Акции за собирање кабаст отпад во 50% од Град Скопје, некои општини не се вклучуваат во акцијата на ЈП „Комунална хигиена“!

Од 18-23 мај (вторник до недела), во половина од скопските општини ќе бидат активни 16 пунктови за собирање кабаст и електронски отпад. Се работи за општините Карпош, Аеродром, Центар и Бутел кои заедно бројат околу половина од жителите на Скопје.

За другата половина кои живеат во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај, Чаир и Шуто Оризари вакви акции нема да се спроведат. Се работи за информации кои се добиени по скромно истражување од страна на тимот на arno.mk и ако некој има поинакви информации, слободно може да пише на мејлот на редакцијата и да ги сподели информациите.

Во 4-те повредни и поодговорни општини граѓаните ќе можат да одложат кабаст и електронски отпад на следниве локации и во следниве денови.

  1. Аеродром (4 локации, 21-23 мај)
  • Јане Сандански („АСНОМ“, број 68)
  • Стар Аеродром ( „Коста Новаковиќ“ 48, „Владимир Комаров“ 29)
  • Ново Лисиче („Видое Смилевски Бато“, број 19)
  • „АСНОМ“, број 5 – кај „Рамстор“

2. Општина Бутел (4 локации, 18-22 мај)

  • во Скопје Север, кај Стокомак
  • во Бутел 2, на платото на Џамијата Фетах Ефенди
  • помегу првиот и вториот влез во н. Радишани
  • во Бутел 1 спроти црквата Св. Јован кај трансформаторот.

3. Карпош (5 локации, 18-22 мај)

  • Влае 2, позади Порта Влае, кај автобуската постојка;
  • Тафталиџе 2, на улицата „Женевска“ (автобуска постојка на последна „24 – ка“);
  • Козле, во близина на ресторанот „Македонска куќа“;
  • Долно Нерези, на улица „Ванчо Мицков“ .
  • Карпош 3, долж бул. „Илинден“ (позади бензинската станица „Макпетрол“)

4. Општина Центар (4 локации, 18-22 мај)

  • Паркингот на ЈП „ПОЦ“ спроти Веро Џамбо (Пролет)
  • Ул. Питу Гули, кај маркетот „Тинекс“ (Водно)
  • Чистинката кај контејнерите, пред влезот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“ (Буњаковец)
  • Кружен тек, кај контејнерите (Дебар Маало)
Целта на акциите како оваа е да има што помалку сцени како овие погоре (локација, нас. Драчево, каде што ул. Малешевска се сече со железничката пруга)

Како што се наведува во некои од линковите „под кабаст отпад се подразбира мебел и делови од мебел, бела техника, електрични апарати за домаќинство (шпорети, ладилници, машини за перење алишта и за садови, бојлери и слични предмети), електронски апарати (компјутери, телевизори, музички системи и сл.), но не и градежен шут.“ Претпоставуваме дека под поимот „градежен шут“ не се подразбира само песок, тули, ќерамиди, стари прозорци, врати, туку и елементи од купатила и слично.

Сепак, треба да се напомене дека овој шут всушност претставува и најголем проблем за граѓаните, особено во пролетниот период на реновирања.

ЈП Комунална хигиена за таа намена ја нуди услугата за собирање градежен шут по цена од 2.000 на една тура (а што значи тоа не е прецизирано). Истата цена важи и за изнесување кабаст отпад.

Исто така можете да пријавите и дива депонија или умрено животно, но за нивно чистење ќе треба да платите 1.080 денари по метар кубен, т.е. „по парче“ како е наведено во документот од „комунална хигиена“. Не е јасно зошто се наметнуваат вакви цени за една служба која граѓаните ја плаќаат со нивниот данок, но тоа прашање останува отворено.

Чистењето депонии/умрени животни кои се закана за општото здравје, е обврска на Општините, Град Скопје, како и на ЈП комунална хигиена.

Но, и да прифатиме дека треба да се плаќа, цените (особено за кабаст отпад) би требале да бидат помали за да се користи почесто и да се демотивираат граѓаните да го одлагаат каде што не треба.

Од последните информации кои ги добивме, умрени животни може да се пријават во комуналец на број 078 980 195 (според наше искуство ова не се плаќа, проверете сами), додека услуга за собирање на градежен шут може да побарате на бесплатниот број 0800 222 33.

Во врска со електронскиот отпад компаниите како Нула отпад доаѓаат до домот на граѓаните, го преземаат отпадот, па дури и порано даваа ваучери за преземените апарати, дали се уште го прават истото треба да се испита. Тоа значи дека граѓаните потенцијално не треба да платат, туку и ќе ќарат и таква треба да биде економската логика поврзана со отпадот. Користа не треба да ја имаат само компаниите, туку и граѓаните.

Сепак, проблемот со шутот останува, зашто едноставно – никој не го сака, ниту може да ќари од него!

И да не заборавиме, ако во вашата општина нема акција за собирање кабаст отпад, а тоа што не ви треба е во употреблива состојба, секогаш можете да го подарите преку групите со голем број членови како „Дај, не фрлај,“ во кои граѓаните сами се поврзуваат и наоѓаат решение за проблемите за кои нема одговор од надлежните.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *