7 проблеми на Драчево – а ги има уште многу!

По нашите текстови за депониите во Драчево, се прошетавме низ населбата и разговаравме со жителите. Направивме една листа на проблеми кои засегаат жителите, а Општина Кисела Вода не презема чекори за нивно решавање. Некои од нив се зачудувачки за 21-от век. 

Драчево има 20.000 жители, а со соседните села и многу повеќе. Се работи за прилично голема населба со голем број на жители. Патот од Пинтија кон Драчево моментално (по 40 години откако бил планиран) се проширува и поправа. Добрите работи запираат тука.

1) Драчево има депонии, насекаде! 

Најголемата е на самиот влез во Драчево каде постојано се пали отпадот и се загадува. Некои улици се сами по себе депонии. Знаци „не фрлај отпад и шут“ има, но казни и совесност нема.

2) Има секакви отпади на секој чекор

Знаци за „Отпад“ има насекаде, со дворови полни со стари автомобили, железарија, пластика и што се не. Ни се чини дека вакви места има повеќе отколку која било друга населба.

3) Нема улици со атмосферска канализација

Атмосферската канализација била измислена пред 3.000 години и употребувана уште од времето на античка Грција и Рим. Вакво нешто во Драчево нема. Заради тоа постојано се отвораат дупки на патиштата и возилата се поправаат постојано, а улиците наликуваат на површината на Месечината. Кога врне се прават вистински мали езерца, и пешак кој поминува покрај ваков пат се чувствува како во видео игра наречена „избегај пред да те истушираат со кал“.

4) Нема велосипедски патеки

Возењето велосипед може да биде забава, но таму каде што нема велосипедски патеки може да биде и опасно по живот. Драчево е таков пример.

5) Нема контејнер на гробиштата

Гробиштата во Драчево се посебна приказна и пејзаж на невиден отпад и шут. Посетителите немаат избор каде да го фрлат освен од страна. Проблемот би се решил со поставување на неколку контејнери. Друг дел од проблемот се камионите кои влегуваат и истураат шут на истото место кое би требало да биде свето.

6) Семафори и правилно регулирани сообраќајници. 

Да преминеш улица во Драчево е опасно по живот. Се разбира возачите не застануваат да те пуштат, па мораш да чекаш пауза помеѓу двете страни сообраќај, која никогаш не доаѓа. Семафори се изум на новиот век кој изгледа го одминал Драчево.

7) Драчево нема план за заштита на Маркова река 

За разлика од реките Серава и Лепенец, каде е донесен план за заштита и воспоставување зелен коридор, за Маркова река нема вакво нешто.

* * *

Помеѓу другите проблеми се и помалите како копање и неправилно (или воопшто) затворање дупки по улиците и тротоарите или кучиња скитници, немање контејнери за селекција на пластика и хартија или немањето книжара (не, книжарница!) – но секој недостаток од книжара, како и на многу други места се надоместува со коцкарници на секој чекор. Сепак, тоа веќе не е само проблем на Драчево, туку на Скопје и на целата држава која прави се за напредокот на пороците и ниските страсти, а толку малку за тие нешта со кои се исмева во нашата средина – културата, науката и уметноста. На здравје!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *