Може ли вештачката интелигенција да го измери вашиот музички вкус?

Зошто сакаме некоја песна? Поради гитарата, гласот, ритамот? Затоа што сме ја слушнале во вистинскиот момент, со вистинските луѓе? Или затоа што во тие три минути има нешто што не умееме да го објасниме, но веднаш го препознаваме?

Музичкиот вкус е лично нешто, составено од сеќавања, расположенија и случајни откритија. Затоа ми беше интересно да направам мал експеримент: да побарам од вештачката интелигенција да ги анализира моите лајкувани песни на Spotify. Што ќе се случи кога нешто толку субјективно ќе го претвориме во жанрови, просеци и проценти? Ќе добијам ли нешто што веќе го знам за себе или нешто што сум го пропуштил?

Очекував потврда дека сум музикоман со прилично гласен вкус. Добив и едно изненадување.

Архивар со слушалки свртени кон сегашноста

Голем дел од она што го работам последниве десетина години е насочено кон минатото. Со „Временска капсула“ собирам и анализирам фотографии, исечоци од весници и податоци за нешта што исчезнале или полека исчезнуваат. Слична е идејата зад мапата на алтернативните места од деведесеттите, мапата на скопските видеотеки и графити-мапата: да се зачуваат простори, натписи и траги од градската меморија.

Логично ми изгледаше дека и мојата Spotify-листа ќе биде некаква музичка временска капсула. Но во неа речиси и да немаше песни од деведесеттите и раните двеилјадити. Наместо музеј на мојата младост, добив пресек на современиот garage punk, post-punk, art-punk и noise rock.

Најзастапени беа STIFF RICHARDS, Death Lens, IDLES, Bob Vylan, BODEGA, Fontaines D.C., Teen Mortgage, Wine Lips и Pip Blom. За STIFF RICHARDS имам и една сосема нестатистичка забелешка: бенд без ниту една лоша песна!

Изгледа дека Spotify не го користам за да му се навраќам на минатото. Старите песни веќе се во касетите, дисковите, книгите и во онаа внатрешна плејлиста што се активира кога ќе поминам покрај некое место. Од Spotify очекувам да ми пушти нешто што сè уште не го знам.

Мојот вкус нема многу трпение

Најинтересниот резултат од анализата беше просечното траење: 2 минути и 47 секунди. Дури 58 проценти од песните завршуваат пред третата минута. Очигледно сакам бендот да влезе, да направи врева, да си го каже своето и да излезе пред да почнам да гледам на часовникот.

Оттука и насловот. „3 минути и 53 секунди“ го доби името според тогашното просечно траење на една модерна поп-песна. Мојата сегашна листа е пократка за цела минута и шест секунди! Ако некогаш пишувам музичко продолжение, барем насловот веќе го имам.

И другите бројки се вклопија во сликата. Просечното темпо е околу 140 удари во минута, а 71 процент од песните имаат оценка за енергија над 0,8 на скала до 1. Просекот е 0,855. Преведено на мој јазик: ова не е листа за тивко потпевнување додека се полеваат цвеќиња. Освен ако и цвеќињата не сакаат панк.

Акустичноста е речиси на нула, со медијана од 0,003. Танцливоста, пак, е умерено ниска – 0,435. На прв поглед чудно: толку енергија, а релативно малку танцување? Но има разлика меѓу уредно следење на ритамот и потребата да скокаш, да ја тресеш главата или да влезеш во шутка.

Показателот valence, кој ја проценува музичката позитивност, е околу средината, на 0,544. Гласното и грубото, значи, не мора да биде и тажно. Во оваа музика има лутина, но и хумор, инает и чудна радост. Тоа ми беше поблиско до сопственото доживување отколку едноставната етикета „мрачна музика“.

Медијаната на популарноста е 36 од 100. И тоа не ме изненади многу. Повеќе ме заинтересира што анализата успеа да состави прилично препознатлив портрет од толку различни песни: гитарски, груб, енергичен, современ и отворен за жанровски мешања. Панкот тука се среќава со психоделија, електроника, рап и spoken word, без некој особено да се грижи за чистотата на жанрот.

Може ли бројката да објасни зошто ја сакам песната?

Сепак, 0,855 не објаснува зошто токму некоја песна ме тера да ја пуштам уште еднаш. Ниту просечното темпо кажува што ми се случило денот кога сум ја слушнал првпат.

Овие показатели опишуваат одредени особини на звукот. Оценката за популарност не е оценка за квалитет, а музичката позитивност не е мерење на моето расположение. И моите Liked Songs не се целиот мој музички живот. Тие се избор направен на една платформа, каде што и алгоритмот има улога во тоа што ќе стигне до моите уши.

Но токму во тие граници експериментот станува интересен. AI може да ги собере податоците, да ги спореди и да предложи толкување. Јас потоа можам да се препознаам во него, да му противречам или да забележам нешто што претходно не сум го формулирал.

Во мојот случај, најинтересниот резултат не беше децималата, туку прашањето што произлезе од неа: зошто човек што толку многу се занимава со минатото слуша претежно нова музика?

Алтернативните места како аналогни алгоритми

Во деведесеттите музиката се откриваше преку луѓе и места. Некој ќе донесеше касета, ќе препорачаше бенд или ќе пуштеше нешто непознато во клуб. Името на нова група можеше да се најде на плакат, маица, графит или рачно напишана листа.

Алтернативните места од мапата биле мрежа за дистрибуција на музика, информации и идеи. На некој начин, тие биле аналогни алгоритми.

Rage Against The Machine – Истоимен албум (1992), пиратска касета од Поп-Топ каде што се гледа телефонот и „логото“ на продавницата

Разликата е што тогаш алгоритмот имал лице, омилена маса и торба со касети. Понекогаш имал и многу категоричен став дека бендот што го слушаш веќе „се продал“. Денешниот алгоритам нема маало и не памети концерти, но може да ме одведе до бенд што инаку би го пропуштил.

Може и да ме задржи во бескрајни варијации на звукот што веќе го сакам. Затоа вреди понекогаш да се послуша нешто надвор од препораките. И понатаму најинтересната песна може да дојде од човек, од случајност или од погрешно кликнат линк.

Пробајте со сопствената листа!

Ако имате листа со омилени песни, пробајте го истиот експеримент. Пред анализата, запишете што мислите дека ќе покаже: дали слушате повеќе старо или ново, весело или мрачно, популарно или непознато? Потоа дајте му на AI список со изведувачи и песни, а ако имате и податоци за траењето, темпото и другите особини, вклучете ги и нив.

Побарајте да ги разграничи пресметките од толкувањата и да не измислува бројки за податоци што ги нема. А потоа споредете го добиениот портрет со оној што сами сте го замислиле.

Можеби ќе откриете дека вашата „весела“ листа е прилично меланхолична. Или дека, иако се сметате за љубител на старите бендови, најчесто избирате нови. Можеби ќе добиете опис со кој воопшто не се согласувате – што е исто така добар повод да размислите зошто.

Јас открив дека моето архивирање на минатото и слушањето нова музика добро се дополнуваат. Минатото го истражувам затоа што премногу лесно исчезнува. Новата музика ја барам за да видам каде продолжиле идеите што некогаш ме привлекле.

AI не ми го објасни вкусот до крај. Но ми помогна да забележам нешто во него. Од алгоритмот не барам да ми каже каде сум бил. Барам да ми покаже каде се преселила вревата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *