Од металски маици до Алберт Ајнштајн – избрани текстови од Арно.мк од 2020 година во една книга

На што ве потсеќа 2020 година? На пандемијата, за жал… Но, овој муабет не е за тоа. Премотуваме многу поназад. Во 1989, ако сакавме да имаме маица од омилениот металски бенд, прво требаше да најдаме маица, а тоа не беше толку лесно. Логото Iron Maiden веќе го имавме извежбано на училишните тетратки. Денес секој може да купи маица од бенд што никогаш не го слушнал. Напредок? Зависи кого прашуваш. Ако го прашаш Берт Стајн, ќе добиеш цел текст.

Тој текст е еден од избраните во „Арно.мк 2020“, втората електронска книга со избрани текстови од нашиот порталот. По „Арно.мк 2019“, повторно ја отворивме архивата. Овојпат во неа ве чекаат металци, панкери, Дон Кихот, Џорџ Карлин и еден хаверборд. Ајнштајн, како и обично, беше таму зашто му е животна инспирација на (Ал)Берт (Ајн)Стајн! Не дека вториот е генијалец, туку дека се восхитува на идејата за способноста науката да продре во умот на народните маси и да го трансформира светот на подобро, во духовна смисла.

Кога скејтот имаше погон на една нога

Како се живееше пред интернетот? Ако сакаш да чуеш песна што ја немаш, чекаш да ја пуштат на радио. Ако сакаш да дознаеш нешто, одиш во библиотека. Ако сакаш да се спуштиш со скејт по рид, никој не ти гарантира дека на крајот нема да завршиш со издупчена глава. Понекогаш најинтересниот дел од целата работа беше токму тоа што не знаеше како ќе заврши.

Тука се и скопските тетоважи, од времето кога кажуваа нешто за тоа на кое друштво му припаѓаш, до времето кога станаа дел од модата. А за Скопје што полека го губи својот лик, тука е стрипот на Ѓорѓе Јовановиќ – Џоле. Додека градот си ги руши старите куќи, некој барем стигнал да ги нацрта.

Панк наместо Лексилиум, Дон Кихот наместо здрав разум

Во книгата има текст за Idles со наслов „Музика наместо Лексилиум! Панк наместо Турбо фолк!“ Насловот, да се разбереме, е музичка препорака. Има и текст за тоа како од Монти Пајтон се стигнува до Дон Кихот, како и признание од еден долгогодишен љубител на Star Trek дека поради The Mandalorian седнал повторно да ја гледа целата сага Star Wars. Се случува и на најверните.

Се навраќаме и на „Електролит“, на прашањето зошто пишуваме и на Буковски, кој е добро друштво кога ќе ти се причини дека околу тебе има повеќе луѓе што пишуваат отколку луѓе што читаат.

А што правевме во 2020?

Седевме дома, меѓу другото. Во „Во маката се крие можноста“ почнуваме со една поговорка што му се припишува на Ајнштајн, стигнуваме до Њутн за време на чумата и завршуваме пред полицата со непрочитани книги. Во „Заборави го Black Friday, сети се на ‘Дај, не фрлај!’“ тргнуваме од нешто уште попрактично: ако дома ти стои велосипед што не го возиш, можеби некому токму тој велосипед му треба. Од такви ситници почна една група што ни даде причина малку повеќе да им веруваме на непознати луѓе.

Од архивата, повторно меѓу читателите

Ги собравме овие текстови затоа што и по првичниот повод имаат што да ни кажат. Некои денес би ги напишале поинаку. Токму затоа е интересно да ги прочитаме како што сме ги напишале тогаш.

На крајот од секој текст ќе најдете датум на првото објавување, краток линк и QR-код до оригиналната објава (ако по некој случај на околности се решиме да ја испечатиме ко книга, па да не морате да кликате со прсти!). Ако некој текст ве натера да пуштите песна, да побарате стар стрип или да проверите дали Џорџ Карлин навистина го кажал тоа што го споделивме – книгата си ја завршила работата.

Прочитајте ја електронската книга „Арно.мк 2020“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *