Намената на превезите за очи кај тркачките коњи е да не гледаат премногу странично и позади себе, да не се расеат, да не реагираат на ненадејните движења, фигурите и сенките што не се на патеката пред нив. Понекогаш, кога истражувам, ми се чини дека имам токму такви превези на очите. Светот од страна исчезнува, останува само она што сум решил дека го барам.
Во случајов: табла. Натпис. Стар дуќан. Фирмопис. Остаток од некој друг град што сè уште постои, иако ни исчезнува пред очи. Секој ден.
И така одам. Механички, речиси програмски, со некоја манијакална упорност која е корисна ако сакаш нешто да документираш, но опасна ако сакаш навистина да го видиш градот. Барем оној град што го паметиш, дури и кога упорно се обидува да те убеди дека ништо од тоа не постоело.
Значи – повторно сум на мисија. Како тркачки коњ. Или можеби како мува без глава. Како и да е, се најдов пред работилницата на Боро.
Зошто таму? Се разбира, заради единственото што во тој момент не е прекриено со превез: документирање стари дуќани, табли, исписи и визуелни траги што исчезнуваат од градот. Но зошто баш таму?

Кога се запишав во О.У. „Песталоци“, во далечната 1990 година, бев долгокос млад металец со пришивачи од Iron Maiden и Kreator на тексас јакната. Дојденец од Сараево, сам во туѓ град, во земја што истовремено беше моја и не беше моја, со јазик што ми звучеше блиско и чудно, познато и туѓо. Stranger In His Own Land, ако веќе мора да си дозволам една Iron Maiden референца.
На пат кон училиштето тргнував од дома, во Дебар Маало, минував покрај О.У. „Коле Неделковски“, па низ паркчето кај Градежен факултет, кое тогаш уште не беше оградено како денес, па преку Партизанска, покрај бараките што наскоро ќе исчезнат и ќе станат градежна парцела, а потоа и Т.Ц. Буњаковец.
Веднаш зад нив имаше мал комплекс од ниски куќи, бараки, работилници, нешто што не беше ни маало, ни двор, ни индустриска зона, туку онаа скопска меѓусостојба: привремено што трае со децении. Таму беше работилницата на Боро. Пред неа наредени врати, маси, даски, рамки, некаква дрвенарија во фази на станување нешто друго.


Во текот на годините многу пати сум поминувал оттука. Во меѓувреме завршив основно, и средно, и факултет и создадов семејство – го исполнив екс-југословенскиот сон. Во меѓувреме се рушеа стари куќи и бараки, се креваа згради; се менуваа продавници, се отвораа и затвораа локали; се појавуваа паркинзи, рампи, рекламни паноа; се градеа станови со алуминиумски огради, клими, домофони; анонимност без мирис или звук.
Но Боро секогаш беше таму. Како некоја константа. Во неред, во креативен хаос, во состојба пред распаѓање. И сега беше така.
Застанувам пред работилницата и гледам во таблата. „Столарска работилница“. Под неа името на мајсторот. И тоа е еден од оние моменти кога таблата не е само типографија, не е само боја, не е само лим или пластика или дрво. Таблата е лична карта на просторот. И сведоштво за едно минато време, кога таблите ги сликале фирмописци – рачно.



Пред влезот среќавам помлад човек. Прашувам за Боро. Ме упатува внатре. И конечно влегувам во тоа место што три децении го гледав однадвор.
Внатре, како некоја балканска верзија на Blue in the Face, седат тројца старци околу мала маса: радивце, пиво, чаши, алати и разговор што не бара публика. Четири столчиња и тројца старци. Просторијата мала, можеби четири на три метри. На ѕидот пред мене голем отвор кон уште една слична просторија. Од десна страна висока работна маса со стеги и столарски алати.

Во другата просторија уште една голема работна маса. На ѕидовите стари фотографии и алати, алати, и уште алати. Ѕидовите црни од чад, излупен поликолор, а врз него даски, врати, лајсни, прозорци, парчиња од нешта што некогаш биле дел од нечиј дом.
Сè е во распаѓање, ама дружината е весела. Штом влегувам, ме погледнуваат прашално.
„Вие сте Боро?“ прашувам.
„Не, внатре е“, ми одговара еден од старците. „Збори на телефон.“
По малку се појавува Боро. Човек во седумдесеттите, бела коса, мустаки, движење на мајстор што цел живот стоел, клекнувал, носел, сечел, мерел, туркал, кревал, и сега секое придвижување е мала сметка што телото ја наплатува со камата.
„Борче, муштерија“, го известуваат. А јас, нормално, не сум муштерија. Или можеби сум. Само што не барам маса, врата или плакар, туку приказни.
Му објаснувам дека сум ја фотографирал таблата надвор и дека сум ја споделил во група за стари дуќани и натписи. Боро веднаш преминува на главното.
„Оној онаму, кај Гранд хотел, карши, кај Арапска куќа, тој ми ја сликаше“, ми вели.
„Од десна страна, староскопски дуќан, продава торби и маици“, вели. Не знае точно кога било, ама таблата била уште од претходната локација. Од Ленинова. Од таму ја донеле, и уште една што стои на другиот ѕид.


Јас веќе во глава го цртам тој мал круг околу Арапска куќа, ама муабетот не чека да го нацртам до крај. Боро продолжува, час таму, час назад. Јас му велам дека го паметам местово уште од деведесеттите, а дека некој ми потврдил дека од тогаш се тука.
„Претходно бевме на Ленинова“, вели.
Тука веќе почнува да се отвора она што сум дошол да го барам, иако уште не знам точно што е тоа. Таблата не е само табла од оваа локација. Има претходен живот.
Боро седнува и офка.
„Оф леле, ногите.“
Јас, наместо да го оставам да здивне, продолжувам да прашувам. „Од деведесеттата ли се тука?“ Наместо одговор, тој се прашува „Од девееста. Колку години минаа?“ Еден од старците се фаќа со математичката задача, јас го претекнувам – триесет и шест. Триесет и шест години од моето прво минување покрај ова место до денот кога конечно влегувам внатре.
А на Ленинова, вели Боро, биле од 1948. Или 1947. Татко му бил столар. Роден 1918. Боро почнал да работи со него од четиринаесет години.
Од четиринаесет години.
А околу нас работилницата си тече како да не ѝ е гајле за мојата потреба да архивирам податоци. Некој нуди пиво. Некој не сака. Некој прашува за тесла. Некој се спрема да си оди. Боро зборува за покривот, за плехот што треба да го стави, за ќерамидите што веќе се кршат сами од себе. Пивото стои на масата, радивцето молчи или зборува во позадина, не знам веќе. Звукот не доаѓа од едно место. Доаѓа од секаде.


И тогаш, речиси патем, Боро го кажува името.
„Киро. Фирмописецот.“
Најпознат, вели. Во Центар, ако одиш од ЈНА, од десна страна, имало стара куќа со столбови. Предвоена, стара, важна во неговото сеќавање не како архитектонски податок, туку како место од каде што излегувале букви за дуќани, табли и излози. И таа куќа, нормално, ја срушиле.
„Стубовите едвај ги срушија“, додава.
„Киро, Киро… Гачанец!“ му текнува.
И веднаш некој го прекинува. Некој станува, некој се поздравува, ама Боро го враќа да седи уште малку, друг се шегува, трет пак нешто бара.
Јас се држам за името.
Киро. Гачанец. Фирмописец.
Подоцна, дома, го барам и го наоѓам во „Службен весник“. Не баш како што ми остана во глава од муабетот, туку како Киро Гратчанец, фирмописец, на улица „Ѓуро Салај“ бр. 4. Во истиот список стои и Славко Панчев, исто така фирмописец, на улица „437“ бр. 6. Два суви реда во весник, а зад нив цел еден исчезнат слој од градот: луѓето што ги испишувале таблите, излозите, дуќаните, оние букви што денес ги фотографираме како остатоци од нешто што некогаш било секојдневие.

Некој ден подоцна, со велосипед, упорно се врткам околу т.н. Арапска куќа, односно хотел „Јадран“, онаа чудна и убава зграда од 1938 година, дело на архитектот Артемушкин. Возам бавно, гледам лево, десно, во излози, во влезови, кај рампи, кај сенки, кај места што можеби некогаш имале торби, маици и стари скопски натписи. Човек денес не може ни да се изгуби како што треба, ама може многу успешно да не најде ништо.
Неколку пати поминувам покрај истите фасади. Во близина има галерии. Можеби тие знаат. Можеби некој таму го памети дуќанот. Можеби само треба да прашам. Но не ми е денот. На поминување сум, брзам назад, што е најлошата можна состојба за истражување. Ги ставам слушалките и продолжувам кон кејот. Си велам дека ќе се вратам. Тоа „ќе се вратам“ е најопасната реченица во архивирањето.
Назад во работилницата, го прашувам Боро како издржуваат со овој градежен притисок, со сите што рушат сè живо околу нив.
Еден од старците одговара пред него, со оној сув чаршиски сарказам:
„Многу убаво!“
Боро се насмевнува, ама не баш. Ќе ги рушеле, вели. Ама не им давал. Ова било негово, од тука до плавите врати. Тоа натаму било на друг.


Подоцна, кога излегувам надвор, правам круг околу местото. Ги гледам околните објекти, знакот на „Електролукс“, некои стари траги што веќе се на раб да станат невидливи. Не фотографирам сè. Подоцна во архивите ги наоѓам графитите до „Електролукс“.


Во архивата на „Графит.мк“ наоѓам неколку фотографии од околината. Под знакот „Мебело-столар“ е Fuse. Based ми е фотографиран одамна, и кога беше затрупан со огради поради градежните активности во околината, и без нив.
Поврзан текст: Од „сендвич со петка“ до „Луксузна локација“: графити и урбаниот хаос на „Буњаковец“
Од страната на објектот е натписот „Кори“, со прозорци заградени со жици за алишта, што не знам дали е функционално решение, урбанистичка тага или чиста скопска импровизација.


Тука е и комерцијалниот мурал Simple Boutique. Ја наоѓам и таблата на улица „Апостол Гусарот“ со графит Арис до неа. Сето тоа наскоро може да го нема, како што ја снема и старата куќа карши „Електролукс“. Сè што стои таму изгледа привремено, а некои привремени работи се покажуваат потрајни од институциите што требало да ги заштитат.
Сето тоа на еден мал простор, како некој неуреден фолдер од градот. А во него документ со име Bunjakovec-pred-da-go-snema-final-final2.docx


На ќошот до една од тие куќи, пред повеќе од три децении го нападнаа другар ми. Висок, плав, штрклест, од оние деца што привлекуваат внимание само затоа што не можат да се сокријат во толпата. Група осмоодделенци врз него, раце, нозе, врева, гужва, а јас среде нив ги туркам и се обидувам да ги одбијам подалеку.
Нема тука голема херојска сцена, нема slow motion, нема Џон Вик, нема музика, нема камера што кружи. Има само страв, бес, адреналин и една слепа детска одлука дека другарот мора да се одбрани.

Тепачката заврши. Насилниците, како што често се случува, продолжија понатаму. А местото остана таму, обично, речиси невидливо, како и сите места на кои нешто ни се случило, а градот не ни знае дека треба да ги памети.
Од мислите ме враќа ѕвонење на телефон. Еден од старците се јавува.
„Кај си бе ти, еве пијам пиво.“
И повторно сме кај Боро. Кај работилницата. Кај сè што во ова место е истовремено муабет, занает и распаѓање.
Mладиот човек се појавува и вели дека внатре свети, да изгасне.
„Угаси де, угаси, немој да плачеш“, му вели Боро.
„Ние не плаќаме“, вели младиот.
Боро само одмавнува.

Гледам дека се подготвуваат за излегување и велам дека само тоа сакав да го прашам, да потврдам. Но Боро не ме пушта. Или јас не знам да си одам кога треба.
Во тој хаос, Боро ми ги покажува старите рендиња. Едното било старо 150 години, а и другото, вели. Алатот преживеал повеќе луѓе отколку што е пристојно да се избројат на глас.
„Нема уште многу како вас“, му велам.
„Па никој не сака да работи на занат, бе!“ вели со тежина во гласот.
Го прашувам дали има кој да го наследи. Одговорот не е изненадување. Децата имаат други професии, други животи, други патеки. Работилницата, вели, ќе ја затвори. Можеби уште две-три години ќе работи.
„Уште три години и ова ќе се руши“, се уфрлува еден од старците.
„Да, ќе се руши“, вели Боро. „Ќе праат овдека нешто.“
„Зграда, ко и сите други околу“, велам.
„Е па што мислиш -зграда.“

Боро продолжува да зборува за некаква идеја за катна гаража, за улиците што не можат да примат уште автомобили, за камионите што истовараат роба, за тесните премини, за логиката што ја нема во плановите. Старците се надоврзуваат, се шегуваат дека улицата ќе стане булевар „Апостол Гусларот“. Смеа, сарказам, немоќ.
„Немаат визија“, велам, иако веднаш ми е јасно дека зборот „визија“ во Скопје е речиси навреда. Премногу често се користи за нешто што на крај завршува како уште една улица што не може да дише.
Боро ме гледа како да сум му дал совршен збор за да го скрши.
„Визија?“ вели. „Знаеш што е визијата?“
Ги трие прстите и вели:
„Камчето!“
И не мора повеќе да објаснува. Сите во просторијата знаат што значи тоа. Сите во градот знаат што значи тоа. Буњаковец, Дебар Маало, Треска, сите тие простори што некогаш имаа неправилен, човечки размер, денес стануваат збир на катови, рампи, подземни гаражи и тесни улици што треба да поднесат нешто што никогаш не биле дизајнирани да го поднесат.
Боро раскажува за стари куќи, за бавчи, за одземени имоти, за луѓе што некогаш имале земја од Водно до Партизанска, па останале со приказни. И тогаш само накратко ми поминува низ глава дека и моите семејни приказни, како и градските, најчесто ги дознавам предоцна – кога веќе останале само фрагменти, неколку имиња, некоја адреса, некоја приказна што никој навреме не ја запишал.
Некој станува да си оди. Боро го враќа.
„Седи бе уште малку.“
Се чувствувам како трето тркало во сцена што не била наменета за мене, но токму затоа е вистинска. Неколку пати велам дека нема да ги задржувам, дека фала на информациите, дека само тоа ме интересираше.
Се поздравувам. Му се заблагодарувам. Излегувам надвор.

Сончев ден. Буњаковец изгледа обично. Ништо драматично не се случува. Багерот мирно спие во дупката која останала од куќата карши. Нема облак прашина. Само една работилница, неколку стари табли, неколку луѓе, неколку алати, неколку години што останале да се потрошат.
Ја фотографирам уште малку околината. Задниот ѕид, другата табла, предметите околу, трагите што можеби никој нема да ги бара ако не ги фотографирам сега. Се обидувам да не изгледам сомнително, иако човек што фотографира стари табли во Скопје секогаш изгледа малку сомнително.
Го јавнувам мојот верен црн мастунг – велосипедот, нормално, да не се разбереме погрешно, буџетот ми е непостоечки и повеќе одговара за рѓосан точак отколку за вистински Mustang.
Заминувам низ сончевиот ден. Зад мене останува работилницата. Пред мене градот што постојано се преправа дека оди напред.
Ги тргам превезите од очите.