Југославија без филтер: украден Пикасо, продаден мост, јагне за возачка и магаре во продавница

Старите весници се најдобар лек против идеализирањето на минатото. Во нив има култура, напредок и големи настани, но и криминал, корупција, сиромаштија, апсурд и човечка глупост. Временската капсула од 1972 и 1973 година ни покажува дека Југославија не била ниту рај, ниту пекол, туку жива, хаотична и многу понеобична од нашата носталгија.

Кога денес зборуваме за „Југославија“, многу често употребуваме фрази како: имало ред, имало работа, се живеело посигурно, луѓето биле посмирени, државата функционирала. Во тие сеќавања се разбира има вистина, но има и многу селективна меморија. Затоа старите весници се драгоцени – тие не паметат како нас, туку бележат сè: и свечената посета Принц Филип на СР Македонија и 200.000-те посетители на зоолошката градина, и првата операција на отворено срце, и првата ТВ драма во боја или театарските успеси, но и украдени уметнички дела, мито, измами, кризи со месо, тепачки, несреќи и бизарни локални случки.

Исечоците користени во текстот се преземени од фејсбук-групата „Временска капсула“, каде што се скенирани и споделени од Златко Ангелески. Текстот е направен како избор и коментар врз основа на тие архивски материјали.

Пикасо од Скопје до Визбаден

Една од најневеројатните вести е од 1972 година: Христо Бошковски, 26-годишник, бил осуден на шест години строг затвор за кражба на сликата на Пикасо „Глава на жена“ од Музејот на современата уметност во Скопје. Станува збор за дело што Пабло Пикасо му го подарил на музејот, а кражбата звучи речиси филмски.

Според весникот, Бошковски прво го посетил музејот за да провери дали сликата е поврзана со аларм. Неколкупати ја поместувал, па кога се уверил дека нема алармни уреди, се обидел да ги исече најлонските конци со кои била прицврстена. Првиот обид не успеал, но наредниот ден, кога во просторијата немало никој, ги исекол конците, ја фрлил сликата низ прозорец, ја зел и избегал.

1972 година (исечок од Временска капсула)

Во Скопје не се осмелил да ја продаде, па заминал за Визбаден во тогашна СР Германија. Таму требало да се сретне со свој пријател во барот „Скоп-клуб“. Во приказната се појавуваат и израелскиот државјанин Дор Лоел, со кого Бошковски се познавал од Париз, наш сонародник Томислав Миљковиќ и Хорст Рихтер, кој требало да најде купувач. Договорот бил направен: купопродажбата требало да се изврши во хотел на аеродромот во Франкфурт, а цената била договорена на 45.000 германски марки.

Но, купувачите биле од германската полиција. Сликата била вратена, но оштетена околу 30 отсто, бидејќи Бошковски ја завиткал при пренесувањето од Скопје до Визбаден, по што боите испукале. Во моментот на објавата сликата се наоѓала во Белград, каде со средства од осигурувањето требало да се отстранат оштетувањата.

Толку од митот дека „тогаш немало криминал“.

Возачка дозвола: едно јагне и сто пива

Во март 1972 година се водела аферата „Возачки дозволи“, во која пред Окружниот суд во Скопје одговарале 15 обвинети за примање поткуп и посредништво. Еден од сведоците, Атанас Јовановски, раскажал дека шестпати паѓал на практичниот дел за возачка дозвола затоа што се „заинатил“ да не му даде поткуп на обвинетиот Киро Теовски.

Поткупот, според сведокот, не бил баш суптилен: „едно јагне и сто шишиња пиво“. Теовски, наводно, му повторувал дека додека не „чести“, никогаш нема да добие дозвола. Јовановски тврдел дека не сакал да се служи со поткуп и случајот го пријавил.

Вечер, март 1972 (исечок од Временска капсула)

Друг сведок, Александар Соколов, висококвалификуван пекарски работник во Скопје, рекол дека четирипати полагал и секогаш паѓал, иако платил над 2.000 динари редовни такси. Еден од обвинетите, Ѓорѓи Ѓорѓиевски, според неговиот исказ, му рекол: „Додека не фрлиш зад себе, ништо не наоѓаш пред себе.“

Во текстот се спомнуваат и Спасе Мијалковски, Илија Поповски и други обвинети. Весникот забележува дека обвинетите на почетокот влегувале во недопуштиви дијалози со судскиот совет, но со текот на процесот станувале сè подисциплинирани и сè понервозни. Повеќепати барале да ја напуштат салата за да „земат воздух“.

Прегазен човек фрлен во река

Еден од најмрачните исечоци е од Битола. Под наслов „Расветлена сообраќајна мистерија“ се опишува случајот со Демир Усеиновски, кој бил прегазен на Буковски мост. Неговиот труп, заглавен во водоводна цевка, го открил ученик неколку часа по несреќата.

Во почетокот не било јасно дали станува збор за убиство или за сообраќајна несреќа, бидејќи случајот воопшто не бил пријавен. Истрагата утврдила дека возачот на градскиот автобус Владо Ковалиновски удрил во човек, а кондуктерката Марија Попова му рекла дека на мостот удриле во нешто. Возачот запрел, излегол, забележал дека удрил во човек, а потоа, според неговото објаснување, се обидел да го извлече од водата, но телото му се слизнало и се вовлекло во водоводната цевка.

Вечер, 1972 година (исечок од Временска капсула)

Потоа се вратил во автобусот, ѝ рекол на кондуктерката ништо да не кажува и продолжил со редовното возење.

Клучен доказ бил обрач од десниот фар на автобусот, пронајден на местото на несреќата. Биле прегледани повеќе возила, а потоа било утврдено дека автобусот со дефект на десниот фар бил примен од претходниот возач. Ковалиновски бил пронајден во својот дом во селото Бистрица, каде, според текстот, се веселел со роднини и пријатели. Набргу бил притворен, а кондуктерката подоцна ја потврдила вистината за несреќата.

Златен Исус, бакарна кутија и измами со лажно злато

Во 1972 година весникот објавува сензационална вест од гостиварско Зубовце. Земјоделецот Стефче Спасески, орајќи во својата нива во местото „Калапетровец“, пронашол бакарна кутија во која имало предмети за кои се претпоставувало дека имаат голема уметничка и материјална вредност. Текстот ги нарекува „златни фигури“, а се наведува дека предметите тежеле 7,5 килограми и се претпоставувало дека се од чисто злато.

Вечер, 1972 година (исечок од Временска капсула)

Во исечокот се чувствува типичната сензационалистичка атмосфера: фотографија од пронаоѓачот, фотографија од предметите, голем наслов „Златен Исус Христос“ и реченица дека предметите ќе ги однесат во некоја црква или манастир „и себап ќе направиме“.

Но, веќе наредната година се појавуваат нови пријави против измамници со „златниот Исус Христос“. Измамници биле откриени во момент кога се обиделе да измамат селанец од Прешевско. Истражниот судија водел истрага за лица што наводно продавале одамна закопано злато на разни граѓани. Од едниот од измамените изнудиле 7.500 марки за лажни златни статуи и му ветиле дека ќе му донесат трактор ако го купи „златото“.

Претепан возач затоа што не пуштил патник да се вози бесплатно

Во Делчево, во селото Разловци, била објавена вест за претепан возач на АТШ „Полет“, Перо Стоичовски. Тој бил ангажиран да ги вози учениците од Разловци на еднодневна екскурзија до Скопје. Во автобусот незабележано влегол и Тодор Новоселски, кој сакал бесплатно да се вози до Скопје.

Возачот, кога го забележал, му објаснил дека не смее да го вози во веќе преполнетиот автобус и дека ако сака да оди за Скопје може да го користи автобусот од редовната линија. Незадоволниот патник се заканувал, но возачот заминал.

ВЕЧЕР ☆ 22 јуни 1972 година (исечок од Временска капсула)

Истата вечер, кога автобусот се вратил со учениците, Тодор Новоселски со своите синови Ѓорѓи и Јован го пречекале и физички го нападнале возачот. На помош му притекнал кондуктерот Душан Киров, но, како што пишува весникот, „возачот го извлекол најдебелиот крај“. Стоичовски бил на боледување и домашно опоравување, а изјавил дека го пријавил случајот во милиција и поднел тужба.

Воен авион од Скопје се урнал во Бугарија

Во март 1972 година ТАНЈУГ јавува дека авион на Југословенското воено воздухопловство, кој полетал од аеродромот во Скопје, залутал над територијата на Бугарија и се урнал кај селото Јамна, кај Етрополе, околу 90 километри источно од Софија.

Пилотот бил 24-годишниот Бојко Милиќ. Тој бил тешко повреден, но животот не му бил во опасност. Бил пренесен во болницата во Етрополе, добил трансфузија, а од Софија заминала екипа специјалисти. Во помошта се ангажирале цивилните и воените власти, како и граѓаните што се нашле на местото на несреќата.

1972 година (исечок од Временска капсула)

Во дипломатскиот дел од веста се наведува дека бугарскиот амбасадор во Белград, Георги Петков, го известил заменикот на државниот секретар за надворешни работи Јакша Петриќ, а југословенскиот воен пратеник во Софија го посетил пилотот. Комисија на ЈВВ отпатувала за Софија и на местото на несреќата. Според достапните информации, авионот ја поминал бугарската граница по 14 часот во реонот Долна Мелна, во перничкиот округ, во услови на густи облаци што се спуштале до 400 метри над земјата.

Магаре во продавница

И, за да не останеме само на трагедии и криминал, 1972 година нуди и чист апсурд. Во Кочани, во конфекциска продавница, влегло магаре.

ВЕЧЕР ☆ 15 август 1972 година (исечок од Временска капсула)

Продавачот, не забележувајќи кој влегува, љубезно го поздравил „муштеријата“ со зборовите: „Повелете, што треба?“ Откако не добил одговор, излегол од салонот и видел дека во продавницата стои магаре. Случајните минувачи го прашале зошто го пуштил, а тој во шега одговорил дека е време и тоа да се подготвува за зима.

Продале цел железен мост

Во 1973 година доаѓа можеби најсимболичната вест за „досетливоста“ на некои раководители: поранешниот директор и комерцијалниот директор на ЗГП „Македонија“ од Скопје, Богоја Цветановски и Иван Ковачевски, биле осудени на шест, односно две години строг затвор затоа што присвоиле цел железен мост.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Станувало збор за конструкција од 500 тони во населбата „13 Ноември“ – „Острово“, сопственост на Градското собрание. Обвинетите ја исекле конструкцијата со апарати на парчиња и ја продале како старо железо на претпријатието „Отпад“ од Скопје за 165.000 динари.

Кај Богоја Цветановски во казната било пресметано и друго дело поврзано со пренесување два автомобили, „Застава 1500“ и „Застава 1000“, од Железарницата на своето претпријатие. Наместо да ги внесе во службените книги, ги продал на две лица, со што на едното му прибавил противправна корист. Судот му изрекол и заштитна мерка – забрана за работа на одредено занимање три години по издржувањето на казната, а била одземена и имотната корист.

„Милијардерот“ од Долни Дисан

Истата 1973 година има и една необична финансиска приказна. Петре Ангелков, студент на Вишата техничка школа во Битола, од неготинското село Долни Дисан, склучил договор со белградска банка за орочени 500 динари – на 2.000 години.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Договорот бил направен на 2 октомври 1973 година, а според членот 2, орочувањето траело до 3973 година. Ангелков се одрекувал од правото да ја подигне сумата, и во свое име и во името на наследниците. По 3973 година банката се обврзувала на наследниците да им го исплати износот со камата, и тоа со стапка од 10 проценти или највисоката стапка предвидена за таков вид вложување.

Идејата ја добил како војник во Нашице, кога во списанието „Арена“ прочитал дека некој Норвежанец орочил пари на 1.000 години, а некој Македонец што работел во Швајцарија — на 1.002 години. Петре решил да ги надмине. Весникот шеговито го нарекува „милијардерот“ од Долни Дисан и додава дека, според неговите пресметки, сумата по 20 векови би била број со 76 нули.

Во групата „Временска капсула“, членот Бобан Стојановски направи и една интересна пресметка: тие 500 динари од 1973 година тогаш вределе околу 70 германски марки, односно приближно колку денешни 140 евра според куповната моќ. Ако се земе каматата од 10 проценти, до 2026 година сумата би пораснала на околу 5.570 евра; но ако договорот навистина „издржи“ до 3973 година, наследниците би гледале бројка од околу 1,3 × 10⁸⁴ евра – сума толку апсурдно голема што веројатно ја надминува и вкупната економија на светот.

Перница со милиони во пламен

Од Дебар пристигнува вест за пожар во селото Селокуќи, каде на полноќ изгорела куќата на Амит Машкули. Од силниот оган изгорела целата дрвна конструкција и останале само ѕидовите. Куќата била од приземје и кат, а дел од неа бил сопственост на Иса Машкули. Интересен детал е што двата дела биле осигурени на само 1.000 динари, колку што добиле кредит од Фондот за обнова и изградба на Дебар по катастрофалниот земјотрес.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Во пожарот изгореле покуќнината и зимницата, но била спасена една перница со околу 60 милиони стари динари, кои сопственикот ги чувал дома наместо во банка. Во гаснењето помагале селани, милиционери од станицата во Дебар и противпожарната служба, но се наведува дека противпожарната екипа со црево долго 70 метри не можела многу да стори.

Марки под јорган

Во Струга, пак, селанецот Назми Дика од селото Биџево, кој претходно работел во СР Германија, подигнал околу 11.000 германски марки од банката. Имaл намера да гради куќа и да набавува материјал. Парите ги подигнал во сабота и ги скрил под јорган.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Малолетникот К. С., добар другар со неговиот син, знаел дека дома има пари и решил да ги украде. Кога Назми со семејството заминал на гости во соседно село, малолетникот со нивниот клуч, за кој знаел каде го оставаат, ја отклучил вратата и почнал да ги бара марките. Претурал по долапи и ковчези, но не ги нашол. Пред да си замине, сакал да среди сè како што било, па при местењето на јорганите го забележал кесето со пари.

Ги зел марките, заминал во Охрид, разменил околу 200 марки во стоковната куќа и отседнал во ресторанот „Летница“. Полицијата за три дена го фатила таму – како пиел и читал романчиња. Во неговите џебови биле пронајдени сите марки, освен оние што ги разменил.

Директорот на „Орнамент“ повторно на обвинителна клупа

Во 1973 година се објавува и случајот со Страхил Ичитрајков, директор на „Орнамент“, кој според обвинението, користејќи службена положба, во периодот од втората половина на 1970 до 18 октомври 1972 година присвоил за себе и за други лица сума од 810.000 динари.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Ичитрајков веќе бил осуден за даночна махинација, а новиот обвинителен акт го товарел за несовесно работење во стопанството, продолжен грабеж и продолжен фалсификат на службени исправи. Се наведува дека како раководител на погон, а потоа како директор, составувал патни сметки со невистинити податоци, ги зголемувал дневниците, поднесувал сметки за репрезентација и километража, примал паушал за користење сопствено возило, земал стока за лични потреби без да плати и пополнувал фиктивни документи. Само преку фиктивни сметки и документи благајната му исплатила 156.733,40 динари.

Бобан Стојановски во групата „Временска капсула“ пресмета дека 810.000 динари од 1972 година би биле приближно околу 320.000 евра во денешна противвредност. Уште појасно: просечната плата во 1972 година изнесувала околу 1.600 динари, што значи дека сумата за која бил обвинет Ичитрајков одговарала на повеќе од 500 тогашни просечни плати.

Тврдоглав татко и јажиња до училиштето

Од Кратовско доаѓа еден трагикомичен образовен случај. Љубен Марковски од селото Вакв трипати со јаже го мерел растојанието од својот дом до училиштето во селото Секулица за да им докаже на наставниците дека оддалеченоста не е според прописите.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Според него, училиштето било подалеку од дозволеното: не пет, туку пет и пол километри. Затоа го попречувал натамошното образование на својот син. И покрај интервенциите на наставниците, тој не сакал да попушти. Со пријатели го мерел патот со долги јажиња и рекол дека не сака расправии, но неговото дете останувало на средпат со образованието.

Скопје со 10 грама месо на жител

Еден од најважните социјално-економски исечоци е текстот за месната криза во Скопје во 1973 година. Насловот е речиси суров: „По 10 грама месо на жител“.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Во нормални услови, според пресметките во текстот, на Скопје дневно му биле потребни околу 20.000 килограми месо. Се сметало дека градот има околу 400.000 жители, со годишна потрошувачка од околу 18 килограми месо по жител, што би значело 7.200.000 килограми годишно. Но во близу 200 продавници за месо во градот тогаш дневно се нуделе само околу 4 тони месо.

Славија“ во една седмица продала 9 тони месо, иако во нормални услови во своите 44 продавници продавала по 15 тони неделно. Директорот на секторот за деликатес и месо, Анатол Кутревски, објаснил дека претпријатието губи во просек 2,10 динари на секој продаден килограм месо, а само во јануари и февруари од продажба на месо имало планирана загуба од 250.000 динари.

Центроколонијал“ исто така се обидувал да помогне, продавајќи 13 тони месо во една недела. Во текстот има и фотографија на месарот Блаже Куноски, кој во „Центроколонијал“ ја мери последната кременадла.

Решението, според соговорниците, не било во локални импровизации, туку во сојузни или републички мерки, слободно формирање на цените и стимулирање на производителите на говеда, свињи и овци.

Ова е можеби најдобриот антиносталгичен исечок: во „доброто старо време“ Скопје имало 10 грама месо по жител, загуби во трговските претпријатија и потреба од интервенција од повисоко ниво.

„Украле“ мртовец

Еден од најбизарните, но и најтрагични случаи е оној од кругот на Државната болница во Скопје. На половина пат меѓу Хируршкото одделение и Институтот за судска медицина бил „украден“ трупот на Алија Муарем од страна на неговите роднини.

1973 година (исечок од Временска капсула)

Случајот започнал со расправија во близина на селото Брест, Скопско, поради место за продавање компири. По расправија и тепачка, Незир Рамони истрелал четири куршуми во Алија Муарем, кој бил пренесен во Скопје, но и покрај хируршката интервенција починал.

Роднините на покојниот решиле да го земат телото и да го закопаат во родното село Брест. Не помогнале протестите на болничарот што го носел телото на количка, ниту убедувањата на лекарот-обдуцент д-р Анастасов. Роднините ја реализирале намерата и најверојатно со комби го однеле мртовецот во селото, каде го закопале.

Истражниот судија Анастас Поп Горчев изјавил дека сега ќе мора да се изврши ексхумација за да се утврди дали куршумите што ги нанеле смртните повреди се од револверот на убиецот.

Рекордер на спортска прогноза

Но архивата не е само црна. Во 1973 година Скопје добило рекордер на Спортска прогноза. Тикетот број 31-075-776/8 бил единствен со сите 12 точни погодоци во 12. коло на Големата прогноза. Добивката изнесувала 747.134 динари – највисока награда дотогаш. Пресметано во денешни пари тоа изнесува приближно 340.000 евра!

Весникот потсетува дека и претходниот рекорд, од 390.000 динари, две години претходно заминал во Македонија, во Кавадарци. Честитки стигнале и од Дирекцијата на Југословенската лотарија, преку Радивое Гребенаровиќ.

Минатото било покомплицирано од нашата носталгија

Овие исечоци не докажуваат дека „тогаш било лошо“. Тоа би било исто толку погрешно како и тврдењето дека „тогаш било сè добро“. Тие само покажуваат дека минатото било реално. А реалноста никогаш не е еднобојна.

Затоа старите весници се важни. Тие не ни дозволуваат да го претвориме минатото во разгледница. Не ни дозволуваат ни да го фрлиме во црна дупка. Тие ни покажуваат општество во движење – со своите успеси, лаги, надежи, криминали, шеги, трагедии и апсурди.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *