63 години подоцна, буквите на „Вечер“ повторно оживуваат!

Кога го архивиравме првиот број на „Вечер“ од 1963 година, баравме приказни за Скопје. Меѓу вестите за новите населби, градилиштата и секојдневието по земјотресот, погледот ни се задржа и на буквите што ги носат дел од насловите. Високи, тесни и впечатливи, тие се дел од визуелната меморија на градот. По повод 63-годишнината од првиот број, на Арно.мк ги претворивме тие архивски траги во фонт што можете да го испробате, преземете и употребите во своите приказни.

Градот се обновува, весникот го бележи

Во првиот број на „Вечер“ од 11 ноември 1963 година читавме за Скопје кое се обидува повторно да го воспостави својот живот по земјотресот. Монтажни населби, училишта, градилишта, култура, спорт и секојдневни потреби. Градот се обновува, а новиот весник го бележи тој процес.

Низ неговите страници се провлекува и еден впечатлив типографски карактер. Тесни, високи, силни букви. Во нив има нешто од непосредноста на весникарскиот наслов — потребата со малку простор да се каже нешто што ќе го запре погледот.

Решивме да им дадеме можност повторно да пишуваат.

По повод 63-годишнината од првиот број на „Вечер“, го претставуваме Vecer 1963, фонт што произлезе од нашето истражување на неговите наслови.

Да се прочита и обликот на буквата

Работата започна со издвојување и споредување букви од архивските страници. Старото печатење, хартијата, свитканоста на весникот и квалитетот на снимките оставиле свои траги. Требаше внимателно да се прочита и формата на секоја буква – каде завршува нејзиниот карактер, а каде започнува оштетувањето на примерокот.

При реконструкцијата ги следевме тесните пропорции, издолжените внатрешни отвори и специфичните споеви што му го даваат препознатливиот изглед на овој насловен стил. Дигиталните букви ги споредувавме со оригиналните исечоци, вклучително и со директно преклопување.

Така, од старите страници постепено се состави фонт за денешна употреба.

Два ритма за новите наслови

Vecer 1963 доаѓа во две верзии. Rekonstrukcija има покомпактно растојание меѓу буквите, а Naslovi нуди малку повеќе простор и поотворен ритам. Наменети се за наслови, плакати, корици, визуелни објави и кратки пораки.

Фонтот ја содржи целата македонска азбука, вклучително и Ѐ и Ѝ, како и бројки и интерпункциски знаци. Додадовме и латиница со Č, Ć, Š, Ž и Đ. Латиницата е наша авторска доработка според формите на кириличната реконструкција, со која го проширивме фонтот за двојазични и регионални содржини. Сите букви се големи, а такви се прикажуваат и кога пишувате со мали букви.

Од архивски исечок до вашиот следен плакат

На страницата можете да внесете свој текст, да ги испробате двете верзии, да ги разгледате знаците и да видите споредби со архивските примероци. Подготвивме и Type Specimen, а фонтовите се достапни за бесплатно преземање.

За Арно.мк, ова е продолжение на работата со архивите и колективната меморија. Од читањето на еден стар весник произлезе нешто што може да учествува во создавањето нови содржини. Буквите што некогаш зборувале за темелите на градот сега можат да носат и ваши зборови.

А приказната од која почнавме можете да ја прочитате во „Првиот број на „Вечер“ од 1963 година и раѓањето на новото Скопје“. Или едноставно да го симнете фонтот. Ваш избор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *