Депонии насекаде, решенија никаде!

Во нашата сторија од почетокот на март известивме за депонијата на влезот од Драчево. Во меѓувреме ја контактиравме Општина Кисела Вода и не добивме никаков одговор. Ги известивме и Државен инспекторат за животна средина, од каде добивме одговор дека „Постапување со напуштен отпад е во надлежност на општините,“ и дека тие ќе се обидат да извршат притисок да се решат состојбите. Понатаму, како што не известија од инспекторатот, општината треба да преземе мерки согласно членот 41 од Законот за управување со отпад.

Како што не известија, истите мерки се преземени во чистењето на депониите во Визбегово и Јурумлери, а успех имало само во Визбегово. Од Инспекторатот надополнија:

Вакви депонии, за жал, има на секој чекор. Причините за нивно настанување се сложени и чистењето не го решава проблемот. Ние како инспекторат постојано укажуваме, но решението е во другите институции.

Со повторен увид на теренот состојбата е уште полоша. Поради скорешните силни ветришта ѓубрето е разлетано насекаде, а зад депонијата излегуваат огромни облаци чад. На земјениот нерамен пат постојано поминуваат возила и камиони.

Малку погоре, под гробиштата, на местото на депонијата бр. 2. забележавме камион како истура отпад и веднаш го документиравме. Возачот и работникот излегоа од возилото. Она што првин изгледаше како непријателство и неизбежен судир, се претвори во разговор за состојбите на теренот.

Не известија дека со одобрение од црквата истураат земја за да го израмнат теренот и дека и самите тие како жители на Драчево се обидувале да ја подобрат состојбата, апелирале кон општината и поставувале знаци за забрането фрлање шут и отпад.

Навистина, на самите локации кои ги обележавме на нашата мапа, има неколку табли. Проблемот кај гробиштата, како што дознавме од нашите соговорници, е поради тоа што нема контејнер и посетителите го фрлаат отпадот каде што ќе стигнат. Глетките се навистина неубави. Она што треба е да се огради земјиштето, да се постави контејнер, да се апелира кон Општина Кисела Вода, Град Скопје и кон „Комуналец“. Се договоривме пријателски дека ќе ги преземеме потребните чекори.

За споредба, ова е слика од пред неколку години кога на местото имало само неколку купчиња градежен шут:

Сликата е извадена од Google Street View на локацијата, снимена во 2014 година.

Ова е слика од нашиот увид на теренот кон почетокот на овој месец:

Пред да заминеме неколку луѓе веќе се стрчаа кон новоистурениот шут со прашање дали во него има железо. Не дочекаа одговор и веднаш се упатија да прекопуваат по земјата.

Со чувство на горчина поради тоа што проблемите се тешко решливи, но и со малку надеж од средбата заминавме и ги оставивме тоните расфрлано ѓубре зад нас. Сепак, непријатната миризба на изгорена пластика не следеше уште долго, чиниш низ ноздрите ни навлегла во мозокот и таму создала магла врз сеќавањата на тоа каква природа имало некогаш во овие краишта на Скопје, познати по одгледувањето зеленчук.

Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов – Џинот во еден напис од 1855 за селото Драчево запишал дека е:

Едно од богатите села кое со зеленчукови производи може да ги снабдува сите поголеми градови во Македонија.

Денес оваа населба е една од најбогатите со депонии и отпади. Борбата продолжува.

One thought on “Депонии насекаде, решенија никаде!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *