Ѓубрето има повеќе права од граѓаните во Аеродром и Ново Лисиче!

Проблемот со смрдеата во Ново Лисиче и Аеродром последнава недела доживува кулминација, но веќе со децении граѓаните на овие општини се жртви на лошиот воздух.

May be an image of fire and outdoors

Тоа не е нов проблем, а се чини дека кулминираше во годините 2010-2016 кога мерачите на загадување во зимскиот период покажуваа вредности и над 1.000 што е 20 пати повеќе од дозволените вредности. На нашиот портал сме зборувале на оваа тема во повеќе наврати, сме ги дефинирале проблемите – од индустријата, до депониите, преку домашното загадување… и тие искуства ги собравме во една книгичка 25 факти за аерозагадувањето…

Проблемот на Ново Лисиче и Аеродром е што загадувањето не е само во зимските месеци. Ова се единствените општини во кои загадувањето е над нормалните вредности во текот на целата година.

Прашањето е: што тоа смрди?

Теориите се различни, од „палењето кабли“ и обвинувањето на маргиналните групи граѓани (со што ние лично како портал воопшто не се согласуваме), преку палење отпад во дивите депонии (според нас најверојатната причина).

Најдобри информации може да се добијат од групата „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ“ каде секојдневно се споделуваат слики и информации. Проблемот последнава недела (и покрај ветровитото време) доживува кулминација.

Граѓаните од сон ги буди остра и непријатна смрдеа рано наутро или во текот на ноќта.

Тие апелираат и молат за помош, а од надлежните нема никаков одговор, како што немало никогаш. Тие знаат дека колку и да се бунат граѓаните, повторно ќе си замолчат, ќе мораат да одат на работа, да се грижат за секојдневните проблеми и животот мора да продолжи.

Дали таква неодговорност би била возможна во која било друга Европска земја каде за минимални покачувања на загадувањето народот излегува на улица, а надлежните трпат последици?

Како локации и извор на смрдеата се наведуваат (некои локации се преклопуваат):

  • Нелегална депонија кај мостот на Вардар помеѓу Долно Лисиче и Јурумлери
  • Усјанскиот канал
  • Пречистителната станица на Вардар кај Железниот мост
  • Вардариште
  • Последна 15-ка

Како можни причини се наведуваат:

  • Палење отпад
  • Преработка на гуми
  • Палење кабли
  • Палење стрништа

Како време кога се јавува смрдеата се посочува од 10 часот навечер до утро, а оган и чад се гледа дури и дневно време.

May be an image of sky

Што е потребно да се направи?

„Затвори го пенџерчето – се задушивме, ќе поцркаме!“,

Се разбира горново не е решение, и надлежните би требале да направат конкретни чекори:

  • Чистење и конечно затворање на нелегалните депонии
  • Оградување на просторот околу нив за да не се натрупува отпадот повторно
  • Поактивно вклучување на надлежните со инспекции, надзор, користење на дронови
  • Казнување на сторителите!
  • Граѓаните би можеле самите да излезат и да ги сликаат сторителите и да ги пријават (како во групата „Не фрлај, не загадувај“), како и да организираат акции за чистење (како во групата „Не биди ѓубре“ и засадување вегетација на локациите.

Со сличен проблем со депонии насекаде се соочувал и Њујорк пред многу години, но граѓаните самите ги земале работите во свои раце:

Потребни се и казни за сторителите! Се чини апсурдно граѓаните да плаќаат казни за минорни прекршоци, кога е дозволено да се загрози здравјето на илјадници и да се помине неказнето. Град Скопје, Општите и Инспекторатот за животна околина се на потег!

Или треба да се обратиме на Greenpeace, како што направија во Малезија каде е констатирано зголемување на белодробни заболувања и на болести воопшто кај жителите во слични услови?

Зарем странците требада се грижат за нашите деца повеќе од нас самите?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *