За проблемите со ѓубрето и воздухот во Лисиче, Скопје, Македонија… и не пошироко

Во нашата држава многу многу нешта се прават козметички и за „мачкање на очите“ на граѓаните, а тоа е особено актуелно пред избори – магичен збор од кој се засолзуваат очите на политичарите како да во лице да им дувнал „јужни ветар“, а не смрдеата која се шири од приградските населби.

Но, навикнати сме веќе, властите доаѓаат и заминуваат, а ѓубрето, загадувањето, нелегалниот отпад и други радиоактивни чудовишта и атомски печурки кои како да излегле од романите на Х.Ф. Лавкрафт остануваат дел од нашиот апо(ка)ли(п)тичен кошмар.

Но, дури и да успеете да ги отворите ширум очите кои ве печат од загадувањето, ќе видите реалност која не сакате да ја прифатите, затоа замижете силно и продолжете да чекорите со надеж дека нема да пропаднете во провалија – можеби веќе живеете во неа!

Дел од тие „козметички“ нешта се случуваат во населбите како што е Центар каде градскиот парк е повторно раскопан, на улиците се поставува нов асфалт итн., додека други населби како Драчево немаат базични цивилизациски постигнувања, како – атмосферска канализација во 21 век! А да не зборуваме за нелегалните депонии во оваа населба, зашто сме зборувале многу пати.

Претходно пишувавме и за (Ново) Лисиче и апелиравме за решавање на проблемот со постојаната смрдеа и загадување на воздухот која сите власти децениски ја игнорираат зашто нивните деца „по се изгледа“ не живеат таму. При последната посета на населбата на небото не поздрави голема црна печурка од чад.

Тоа се сериозни нешта, а таму виреат и многу други, навидум помали, но секојдневни проблеми како во писмото кое пристигна во нашата редакција од анонимен граѓанин на населбата Лисиче и ви го пренесуваме во целост.


„Откако Комунална хигиена, и по 12 дена, не воведе ред за собирање на ѓубрето од пред куќите низ населбата Лисиче, на ул. „Тодор Чангов“, чесниот граѓанин купил комплет вреќи од 60 литри и го носи сметот во контејнери – кон Ново Лисиче.

Ова е практика, во календарската 2020, па ’21 и продолжува. Граѓаните плаќаат и по 1.500 денари месечно! На секој дванаесетти ден, на поплаката на граѓаните, одговорот на надлежните е: „возилата се стари“, „скршени се миксерите“, “нема доволно работници“ …

Граѓаните, одговараат „обновете го возниот парк“, „поправете ги возилата“, „ангажирајте и приватна фирма ако нема работници“…

Проблеми многу, решенија малку…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *