Интерактивна мапа за истражување на уличната уметност по маала, препознатливи локации и фотографии – дел од архивската работа на Графит.мк и Арно.мк.

Под мостовите, покрај пругите, на трафостаниците, фасадите и во маалските премини, Скопје има визуелен живот што често го забележуваме само попатно. Некој таг што сме го виделе на многу места, некоја порака или мурал кој со години ни служи како ориентир. Потоа на ѕидот се појавува друг графит, или го пребојуваат, го уриваат објектот и се појавува нов ѕид. „Мапа на скопските графити“ ги собира овие траги и ги поврзува со местата на кои се документирани.
Проектот произлегува од континуираното фотографирање, истражување и споделување во групата Графит.мк, како и од графити-приказните на Арно.мк. За волја на вистината, мапата прикажува мал дел од тој материјал. Во групата има многу повеќе фотографии – но не се сите мапирани. Таа е начин еден дел од архивата да се разгледува просторно, да се пронајде одреден ѕид и да се поврзат фотографиите со маалото, улицата или објектот околу него.
Разгледувањето може да започне од познато маало или од место што сакаме подобро да го запознаеме. Аеродром, Буњаковец, Дебар Маало, Капиштец, Ново Лисиче, Острово, Тафталиџе и другите области се подредени азбучно. Со клик на името се отвора листа со мапираните записи, а изборот на поединечен запис ги прикажува неговата локација, фотографиите и достапниот опис.
Архивската вредност станува особено јасна кога некој графит ќе исчезне. Фотографијата ја зачувува неговата состојба во одреден момент, заедно со соседните потписи, површината на ѕидот и околината. Делото можеби веќе е пребоено или просторот е променет, но записот останува како сведоштво за тоа што било таму. Така, со фотографирањето на графитите се документираат и промените на самиот град.
Мапата ќе продолжи да се дополнува со фотографии, локации и проверени информации. Ако препознавате потпис, знаете повеќе за некое место, забележите погрешно наведена локација или имате постара фотографија, споделете ја информацијата во Графит.мк. Придонесите од цртачите, фотографите и луѓето што ги паметат овие простори помагаат архивата да стане попрецизна и побогата.
Отворете ја „Мапа на скопските графити“ и истражете го Скопје низ неговите ѕидови.