За екологијата, чистиот воздух, електричните возила и DHL Македонија

Арно.мк посветено работи на проблемот на загадувањето во Македонија. Пишувавме за нелегалните депонии, за загадувањето на воздухот, за тоа како ние како граѓани можеме да го мониторираме и да придонесеме во борбата против истото. Од истата причина ја објавивме и нашата книгичка „25 факти за аерозагадувањето и начини да го намалиш“.

Зборувавме за потребата од намалување на искористувањето на фосилните горива и за алтернативните извори на енергија и како тие можат поволно да влијаат на околината и еко-системите. Замислете колку ефект има од воведување на еден кружен тек на една сообраќајница, а колкав би бил кога сите возила на таа сообраќајница би биле електрични?

Државата веќе прави чекори за воведување на сончевата енергија како значаен енергенс, но мора и да ги критикуваме нелогичните чекори со кои не се дозволува продавање на вишокот електрична енергија од домаќинствата кои инсталирале фотонапонски панели. Време е да зборуваме и за општествено одговорните компании кои инвестираат во енергијата на иднината.

СО DHL не чека светла иднина!

ДХЛ Македонија е пример на компанија која е општествено и еколошки одговорна и својата градска флота ја замени со целосно електрични возила. Возилата од марка Renault Kangoo Rapid Z.E., каде што Z.E. стои за „Zero Emissions“, е најпродавано комерцијално електрично возило во Европа.

Според Аутомедиа „Чекорот на македонскиот DHL со набавката на четирите електрични возила е уште еден голем пионерски потфат. Постојат неколку компании што користат електрични службени возила во својот возен парк, исто како и градски служби и сервиси за достава на храна, меѓутоа DHL е првата компанија од висок ранг што во Македонија преоѓа на електричен погон.“

Целта на DHL до 2025 година е 60% од доставата во големите градови да се врши со возила со нулта емисија на штетни материи. Компанијата во Македонија уште сега го исполни овој таргет. Станува збор за четири возила Renault Kangoo Rapid Z.E. со коишто се покриваат четири од вкупно шест редовни курирски тури во Скопје.

Сепак, оваа инвестиција е повеќе симболична, отколку практична, затоа што според Радослав Нановиќ, генерален менаџер на DHL за Македонија „возилата нема да се исплатат во својот век на експлоатација, затоа што не постојат механизми на промоција и на субвенција на овие возила“, пренесено во интервјуто за Аутомедиа. Но, потоа надополнува дека „важно ни е објективно, конкретно да придонесеме за намалување на загадувањето и на градот и на планетата во крајна линија. Задоволство ни е повторно да бидеме пионери, лидери.“

Иако Арно.мк ги поддржа субвенциите за електрични тротинети, како еден од чекорите во намалувањето на загадувањето, првиот човек на DHL во Македонија, како што е пренесено во интервјуто, смета дека е грешка да се субвенционираат електрични тротинети и други средства за инвидуална мобилност. Место тоа, приоритетот би требало да се постави на поддршка на лесната доставна индустрија.

Таквото видување има основа особено со почнувањето на пандемијата кога се зголеми и онлајн трговијата, особено во Македонија каде дотогаш не беше толку развиена. Голем дел од компаниите развија онлајн продавници и сето тоа го зголеми бројот на возилата за достава на сообраќајниците.

DHL најавува воведување на уште едно електрично возило во нивната флота оваа година, а во светот се најавува возбудлива новост со воведување на електрични товарни авиони Eviation. Иднината е светла!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.