Скопските видеотеки на интерактивна мапа

По нашата Мапа на алтернативно Скопје во 1990-тите, објавуваме интерактивна Мапа на скопските видеотеки – отворен архив на места во кои избирањето филм беше дел од доживувањето.

Пред филмот да ни стане достапен со еден клик, требаше да излеземе од дома. Да стигнеме до видеотеката, да ги разгледаме касетите, да прашаме што има ново и понекогаш да се вратиме со нешто сосема различно од планираното. Некои одеа по најновиот хит, други по хорор за друштвото (веројатно „Страв во улицата на Брестовите“), трети по филм што никаде на друго место не можеа да го најдат. Видеотеките беа дел од маалото, а луѓето зад пултот често знаеја каков филм бараме и пред самите да го знаеме тоа.

Од текстот за скопските видеотеки од деведесеттите и раните 2000-ти произлезе „Скопските видеотеки“, интерактивна мапа со 53 записи. Почетниот список, составен од лични сеќавања, членски картички и стари реклами, се прошири со коментарите на читателите. Се појавија заборавени имиња, попрецизни локации, фотографии и приказни од сопствениците и нивните семејства. Со нив, временскиот опфат се прошири и кон доцните осумдесетти.

Оваа мапа доаѓа по нашата Мапа на алтернативно Скопје во 1990-тите, продолжувајќи го собирањето и поврзувањето на спомените за градот. Овојпат во фокусот се видеотеките – места што за многумина беа првата средба со режисери, жанрови и филмски светови до кои тешко се стигнуваше по друг пат.

На мапата се „Алек“, „МАГ“, „Кинг“, „Манакифилм“, „Циба“, „Руди“, „Барака“ и многу други, вклучувајќи и видеотеки чии имиња сè уште не ги знаеме. Секој запис содржи локација и архивски податоци, а каде што се зачувани – членски картички, реклами или фотографии од околината. Можете да пребарувате по име, да ги разгледувате местата на мапата и да споделите директен линк до видеотеката што ја паметите.

Некои приказни добија и неочекувани продолженија. Ќерката на сопственикот на „Руди“ ја посочи првичната локација и појасни како видеотеката подоцна станала копирница. Сопственикот на Bobby раскажа за авторските и алтернативните филмови што ги нудел, како и за касетите што сè уште ги чува. Зад секое име може да стои ваква приказна – за еден локал, неговите посетители и филмовите што поминале низ нивните раце.

Мапата останува отворена за дополнувања. Дел од локациите се приближни, а за некои видеотеки недостигаат адреси, фотографии или години на работа. Ако паметите место што го нема, препознавате некој од неименуваните локали или чувате членска карта, реклама или фотографија, споделете ги со Арно.мк. И најмалиот податок може да помогне да се зачува едно парче од скопската филмска меморија.

Разгледајте ја мапата „Скопските видеотеки“ и пронајдете го местото од кое некогаш се враќавте дома со филм.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *