се види дека ридот е покриен со отпад, а нагоре на патеката кон крстот на секои неколку метри има по една мини-депонија.

Околината на маркетот КАМ

Ако тргнеме надолу кон главната улица (како единствена која води кон Драчево од „град“ – и раскопана од сите страни, но нема надеж дека ќе биде завршена – тоа е друга тема за друг текст!) од десната страна кон маркетот Кам, ќе наидеме на еден канал. Овој канал ја поврзувал некогашната воденица во Аџево (дел од Драчево) и таму имало полиња насадени со (што друго ако не) кромид.

Денес овој канал е зараснат со вегетација и пренатрупан со ѓубре. За оваа локација пишавме пред неколку години во групата „Не фрлај, не загадувај“ и од тогаш е поставен знак „Не фрлај отпад“ (кој е потоа искршен).

Кутиите од Кам уредно спакувани во вреќи за да ги преземат неформалните собирачи, но муштериите го расфрлуваат отпадот наоколу… купи чипс – фрли ја опаковката во каналот!

Бидејќи на локацијата се наоѓа и магацинот на Кам тука постои можност за создавање отпад од кутии, но тоа е уредно решено благодарение на договор помеѓу неформалните собирачи и вработените во Кам. Отпадот кој завршува во каналот е од луѓето кои пазарат во Кам и од тие кои го користат како мини-депонија за фрлање гуми, градежен материјал и слично.

Потребно е чистење на каналот, но како што видовме до сега, тоа не е доволно и потребно е заградување на локацијата. Овој текст го пишуваме како потсетување на општина Кисела Вода да изреагира по прашањето на депонија во близина на супер маркет – тоа „не ќе да е“ хигиенски!

One thought on “За депонијата на влезот од Драчево (сега исчистена и заградена) и други депонии во околината

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *